Додека упатувал избезумени повици од хотел во Полска во близина на границата со Белорусија, неговото семејство се криело во ладен шумски ров од патролите на полската армија. Борбата на едно сириско семејство да преживее и да стигне на безбедно е микрокосмосот на мигрантската криза. Метју Луксмур
Раки Сроур ги минувал деновите во избезумени телефонски повици во хотел во Полска во близина на граница со Белорусија. Неговата сопруга Сафа се криела во ладен шумски ров на само три километри, очајно обидувајќи се да ги избегне патролите на полската армија. Ако се видат, би ризикувале да го доведат нејзиниот живот во уште поголема опасност.
Сроур, 25-годишен медицински работник кој доби азил во Германија во 2016 година е добредојден во Полска. Но, не беа добредојдени неговата сопруга, татко, сестра, брат, вујко и братучед, кои заминаа во Белорусија од нивниот дом во Сирија за да преминат во Полска со помош на белоруските граничари. Тие талкале низ полската дивина две недели, без храна или вода, спиејќи во мочуриштата.
За 24 часа 700 обиди за илегалени премини на мигранти од Белорусија во Полска
Двапати беа откриени и вратени назад во Белорусија од полските граничари, по што беа принудени да го започнат напорното патување од нула. Но, со оглед на тоа што ноќните температури сега се приближуваат до нулата, Сроур знаел дека се соочува со ужасен избор.
Оставањето на Сафа и членовите на неговото семејство во шумата може да биде фатално. Досега на полско белоруската граница загинаа најмалку 10 мигранти.
Обидот да ги прошверцува во Германија, каде што се надева дека ќе добијат азил, ризикуваше нивно апсење во полската област која е претворена во милитаризирана зона, бидејќи бројот на мигранти што минуваат од Белорусија, поттикнати од авторитарниот режим на Александар Лукашенко вртоглаво порасна.
Мигрантската криза долж границата на Полска со Белорусија е хуманитарна темпирана бомба која отчукува на источниот раб на ЕУ.
Илјадници баратели на азил допатуваа во Белорусија во последниве месеци, охрабрени од забрзаната обработка на визите и зголемениот број дневни летови од земји како Јемен, Ирак, Сомалија, Авганистан и Камерун. Иако огромното мнозинство продолжува кон Полска, многумина побараа влез во соседните Летонија и Литванија, исто така членки на ЕУ.
Француските власти го обвинија Лукашенко и неговото семејство за трговија со луѓе
Тоа е дел од државно спонзорирана шема за која претставници на ЕУ велат дека е еднакво на „хибридна војна“ што ја води Лукашенко како одмазда за западните санкции наметнати на неговата влада откако тој прогласи убедлива победа на изборите во август 2020 година, кои нашироко се оценети за наместени и започна брутално задушување на протестите против неговото континуирано владеење.
„Главната цел е да се казнат Литванија и Полска за нивната поддршка на опозицијата. Лукашенко смета дека нема што да изгуби“, вели Артсјом Шрајбман, белоруски политички аналитичар кој живее во егзил.
Бројките се зголемија кога тензиите меѓу Минск и Европа ескалираа во мај, откако Белорусија принуди комерцијален патнички авион за Литванија да слета во Минск за да можат властите да уапсат дисидент блогер кој беше во авионот.
Од август до октомври бројката на мигранти беше 17.300. Официјални лица во Берлин велат дека речиси 7.000 од тие луѓе се обиделе да влезат во Германија. На 21 октомври, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел побара нови санкции за режимот на Лукашенко, кој е поддржан од Русија, за, како што таа ја нарече, „трговија со луѓе поддржана од државата“.
Полска одговори со прогласување вонредна состојба на границата со Белорусија и распоредување на 10.000 војници во областа за да ги спречи мигрантите да влезат во земјата. Владата на националистичката Партија на правото и правдата одобри буџет од 407 милиони долари за граничен ѕид што треба да се изгради во наредните недели. Реториката на двете страни ескалира.
Полското Министерство за одбрана постојано ги обвинува белоруските војници дека се закануваат со употреба на оружје. Кон крајот на октомври Лукашенко тврдеше дека Полска ја користи мигрантската криза како изговор за да распореди војници.
Ставот на полската влада за задржување на мигрантите наиде на поддршка од екстремната десница и реакција од либералите. Демонстранти маршираа низ Варшава и други градови извикувајќи „Стоп за тортурата на границата!“ Владата одговори со, како што велат критичарите, дезинформации кои имаат за цел да го разгорат народното антимигрантско чувство.
Во септември министерот за внатрешни работи Мариуш Камински покажа развратни фотографии, наводно пронајдени на мобилните телефони на мигрантите, за кои се покажа дека се лажни. Во октомври, државната телевизија објави дека имало наводно пукање од мигранти во Шведска и сугерираше дека „такви работи се случуваат низ Европа речиси секој ден“. Снимка всушност била од измислена серија на Нетфликс. На истокот на Полска пак, животот е прекинат.
Локалните жители во Хајновка и другите градови во близина на границата се под редовни полициски контроли кога одат на работа или во самопослуга. Армиски камиони се движат низ улиците, носејќи војници кои се сместуваат во локални хотели.
