Достапни линкови

Николов - Неорганизирани и против четвртиот ковид бран


Николов: Не поддржувам бунт против вакцинацијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:50 0:00

Николов: Не поддржувам бунт против вакцинацијата

За жал, и за овој четврт бран чувството и кај мене и кај колегите е дека не гледаме јасно кој е планот. Општото чувство е дека повторно влегуваме во нешто, можеби повеќе спремни од претходно, но не задоволително, заради тоа што чувството на неорганизираност и недобар план и понатаму постои, вели доктор Игор Николов, Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Господине Николов, ве прашувам лично како лекар – Како се справи македонскиот здравствени систем, вашите колеги со епидемијата на коронавирусот досега?

Сега го живееме четвртиот бран на ковид-пандемијата и очекувањата, ветувањата и она што секогаш го добиваме после секој бран како лекари и здравствени работници е дека следниот бран или што и да се случи сега ќе бидеме поподготвени и подобро ќе одговориме на предизвикот. За жал, за време на овој четврт бран чувството и кај мене и кај колегите не е такво, заради тоа што се среќаваме со една состојба во којашто не го гледаме јасно кој е планот. Се прекинуваат одмори на колеги и на медицинскиот персонал којшто не е одморен две години и доколку беа спремни тимовите, доколку беа спремни ротациите сето тоа веќе требаше да биде испланирано и подготвено и да нема прекини на она што се случува и да нема дисконтинуитет. Но за жал, општото чувство е дека повторно влегуваме во нешто, можеби повеќе спремни од претходно, но не задоволително, заради тоа што чувството на неорганизираност и недобар план и понатаму постои.

Хипотетички, што ако Вие бевте на местото на министерот за здравство Венко Филипче. Што би преземале за да се справи здравствениот сситем подобро?

Ова што сега ни се случува е влегување во едни мерки одеднаш. До извесен период ние бевме во еден период кога немавме никакви мерки. Доколку се преземеше нешто пред месец и половина или кога беше најавен овој четврт бран, овој Делта бран, тоа беше на почетокот на јули месец, дури и нашата Комисија даде јасни, кратки, 15 предлози со кои требаше да се подготви здравствениот систем.


На кои точно мерки мислите дека требаше да се преземат порано?

Како најпрво и најзначајно требаше да се воспостави контрола на границите, на граничните премини. Во никој случај не смееше да се дозволи луди журки и забави во затворен простор. Можеби тоа не беше дозволено на хартија, официјално напишано, но сите бевме сведоци. Ние кога сме сведоци дека нешто се случува, не видовме корективна реакција. Овие собирања во затворен простор траеја два и пол месеци, сите бевме свесни дека тоа ќе резултира со некаков исход, но никаква мерка не беше преземена, никаква корективна акција не видовме. Не можеме само да кажеме дека имавме мерки на хартија, но некој не ги спроведувал и не го контролирал мерките.

За вакцините, вашата партија во март, кога немаше вакцини, тврдеше дека доколку има би се спасиле човечки животи. Сега кога има вакцини и кога се донесе мерката дека не може во кафеана да се влезе без вакцинален сертификат, вашата партија вели дека мерките се фашистички. Какво е вашето мислење за ова.

Таквата квалификација не е дојдена од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Морам да ви кажам дека централната здравствена комисија предводена од мене и највисокото раководство на партијата во континуитет повикуваме на вакцинација на популацијата. Сето тоа не може да не класифицира во категоријата на некој што бил против вакцинацијата. Ние цело време потенциравме дека доколку вакцините беа навремено на располагање, доколку навистина се спроведеше едена вистинска стимулација на процесот на вакцинација и едно вистинско забрзување со промотивни мерки и промотивни активности на вакцинацијата, ние ќе имавме поголем вакцинален опсег. Ние не можеме во моментот да се пофалиме со вакцинален опсег од 32 проценти со прва доза од општата популација. Мала ни е бројката на вакцинирани од возрасната популација. За сето тоа зборуваме и дури забрзувањето на вакцинацијата беше една од препораките што ги дадовме пред да почне летото.


Проверив сега по прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ, терминот што го употребувале е - фашизоидни мерки за вакцинално картонче во кафеана, бидејќи рековте дека тој термин не произлегува од вашата партија. Слични мерки имаше и во Франција и таму не може да се влезе во кафеана без вакцинален картон. Во САД, во некои од големите корпорации како услов да се остане на работа го имаат вакциналниот картон. Што треба според вас да се направи за да се зголеми опфатот на вакцинација?

Во неколку наврати советував и јас и здравствената комисија дека се потребни промотивни мерки. Да не бидат мерките брутално наложени. Доколку оваа активност или оваа најава, бидејќи кај нас најголем проблем беа кафаните, но не е само тоа, предлозите беа донесени брзоплето откако имавме покачена бројка на заразени. Овие активности, овие мерки нема да дадат резултат сега, туку за четири до шест недели. Доколку тие беа предложени порано ќе беа подобри, а нивната реализација можеше да не биде во моментот. Ние предложивме мерки, за кои наместо да има грејс период или период на адаптација, рековме дека од утре ќе бидат апликативни, за жал, од утре не можеше да се аплицира и тоа е многу тешко и многу лошо ја прифати популацијата. Популацијата тоа го прифати како дека докторите се криви за тоа, и тоа посебно не боли нас медицинските лица. Е сега кога спомнавте за Франција, таму се донесе закон со кои се донесоа ваквите мерки. Тој закон помина на Парламент, помина на Сенат. Беше поднесен до Уставен суд и Судот го помина и го одобри законот. Зошто се поднесе законот? Затоа што доколку се одлучат, се донесат вакви мерки од денес за утре, кои не се добро осмислени, не се добро испрецизирани, ние го доживеавме тоа не се знаеше кој ќе ги контролира луѓето, не се знаеше во кои простории, не се знаеше за кои институции се однесува, не се знаеше точно каде ќе се спроведуваат и заради тоа велевме дека постои широк простор за дискриминација на популацијата на која ќе бидат аплицирани овие мерки. Имаме мерки каде што се предлага вакцинален картон или пас, но во мерката немаме предвидено дека и вработениот во тој бар или ресторан и тој треба да биде вакциниран и тој треба да биде заштитен од ковид-19. Заради тоа нашето тврдење и понатаму е дека доколку не се осмислат вистински мерки, доколку не се испрецизираат и не се заштитат правата на граѓаните постои голема и широка можност за нивна дискриминација. Бидејќи не се однесува само за мерки за рестораните и кафаните, истото е и за компаниите кои вработуваат работници. Туку просторот доколку не е прецизиран постои голема можност за нарушување на човековите права.

Господине Николов како лекар, го подржувате ли протестот што се случи неделава против мерките за вакцинален картон за во кафеана?

Прво ВМРО-ДПМНЕ не ги организираше тие протести. Второ не подржуваме протести, бунтови против вакцинацијата. Тоа го кажав јавно во повеќе наврати.

Целото интервју со доктор Игор Николов, Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG