Достапни линкови

Вести

Македонското знаме во НАТО во Пентагон

Пентагон- Министерката Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер пред македонското знаме во холот на НАТО
Пентагон- Министерката Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер пред македонското знаме во холот на НАТО

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодарила на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.

Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.

Државава во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.

види ги сите денешни вести

Се бара притвор за скопјанецот кој ја претепа партнерката и нејзините деца

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил две продолжени кривични дела – Тешка телесна повреда по член 131 со став 2 и став 1 и едно продолжено кривично дело – Тешка телесна повреда по член 131 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Во период од 4 до 7 март, во семејниот дом во Визбегово, осомничениот 24-годишник со умисла во повеќе наврати вршел семејно насилство и со тупаници, клоци и тврд предмет ѝ нанел тешки телесни повреди на оштетената негова вонбрачна партнерка и нејзините две малолетни деца на возраст од 10 и 4 години.

Тој континуирано физички ја напаѓал жената. При тоа, ѝ нанел повеќе скршеници и други повреди.

Кај помалото дете со тепање предизвикал хематом на црниот дроб, контузии со хематоракс на белодробно десно крило, лузни на лицето и отсуство на заби во устата, додека кај постарото предизвиканите тешки телесни повреди се животно загрозувачки скршеници на коски на череп.

Со тешкото семејно насилство сакал да ги натера парите од просење да му ги носат нему.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. По целосно прибирање на доказниот материјал, не е исклучена можноста и за потешка правна квалификација на делото, наведуваат од Обвинителството.

Берлин, Париз, Лондон и Рим го поздравија арапскиот план за обнова на Газа

Газа, архивска фотографија
Газа, архивска фотографија

Германија, Франција, Велика Британија и Италија денеска (8 март) го поздравија арапскиот план за Газа, кој како што наведоа во заедничко соопштение, е реалистичен план за реконструкција на Газа.


„Доколку се спроведе овој план кој ветува брзо и трајно подобрување на катастрофалните услови за живот на Палестинците кои живеат во Газа“, пишува во соопштението на министрите за надворешни работи на овие земји, објавено во Берлин.


Заедничката изјава доаѓа откако Организацијата за исламска соработка и официјално го усвои арапскиот план. Арапската иницијатива е одговор на предлогот на американскиот претседател, Доналд Трамп кој рече дека сака САД да ја преземат контролата на оваа палестинска територија.


Организацијата за исламска соработка, која го претставува муслиманскиот свет, ја повика меѓународната заедница и меѓународните и регионалните финансиски организации брзо да ја обезбедат потребната поддршка за нивниот план.

Планот што го подготви Египет предвидува повторна изградба на Појасот Газа, уништен по 15 месеци војна меѓу Израел и Хамас.

Планот, исто така, предвидува де факто отстранување на Хамас и враќање на Палестинската власт на територијата, од која беше протерана во 2007 година од страна на исламистичкото движење.


Планот, сепак беше одбиен од Израел и критикуван од САД.

„Јасно ни е дека Хамас повеќе не треба да владее со Газа или да претставува закана за Израел. Ние ги поздравуваме сериозните напори на сите вклучени сили и го цениме важниот сигнал испратен од арапските земји за заеднички развој на овој план за реконструкција и реконструкција", се вели во заедничката изјава на европските министри.

Министрите наведоа дека се обврзани да работат со Арапската иницијатива, Палестинците и Израел за заедничко решавање на овие прашања, вклучувајќи ги и прашањата за безбедноста и управувањето.

Жена и нејзините две деца тешко повредени по претепување од нејзиниот партнер

Илустрација
Илустрација


Вчера околу 14,30 часот на подрачјето на Аеродром, 39-годишна жена и нејзините две малолетни деца биле исфрлени од возило управувано од нејзиниот вонбрачен партнер Ф.Ф. (24) од село Радуша. Неколку часа подоцна случајот бил пријавен во Полициската станица Чаир, соопшти МВР денеска (8 март).


При укажување на лекарска помош во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ констатирани се тешки телесни повреди како кај 39-годишната жена, така и кај нејзините деца. Според кажувањето на мајката, повредите биле предизвикани од Ф.Ф. кој во изминатите три дена во куќа во селото Визбегово ги тепал со тврд предмет неа и нејзините две деца, информира полицијата.


Постапувајќи по пријавата полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Ф., како и неговиот татко И.Ф (68) којшто во текот на полициското службено постапување со секира ги нападнал полициските службеници.


По целосно документирање на случајот ќе следат соодветни пријави – најавија од МВР од каде информираа за уште два други случаи на родово базирано насилство.

Околу 40 минути по полноќ во Тетово, службеници постапувајќи по претходна пријава од 33-годишна девојка од Тетово го лишиле од слобода Ф.Б.(33) од село Стримница, тетовско, поради постоење основано сомение за сторено кривично дело по чл.144 ст.1 од КЗ на РСМ.


Според пријавителката Ф.Б. претходниот ден околу 23,50 часот дошол пред домот на пријавителката каде што кон неа и кон нејзиното семејство упатувал закани по живот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок – соопштија од МВР.


Во полицискиот билтен се наведува и дека вчеравечер во ОВР Гостивар, 38 годишна жителка од Гостивар, пријавила дека во период од 03.03 до 03.06.2025 година нејзиниот вонбрачен сопруг С.А. од Гостивар, полово ја вознемирувал и допирал нејзината малолетна ќерка којашто сè уште не наполнила 15 години.

Според пријавителката додека вербално се расправила со С.А истиот и физички ја нападнал. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Повик за безбедност и еднаквост на Маршот за женски права во Скопје

Марш за женски права во Скопје
Марш за женски права во Скопје

Со барање за вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството се одржа Маршот за женски права во Скопје. Организиран од Платформата за родова еднаквост по повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, маршот оваа година го носеше слоганот „Нека јадат ружи!“.

Организаторите истакнаа дека 8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази, туку за феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.

Тие потсетија дека жената не е безбедна ниту дома, ниту на улица, дека нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту слободен ден во маркет, а споделеното родителско отсуство често не е опција. Воедно, нагласија дека на работа редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и сексизам.

- Сакаме да ги потсетиме институциите и јавноста дека повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово базирано насилство - посочија тие.

Маршот, исто така, повика на вклученост на жените во урбанистичкото планирање, крај на експлоатацијата и работната дискриминација, како и на отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди.

- Сакаме отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди, порачаа тие.

Меѓународниот ден на жената е глобален празник кој се одбележува секоја година на 8 март. Овој ден е посветен на признавање на социјалните, економски, културни и политичките достигнувања на жените ширум светот. Исто така, служи како повик за акција за забрзување на родовата еднаквост.

Мицкоски за паркингот на Клинички: Ако јавноста не сака, нема да го потпишеме договорот

Клинички центар „Мајка Тереза“ - Скопје, архива
Клинички центар „Мајка Тереза“ - Скопје, архива

Одлука на Влада нема, договор не е потпишан, ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме. Ова го изјави денеска (8 март) премиерот, Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе, прашан за најавите дека албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје.

„Одлука се носи врз основа на физибилити-студија, физибилити-студија така кажала. Второ, распишан е оглас, се јавила само една компанија иако критериумите се прилично широки. Трето: ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ја слушаме ние јавноста. Јавноста е незадоволна. Од сето ова што претходно го кажав се е според закон, тоа не значи дека ќе потпишеме договор“, рече Мицкоски.

Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор. Ги повика Градски паркинг Скопје да направат ред бидејќи Клиничкиот центар не функционира, како што кажа, во нормални услови.

„Таму стопанисува Градски паркинг - Скопје, еве тие нека направат ред, немаме ние против, само нека се реши гужвата и тие од Свети Николе кога ќе дојдат да имаат пристојни услови нормално да функционираат и нормално да функционира Клиничкиот цернтар. Физибилити студијата од претходната влада самата така вели“, смета Мицкоски.