„Се чувствувам како да живеам во воена зона“, вели Касија Вапа, жителка на Хајновка која им помага на мигрантите, додавајќи: „И единствените луѓе што се движат ноќе се бегалци, шверцери и активисти“.
Полска ќе ја зајакне безбедноста на границата поради мигрантите
Многумина ризикуваат апсење, наведувајќи го моралниот кодекс за кој велат дека им недостасува во активностите на нивната влада: келнерка која ги пребарува локалните патишта предупредувајќи на полициски контролни пунктови пред обидот на активистите да извлечат некое семејство надвор од шумата; таксист кој превезува мигранти кои влегуваат во градот и кој поради тоа се соочува со високи парични казни и криминално досие доколку биде фатен; многу волонтери како Вапа кои ги поминуваат деновите и поголемиот дел од ноќите носејќи им храна и облека за мигрантите.
Луѓето со кои се среќаваат на патот се на работ на хипотермија и глад. Но, за повеќето, не е водата или облеката тоа што на крајот ќе им го спаси животот.
Активистите велат дека најочајно се бара мобилен телефон кој е единствениот начин да ги информирате активистите за вашата локација и да му дадете на вашето семејство до знаење дека сте сè уште живи. „Кога умираат, можат барем да повикаат полиција“, вели Навал Суфи, италијанско-марокански активист за права кој патувал по границата.
Приказните што ги раскажуваат мигрантите се скоро секогаш исти. Тие плаќаат и по неколку илјади долари за тури на компании со врски со белоруските власти, кои организираат лет и виза, краток престој во хотел во Минск и трансфер до полската граница.
Откако ќе се најдат на полска територија, или се пресретнати од полските гранични сили кои ги враќаат преку граница, практика забранета со меѓународното право, но одобрена од полскиот парламент минатиот месец, или талкаат низ шумата додека не добијат сигнал од шверцерите и брзаат кон колата што ги чека.
Варшава: Белоруските сили пукале врз полските војници, Минск негира
Доколку бидат фатени и вратени во Белорусија, многумина велат дека биле претепувани од белоруските граничари и повторно принудени да одат кон Полска, често поминувајќи денови во пуст појас меѓу двете земји. Некои плаќаат мито за да бидат вратени во Минск за да се вратат во земјите од каде што дошле.
„Поминав четири ноќи во мочуриште и 10 дена без вода“, вели Карар, ирачки Курд кој патува со својата бремена сопруга, наведувајќи дека потрошил 6.000 долари за да стигне до Полска и дека бил вратен седум пати од граничарите. „Тие не третираат како животни“, наведува тој.
Семејството на Сроур, кое полета од Дамаск за Минск на 20 октомври, двапати беше враќано откако помина километри на полска територија. Неговиот татко, кој има 70 години, рече дека тие поминале повеќе од пет дена без храна пред да пронајдат пакет со залихи оставен од активистите. 37-годишниот брат на Сроур, Раад, кој патувал со нив, на 25 октомври бил искасан од полициско куче и одведен во болницата Хајновка.
Полскиот Сејм одобри владата да потроши 351 милион евра за ѕид на границата со Белорусија
Сроур успеал лично да достави материјали до своето семејство во два наврати. Како и стотици други мигранти кои отпатуваа за Белорусија барајќи подобар живот, Сроур и неговото семејство мислеа дека станува збор за релативно лесно патување до Германија, охрабрени од оптимистичките објави на интернет форумите на арапски јазик.
Тој и Сафа првпат се сретнаа како тинејџери соученици во Дара, и се надеваа дека ќе имаат официјална церемонија на брак по нејзиното пристигнување во Германија во октомври, на која ќе присуствуваат роднините и германското семејство домаќин на Сроур.
„Сè беше различно во мојата имагинација“, рече тој на 4 ноември, додавајќи: „И сега таа и јас страдаме и покрај тоа што сме две милји оддалечени и тешко можеме да се видиме. Ова е невозможно да се каже со зборови“.
За ова конкретно семејство, тешкотијата крај границата заврши добро. Рано утрото на 5 ноември, полските активисти успеаја да ги изведат Сафа и другите надвор од шумата и со два автомобила да ги пренесат до Хајновка. Тие сега се безбедно во Германија.
Сепак, има многу други како Сроур, кои се во хотелите во полските погранични градови додека поднесуваат апели до секој што би можел да им помогне на нивните семејства да дојдат на безбедно.
А работите ќе станат многу полоши кога ќе дојде зимата, предупредуваат жителите во Хајновка. Температурите во граничната област често се спуштаат до минус 15 Целзиусови степени, што значи дека стапката на смртни случаи во блиската шума може брзо да се искачи.
Активистите кои им помагаат на мигрантите ја критикуваат, како што велат, непопустливоста на нивната влада и тврдат дека Полска лесно може да се справи со 30.000 бегалци.
„Можеме и мораме да ги пуштиме овие луѓе“, вели 23 годишниот Анджеј Квјатковски, кој неодамна се пресели од Варшава во Хајновка за да им помага на мигрантите. „Проблемот е што нашата влада победува на изборите со тоа што ги држи надвор“, заклучува тој.