Патот од образованието до пазарот на трудот, не е ист или не е подеднакво чист за сите млади во Македонија. Дел од нив, барајќи го она што најмногу им одговара, побарале патоказ во „МладиХаб“, преку програмата за кариерно советување која е во тек.
Апсолвентката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), 23 годишната Теодора Томеска, наскоро ќе има диплома од катедрата за Примена на е-технологии, а нејзино хоби е 3Д дизајнот.
„Баш сум некако на крстосница, дали да одлучам да продолжам по струката од факултет или да одам сепак во насока на дизајн, програмирање на видео игри на пример, бидејќи тоа ми се хобито и желбите. Бидејќи на некој начин еднакво ги сакам овие работи, помислив дека оваа обука би ми помогнала да се одлучам во која насока да продолжам“, изјави Томеска за РСЕ.
На средбата со менторите, низ откривање на желби и проценката на можности, како и низ дискусијата со други млади луѓе, сфатила дека во игра е и нова опција.
„Интересно е што јас за време на обуката некако повеќе се пронајдов во насоката за човечки ресурси, отколку во она што јас го сакам, правам и учам во моментот. ФИНКИ и 3Д е нешто сосема различно, ако не и спротивно од човечки ресурси, но јас сум таков човек и по карактеристиките и по вредностите кои ги имам. Многу повеќе сум човек кој сака да биде околу луѓе, сакам комуникација и да се дружам со други. Енергијата ја црпам од луѓето“, вели студентката.
Според Томеска, токму карактерот има посебно важна улога во процесот на барање на вистинската професија.
„Сметам дека младите не се доволно пронајдени, бидејќи некој отишол на некој факултет или на некој курс по своја желба, а друг можеби по нечија сугестија, па се случува понекогаш да сфатат дека сакаат нешто друго. Младите кои се на чекор од избор, не мора да е само после факултет, може да е и после средно образование, преку нешто вакво, ќе можат да си одлучат според нивниот карактер и личноста која што ја изградиле до нивната возраст, што понатаму е најдобро за нив“, истакна Томеска.
Дваесетичетиригодишната Сабрије Тефики, која завршила мастер студии по Педагошка психологија на Универзитетот во Тетово, вели дека ваква обука им помага на младите да направат врска помеѓу она што го сакаат и она што го можат.
„Идејата е дека и после завршувањето на студиите, откако веќе сме одлучиле што сакаме да студираме и да работиме, очигледно е дека светот постојано се менува и токму заради ова се вклучив во проектот за развој на кариера, кадешто дискутираме кои се нашите цели, што сакаме да постигнеме. Тука добив повеќе информации за тоа кои се моите можности во корелација со тоа што јас го сакам, кадешто можам да срочам еден план по којшто посигурно ќе можам да си го изодам патот кон мојата професија“, изјави Тефики за РСЕ.
„Многу млади сега сакаат да работат нешто што за нив ќе биде предизвик, за да дадат повеќе од себе, не како што беше порано, да најдат една работа со работно време од 8 часа за одредена плата“, вели тетовчанката Тефики.
На обуката која ја посетуваат Томеска и Тефики се млади луѓе со завршено средно образование кои се надеваат дека ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот преку групна и индивидуална работа со експерти во полето.
За време на сесиите, како што велат од МладиХаб, учесниците прават детална самопроценка, поставуваат реалистични кариерни цели и изработуваат индивидуален план за вработување со помош и поддршка од искусни ментори од CEED Hub Скопје.
Обуката е дел од проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите”.