Слична изјава вчера даде и министерот за здравство, Арбен Таравари кој рече дека доколку на јавноста не ѝ се допаѓа понудата и има укажувања од Владата за пропусти, тендерот ќе се поништи.

„Договорот не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи јавноста што ќе каже, ако ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година“, одговори Таравари на новинарско прашање при вчерашната посета на Клиниката за инфективни болести.

Министерот смета дека понудената цена е добра.

„Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо би било идеално. Во Скопје има места со 100, 150 денари за паркинг, така што мислам дека 50 денари е пристојна и не е некоја многу висока цена“, рече Таравари.

Реакција од опозицијата

По неговата изјава, опозициската СДСМ реагираше преку писмено соопштение во кое обвини дека зад договорот за паркингот на Клиничкиот центар „стои криминален интерес“.

„Граѓаните ќе плаќаат 50 денари на час за да одат на лекар, наместо 30 како досега. Пациентите немаат избор, тие мораат да дојдат во Клиничкиот центар и владата ги уценува со високи цени”, истакнаа од СДСМ.

Според опозицијата, компаниите се воздржале од учество во тендерот за паркингот, бидејќи „се сомневаат во иднината на Клиничкиот центар“.

„Само пред еден месец, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека изградбата на нов Клинички центар е стопирана поради демографски причини. Па што е вистината?“ – се додава во соопштението од опозицијата.

Медиумите претходно објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да ѝ префрли само 1 отсто од годишните приходи.

Зеленски по новите руски напади: Целите на Русија се непроменети

Украина - Последици од рускиот напад врз регионот Харков, 8 март 2025 година
Украина - Последици од рускиот напад врз регионот Харков, 8 март 2025 година

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски изјави дека последните смртоносни воздушни напади на Русија покажале дека воените цели на Москва се „непроменети" и повика на нови санкции.

„Напади како овој покажуваат дека целите на Русија се непроменети", напиша Зеленски на социјалната мрежа Телеграм денеска (8 март).

„Затоа е многу важно да продолжиме да правиме сè што можеме за да ги заштитиме животите, да ја зајакнеме нашата воздушна одбрана и да ги зголемиме санкциите против Русија".

Руските воздушни напади во текот на ноќта на истокот на Украина убија најмалку 20 луѓе во регионот на Донецк, според локалните власти, а најмалку 11 смртни случаи се пријавени во градот Добропиља.

Нападите се случија еден ден откако Русија започна масовен напад со ракети и дронови врз енергетската и гасната инфраструктура во повеќе региони на Украина.

По нападот врз енергетската инфраструктура на Украина, претседателот на САД Доналд Трамп вчера (7 март) се закани дека ќе наметне дополнителни санкции на Русија, чија инвазија на Украина е во својата четврта година.

Масовниот, односно триесеттиот врз енергетската инфраструктура на Украина од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година е дел од пошироката руска стратегија насочена кон критичната енергетска инфраструктура на Украина. Во текот на изминатите две недели, цел на руските напади постојано беа енергетските објекти во регионот на Одеса.

И покрај постојаното негирање на Москва дека ја имала за цел цивилната инфраструктура, Украина и меѓународните организации ги нарекоа нападите воени злосторства, повикувајќи се на намерно таргетирање на болници, училишта, енергетски објекти и системи за водоснабдување низ целата земја.

Зеленски ги повика сојузниците на неговата земја да извршат притисок врз Русија да стави крај на војната.

Во вечерното обраќање на 7 март пред последните руски напади, Зеленски рече дека Украина сака мир „што е можно поскоро" и е „решена да биде многу конструктивна".

„Темата е јасна: мир што е можно поскоро", рече тој.

Трамп не навлезе во детали за потенцијалните мерки. Неколку дена по неговата инаугурација на 20 јануари, тој зборуваше за потенцијална употреба на „даноци, тарифи и санкции" за да ја доведе Русија на преговарачката маса, но не беа објавени нови мерки.

Новиот коментар беше еден од неколкуте кои ги даде во последните неколку недели за тоа што би можело за да се направи за да се донесе Русија на масата. Говорејќи во Белата куќа подоцна на 7 март, Трамп изјави дека верува дека рускиот претседател Владимир Путин сака мир, но сугерирал дека сака и посилни гаранции од Киев.

„Мислам дека и двете страни сакаат тоа да се реши", рече тој, но "искрено, потешко ми е да се справам со Украина".

Трамп ја бранеше својата одлука оваа недела да ја суспендира воената помош за Киев и да ја ограничи размената на разузнавачки информации со Украина, велејќи: „Морам да знам дека тие сакаат да склучат договор. Ако тие не сакаат да се смират, ние ќе си заминеме".

„Украина треба да се справи и да ја заврши работата", рече тој.

Главен извор на неодамнешните тензии помеѓу САД и Украина беше отпорот на Трамп на постојаните барања на Зеленски за конкретни гаранции за безбедност за Киев во случај на прекин на огнот или мировен договор. Запрашан за тоа при неговото појавување во Белата куќа, Трамп рече: „Пред воопшто и да размислувам за безбедносни гаранции, сакам да ја решам војната".


И покрај тензиите, постои дипломатски притисок врз мировните разговори во кои украинската делегација ќе отпатува во Саудиска Арабија следната недела за да се сретне со официјални лица на САД за да се изработи рамка за мировен договор.

На настанот во Белата куќа со Трамп на 7 март, советникот за национална безбедност Мајк Валц изјави дека тој и државниот секретар Марко Рубио ќе се сретнат со украинската делегација во Саудиска Арабија. Валц рече дека мисли оти САД ќе ги врати работите на вистинскиот пат со Украина

Српскиот министер за култура Никола Селаковиќ нападнат во Белград

Никола Селаковиќ, архивска фотографија
Никола Селаковиќ, архивска фотографија

Министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ бил физички нападнат во Белград, но се чувствува добро, а случајот е веќе пријавен во полиција.

„Непознато лице ме нападна од зад грб додека одев да ги посетам родителите, околу 25 минути до 10 часот“, изјави Селаковиќ гостувајќи во дневникот на Радио-телевизија Србија (РТС) за нападот кој се случил вчеравечер.

Тој наведе дека личноста која го нападнала му упатила и пцовки.

„Кога се свртев за да разговарам со него, тој ме удри и избега. Ме удри во пределот на главата, од левата страна на носот“, изјави Селаковиќ додавајќи дека е исечен во пределот на левата слепоочница и дека очилата му паднале при ударот.

Откако бил прегледан од страна на лекар, тој со медицинскиот извештај го пријавил случајот во полиција. Нападот беше осуден од српскиот претседател, Александар Вучик, но и од премиерот во оставка Милош Вучевиќ и од министерката за правда, Маја Поповиќ.

„Сакам да ве повикам да го сочуваме мирот, бидејќи пристојна Србија не може да ја победат. Тие го нападнаа и министерот Селаковиќ. Тие мислат дека решиле проблем. Не. Тие само уште еднаш покажаа што навистина мислат за демократијата во земјата и како ќе се однесуваат кон луѓето кои мислат различно од нив", напиша српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм профилот Иднината на Србија.

Министерката за правда, Маја Поповиќ остро го осуди нападот врз Селаковиќ, изјавувајќи дека таа е „вџашена што член на Владата на Србија бил претепан среде улица во центарот на Белград".

„Верувам дека одговорните за овој напад ќе бидат идентификувани и гонети наскоро. Физичкиот напад врз службеник е секако последица на атмосферата на линч и насилство што опозициските политичари го спроведуваат против оние кои мислат поинаку", рече Поповиќ.

Премиерот во оставка, Милош Вучевиќ изјави дека очекува итна реакција од надлежните власти.

Ѓорѓе Миличевиќ, министер без ресор задолжен за односи со дијаспората, исто така го осуди нападот, велејќи дека тоа е директен напад не само врз еден човек, туку и врз институциите на државата Србија, демократијата, правото на различно мислење и основните цивилизациски вредности.

УЈП: Нова можност за издавање код за идентификација за интегрирана наплата

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Заврши надградба на системот за е-Даночни услуги преку воведување на нова функционалност, поднесување на барање за издавање на код за идентификација за потпишување на МПИН пресметките изготвени преку тековниот систем за пресметка на плати - информира Управата за јавни приходи (УЈП).

-Се повикуваат обврзниците кои имаат проблем со кодовите за идентификација за потпишување на МПИН пресметките, барањата за издавање на нови кодови да ги поднесат преку системот е-Даночни услуги. Барањето се наоѓа во менито „Прегледи и извештаи “ во подмени „Барање за издавање на клуч за спремање на плати“. Издадените кодови ќе бидат поставени на вашите профили на системот е-Даночни услуги во наведеното мени, велат од УЈП.

Дополнително, додаваат, информиравме дека обврзниците кои се одлучиле МПИН пресметките да ги изготвуваат преку системот е-Даночни услуги согласно соопштението од 6 март 2025 година, нема потреба да поднесуваат барање за издавање на клуч за пресметка на плати.

Најавуваат дека Управата за јавни приходи ќе излезе со дополнително соопштение кога целосно ќе започне да се користи новиот начин на пресметка на платите

Пукање во паб во Торонто, ранети се 12 лица

Илустрација
Илустрација

Десетина луѓе се повредени во пукање во паб во Торонто, информираше канадската полиција во петокот вечерта (7 март).

Полицијата соопшти дека била повикана на пријави за повеќе луѓе кои биле застрелани околу 22:40 часот - објави агенцијата АП денеска (8 март).

Службата за итна медицинска помош соопшти дека со повреди се здобиле 11 лица, од кои некои се полесно повредени, а некои се со критични повреди. Сепак, полицијата подоцна објави дека бројот на повредени е 12.

Полицијата информираше и дека осомничен кој носел црн дуксер со качулка е виден како бега со сребрен автомобил и сè уште е на слобода. Луѓето се предупредени да се држат подалеку од областа.


Денеска полицијата на социјалната мрежа Икс (X) објави дека за пукањето се осомничени тројца мажи и сите ресурси се распоредени за да се лоцираат и уапсат одговорните.

Градоначалничката на Торонто, Оливија Чоу изјави дека разговарала со шефот на полицијата и ѝ било кажано дека „сите потребни ресурси" се распоредени.

„Ова е рана и тековна истрага - полицијата ќе даде дополнителни детали. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства", напиша таа на социјалните мрежи.

Рубио: Дејствата на Додик ја загрозуваат безбедноста на БиХ

Марко Рубио, архивска фотографија
Марко Рубио, архивска фотографија

Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека „дејствата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик ги поткопуваат институциите на Босна и Херцеговина и ја загрозуваат нејзината безбедност и стабилност“.


„Нашата влада ги повикува политичките лидери во Босна и Херцеговина да се вклучат во конструктивен и одговорен дијалог. Ги повикуваме нашите партнери во регионот да ни се придружат во спротивставувањето на ова опасно и дестабилизирачко однесување“, напиша Рубио на социјалната мрежа Икс (X).

Американскиот државен секретар реагираше на последните изјави на претседателот на Република Српска, Милорад Додик кој на 5 март потпиша декрети за прогласување на неуставни закони усвоени од страна на Народното собрание на Република Српска со кои се забранувааат активностите на Судот и Обвинителството на БиХ, Агенцијата за истрага и заштита - СИПА БиХ и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ.

На 7 март, Уставниот суд на Босна и Херцеговина издаде привремена мерка и ја прекина примената на овие закони.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG