Вести
Гани: Несигурноста во Авганистан е поради ненадејната одлука на САД

Ашраф Гани за моменталната несигурност во Авганистан ја обвини „ненадејната“ одлука на Вашингтон да ги повлече војниците од земјата, во услови кога владините сили се борат против Талибанците за контрола врз јужниот главен град на провинцијата Хелманд.
За време на викендот се водеа борби во Лашкар Гах - главниот град на провинцијата, каде Талибанците започнаа координирана офанзива во центарот на градот, само неколку часа откако Владата објави распоредување на стотици специјалци во областа.
Талибанските милитанти, исто така, продолжија со нападите во текот на ноќта врз најмалку два други провинциски престолнини - Кандахар, исто така на југ и Херат во западниот дел на Авганистан - по тешките борби во текот на викендот поради кои илјадници цивили ја напуштија областа соочена со насилство.
„Причината за нашата ситуација е што одлуката беше донесена нагло“, рече Гани на заедничката седница на Парламентот.
Тој ја обвини „ненадејната одлука за повлекување на меѓународните трупи“ и рече дека го предупредил Вашингтон за таквите „последици“.
Но, тој рече дека неговата влада има план да ги стави условите под контрола во рок од шест месеци и дека САД го поддржуваат планот.
Инаку, американскиот претседател Џо Бајден објави дека американските сили ќе се повлечат од Авганистан до крајот на август, а дека странските војници под команда на НАТО исто така се повлекуваат во координација со нив.
Талибанците владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога беа соборени со интервенција на меѓународните сили предводени од Соединетите држави.
Војната во Авганистан започна во време кога Џорџ Буш беше претседател по нападите врз САД на 11 септември.
Тогаш Вашингтон му даде ултиматум на лидерот на Талибанците Мула Омар да го предаде лидерот на Ал Каеда Осама Бин Ладен и да ги демонтира камповите за обука на милитанти, а дека во спротивно ќе се соочи со воена интервенција. Омар тоа го одби, а коалицијата предводена од САД ја започна инвазијата во октомври.
Бајден повтори дека САД ќе останат ангажирани во Авганистан преку хуманитарна помош. САД, исто така, се обврзаа да инвестираат 4,4 милијарди долари годишно за финансирање на авганистанските безбедносни сили до 2024 година.
види ги сите денешни вести
Студентите го блокираа влезот во РТС во Белград и РТВ во Нови Сад

Во рамките на масовните студентски протести во Србија, беше блокирана зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, а во еден момент дошло и до „тепачка“ со полицајците. Насобраните најавија дека блокадата на зградата на РТС ќе трае 22 часа.
„Вечерва од водителката на РТС бевме наречени толпа. Затоа вечерва (10 март) ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата - но никој нема да влегува“, изјавија студентите на Медицинскиот факултет во Белград.
Блокадата на РТС траеше цела ноќ, околу стотина луѓе се собраа пред главниот влез на зградата на телевизијата во Белград, а полицијата сè уште е внатре во зградата.
Блокирана е и зградата на Радио Телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад.
Директорот на РТВ Горан Караџиќ го отфрли барањето на студентите РТВ да известува за тоа што се случува пред блокираната зграда на тој медиум, поради што студентите продолжуваат да ја блокираат зградата на покраинскиот сервис, им изјави студентот Борис на новинарите, а пренесе Бета.
Неколку десетици студенти и граѓани се собраа пред Радио телевизија Крагуевац (РТК) во знак на солидарност со студентите кои ги блокираат јавните сервиси во Белград и Нови Сад, јави телевизијата Н1.
Студентите преку блокади и протести бараат властите да одговараат за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
На социјалните мрежи беше објавено дека некои студенти отишле во Кошутњак, белградска населба, со цел да блокираат друго студио на РТС од кое може да се емитува програма, пренесува Бета.
Во текот на вечерта и во добар дел од ноќта, студентите ги блокираа сите влезови во зградата на РТС и не дозволуваат влез во зградата, но најавија дека е дозволен излез од зградата.
Полицијата соопшти дека ќе интервенира само доколку демонстрантите се обидат насилно да влезат во зградата.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната, иако на снимките објавени на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки напаѓала и тепала студенти и граѓани, пренесува Бета.
Во метежот е повреден еден полицаец, а српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека неговите сериозни повреди на окото ги нанеле демонстранти кои ги нарече „болшевички пленумци“.
Сепак, на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека повредениот полицаец на протестите бил во цивилна облека, дека се движел меѓу студентите и дека најверојатно бил повреден од сопствените колеги во униформа, кога во еден момент се обидел да им се придружи, пишува Бета.
Масовните собири организирани од студентите во блокадата во неколку поголеми градови во Србија досега се мирни и не се забележани инциденти.
Студентите преку блокади и протести бараат објавување на целокупната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад за да се утврди одговорноста за несреќата, кривично гонење на напаѓачите на учесниците во претходните протести, како и запирање на постапката против уапсените за време на демонстрациите.
Владата тврди дека ги исполнила сите барања на студентите, а експертската група формирана од Сенатот на Универзитетот во Белград го демантираше тоа. Студенти од повеќе делови на Србија пешачат кон Белград за да се приклучат на новиот протест закажан за 15 март.
Kомеморација по повод 82 години од холокаустот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Република Северна Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во рамки на одбележувањето 82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи, денеска (11 март) во Скопје, ја организираат централната комеморативна активност со оддавање почит пред Споменикот на 7144 депортирани македонски Евреи во скопскиот Монопол.
Свои обраќања по тој повод, како што најавуваат организаторите, ќе имаат претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, амбасадорката на Државата Израел Симона Франкел и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Бројни делегации, владини и државни претставници и претставници на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ќе оддадат почит на Могилата на депортираните македонски Евреи и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта „Бутел“.
Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе се одржи и промоција на книгата „Спасувањето, прогонот и холокаустот во Царството Бугарија (1940-1944)” од Леа Коен, а промотор на книгата ќе биде Проф. д-р Тодор Чепреганов.
Општина Штип и Еврејската заедница вчера во рамки на комеморативната програма им одадоа почит на 535 Евреи од Штип, кои беа убиени во логорот на смртта „Треблинка“. По тој повод се оддржаа Поворка на живите, полагање на цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи во Штип и посета на еврејските гробиште.
Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви истакна дека по 82 години од кобната ноќ меѓу 10 и 11 март се уште се силни спомените за 535 Евреи од Штип кои биле депортирани и убиени во „Треблинка“.
На 11 март 1943 година, 7144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа депортирани во центарот за убивање Треблинка, окупирана Полска или 98 проценти од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија.
ЕУ размислува за заедничко финансирање на одбраната

Министрите за финансии на Европската унија на 10 март почнаа да разговараат за тоа како да се финансираат трошоците за одбраната преку ново заедничко задолжување, постоечките фондови на ЕУ и поголема улога на Европската инвестициска банка.
Разговорите на министрите уследија по состанокот на европските лидери минатиот четврток, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Украина и фрли сомнеж во посветеноста на Вашингтон кон европските сојузници.
Полскиот министер за финансии Анджеј Домански, кој претседава со разговорите, рече дека самитот ја потврдил „апсолутната политичка волја Европа да биде поодговорна за сопствената безбедност и да најде пари за масовното превооружување на Европа“.
Министрите ќе работат на предлогот на Европската комисија ЕУ да собере 150 милијарди евра со задолжување за заеми на владите за заеднички одбранбени проекти.
„Она за што Германија е многу отворена и што ние експлицитно го поддржавме е дека секогаш кога има вистински европски проекти во областа на одбраната, треба да се размислува и за заедничко финансирање“, рече германскиот министер за финансии Јорг Кукиес.
Едно од спорните прашања поврзани со заедничкото задолжување е од кого да се купат системи за оружје. Франција ја предводи групата земји кои претпочитаат да купуваат од европски компании, додека Германија е поотворена за купување надвор од Европа.
Долгогодишната дилема стана акутна откако Вашингтон го суспендираше обезбедувањето на Украина со разузнавачки информации, муниција и друга опрема, предизвикувајќи загриженост дека таа може да го стори истото со други земји, правејќи некои напредни системи за оружје бескорисни.
„Многу е важно средствата да се искористат за купување европски производи кои се дел од нашата стратешка автономија“, изјави францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.
Министрите, исто така, ќе разговараат за користењето на кохезионите фондови на ЕУ за плаќање на проекти со двојна употреба кои би биле од корист и за цивилите и за војската, како и за новата политика за кредитирање на ЕИБ, банка во сопственост на владите на ЕУ, за да се прошири опсегот на проекти за кои може да позајми и да се зголеми износот на пари на располагање.
Министрите во вторник ќе разговараат за тоа како да се променат фискалните правила на ЕУ за да се обезбеди простор за повеќе национални трошоци.
За да се отстранат бариерите на ЕУ, Комисијата предложи да им се дозволи на сите 27 влади на ЕУ да ги зголемуваат трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) секоја година во период од четири години, без да предизвикаат дисциплински чекори според правилата за долг на ЕУ на кои се заснова еврото.
Министрите ќе разговараат за проширување на сегашната дефиниција за трошоците за одбрана, која сега ја зема предвид само воената опрема. Сегашните правила не ја разгледуваат изградбата на фабрики за муниција и зајакнувањето на патиштата и мостовите за да им се овозможи на тенковите да минуваат како трошоци за одбрана, а многу влади сакаат да го променат тоа.
Маск: Платформата Х е под „масивен сајбер напад“

Неколку часа откако илјадници корисници не можеа да пристапат до социјалната мрежа X на 10 март, сопственикот на компанијата, Илон Маск изјави дека платформата била цел на „масовен сајбер напад“. Во постот објавен пред еден час тој посочува дека нападите не престанале.
„Нѐ напаѓаат секој ден, но ова беше направено со многу ресурси“, напиша Маск на X.
„Во неа се вклучени или голема, координирана група и пак е некоја држава инволвирана. Следиме…“, е наведено во неговата последна објава на Х.
Во понеделникот околу 14 часот по средноевропско време, бројот на поплаки за прекините на социјалната платформа Х се зголеми. Сличен инцидент се случи четири часа подоцна кога повеќе од 40.000 корисници пријавија дека немаат пристап до мрежата, покажува сајтот за следење на интернет прекини Downdetector.com.
Претреси во домови на сопственици на нафтени компании

Двајца сопственици на нафтени компании се приведени попладнево, објави телевизијата Телма. Според нивните информации станува збор за соптвениците на компаниите Пуцко петрол и РКМ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Од надлежните институциите засега официјално не откриваат кој е приведен.
Од Обвинителството за гонење на организиран кримибал и корупција во кусо соопштение потврдија дека во тек е акција против компаниите и поединци инволвирани во сомнителната набавка на мазут што го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина.
„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиан криминал и корупција, Бирото за јавна безбедност и Министерството за полиција извршуваат претреси на повеќе локации низ државава“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Во него е посочено дела претресите се вршат со наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје. Причината за претресите е постапка која е отворена во врска со кривични дела поврзани со набавка на деривати. Оттаму најавуваат подетални информации за утрешниот ден.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, нафтената компанија РКМ ја снабдувала со гориво Топланата на Балкан Енерџи Груп. Податоците покажуваат дека од 2020 година до 2023 година, склучила договори во вкупна вредност од над 60 милиони евра.
Нафтената компанија Пуцко претрол во последните пет години од македонските институции добил тендери во вредност од речиси 9 милиони евра. Оваа компанија е во сопственост на која е во сопственост на Алија Јахоски, син на поранешен пратеник и градоначалник од ДУИ на општина Пласница Исмаил Јахоски.
Судски совет избра в.д. претседател на Врховен суд

Вршител на должноста претседател на Врховсниот суд од 13 март ќе биде судијата,Џемали Саити. Оваа одлука на 10 март ја донесе Судскиот Совет со 10 гласа „за“ и два „против“.
На актуелната претседателка на Врховниот суд Беса Адеми ѝ престанува мандатот на 12 март годинава, а во тек е постапка за избор на нов претседател на Судот.
Членот на Судскиот совет Ханиф Зендели го предложи Саити за в.д. претседател на Врховниот суд, затоа што Адеми и Ариф Фидани се кандидати за претседатели на овој Суд, па, како што вели, тие не би требало да бидат именувани за вршители на должност со цел да не се сфати дека некој од нив се фаворизира за понатамошниот тек од постапката.
Претседателот на Судски совет Александар Камбовски за в.д. ја предложи актуелната претседателка на Врховниот суд бидејќи според него таа добро ја извршувала функцијата и смета дека не би имало некоја пречка да продолжи како в.д. до изборот на новиот претседател на овој Суд.
Претходно тој изјави дека изборот на нов претседател на Врховен суд доцни бидејќи сè уште не се спроведени постапките за интегритет и психолошкиот тест.
Судскиот совет утре треба да ја продолжи седницата.
Иран нема да преговара под „притисок и заплашување“ од САД

Иран нема да преговара со Соединетите држави за иранската нуклеарна програма под, како што рече, „притисок и заплашување“ од Вашингтон. Ова го изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракачи. Овој коментар доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп го зголемува притисокот врз Техеран со завршување на откажувањето од санкциите што му дозволија на Ирак да купува електрична енергија од својот сосед.
„Нема да преговараме под притисок и заплашување. НЕМА ни да го разгледаме, без разлика за која тема се работи“, напиша Аракчи на социјалната платформа X на 10 март.
Коментарите на Аракчи дојдоа еден ден откако мисијата на Иран во Обединетите нации соопшти дека Техеран може да биде отворен за разговори насочени кон решавање на загриженоста за потенцијалната милитаризација на иранската нуклеарна програма.
„Ако целта на преговорите е да се одговори на загриженоста во однос на каква било потенцијална милитаризација на иранската нуклеарна програма, таквите дискусии може да бидат предмет на разгледување“, се вели во соопштението на мисијата од 9 март.
Но, се чини дека Аракчи ја затвори вратата на таквите разговори, велејќи дека нуклеарната програма на Техеран е мирољубива и дека „нема такво нешто како „потенцијална милитаризација“.
Американскиот Стејт департмент на 9 март соопшти дека одлуката да не се обнови ослободувањето од санкциите на Ирак е донесена за „да се осигура дека нема да му се дозволи на Иран каков било степен на економско или финансиско олеснување“.
Белата куќа на 9 март го предупреди Техеран дека ќе се справи со ситуацијата или преку воени средства или со постигнување договор, забелешки што дојдоа неколку часа откако иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи го отфрли американскиот предлог за преговори меѓу двата лути ривали.
„Се надеваме дека иранскиот режим ги става своите луѓе и најдобри интереси пред теророт“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Брајан Хјуз, во изјавата на 9 март.
„Постојат два начини на кои може да се постапи со Иран: воено, или да склучите договор“ за да го спречите Техеран да набави нуклеарно оружје“, изјави Трамп во интервју за Фокс Бизнис снимено на 6 март.
Хамнеи, зборувајќи на 8 март пред група ирански претставници, рече дека понудата на САД за разговори „не се насочени кон решавање на проблемите“, туку да ги „наметнат“ нивните барања на Техеран.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите држави од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили и повторно ги воведе санкциите кои беа укинати. Тогаш Трамп изјави дека условите од тој договор не се доволно силни за да го спречат Иран да се здобие со нуклеарно оружје.
Откако се врати на функцијата во јануари, Трамп ја врати својата кампања за „максимален притисок“ што беше камен-темелник на неговата политика за Иран во неговиот прв мандат, со цел да го намали извозот на нафта од Техеран на „нула“.
Експертите велат дека САД веројатно нема да можат целосно да ја запрат продажбата на нафта во Иран, но ќе можат значително да ја намалат.
Рубио и Зеленски пристигнаа во Саудиска Арабија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Саудиска Арабија, каде ќе се водат разговори за можен мир меѓу неговата земја и Русија, која ја нападна Украина пред повеќе од три години.
Украинскиот лидер на 10 март слета на аеродромот во крајбрежниот град Џеда на Црвеното Море, потврди украинската државна телевизија Фридом на социјалната платформа Телеграм.
На 11 март, група украински преговарачи предводени од шефот на Канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров ќе се сретнат со американска делегација предводена од американскиот државен секретар Марко Рубио.
Претходно Рубио пристигна во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море предводејќи ја делегацијата во која е и Мајк Волц, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува новинската агенција Франс Прес.
Зеленски нема да учествува во разговорите. Тој на 9 март изјави дека Киев се надева на резултати кои ќе го доближат мирот и ќе доведат до продолжување на американската поддршка.
Еднодневните разговори во Саудиска Арабија ќе бидат први средби меѓу украинските и американските официјални претставници по напнатата посета на Зеленски во Белата куќа.
Тие, исто така, доаѓаат речиси еден месец откако американските и руските претставници одржаа разговори во саудискиот главен град Ријад, за завршување на војната во Украина, без присуство на Киев.
Од целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година, Киев повикува на враќање на целата нејзина територија и целосно повлекување на руските сили.
Коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп и други американски официјални лица покажуваат дека оваа позиција не се гледа како реална во Белата куќа.
Зеленски беше под силен притисок на САД да направи отстапки пред какви било мировни преговори и се залагаше за цврсти безбедносни гаранции за Киев, кои досега не ги добил.
Москва продолжува да се залага за воздржување на Украина од НАТО, признавање на украинската територија што ја окупира, демилитаризација на Украина и укинување на западните санкции против руската економија.
Естонскиот премиер ги „избрка“ социјалдемократите од коалицијата

Трипартиската владејачка коалиција во Естонија се распадна, објави естонскиот премиер Кристен Михал на 10 март на прес-конференција во Талин.
Лидерот на Реформската партија за слободниот пазар, Михал изјави дека „исфрла“ централно-левичарската Социјалдемократска партија (СДЕ) од неговата коалиција врз основа на разлики во мислењата, и дека владата ќе продолжи да функционира со коалцијата од двете партии, јавува германската новинска агенција ДПА.
Заедно, двете партии имаат мнозинство од 52 места во 101-члениот парламент.
Михал изјави дека новата коалиција ќе има за цел да го подобри економското опкружување и безбедноста на Естонија со мерки што вклучуваат укинување на данокот на профитот на компаниите и намалување на даноците на приходите.
Естонија е членка на НАТО. Целосната руска инвазија на Украина директно влијаеше на нејзината економија. Земјата е дом и на големо руско малцинство.
Најмалку 32 повредени при судир на бродови во Северното Море

Товарен брод удрил во танкер што превезувал нафта на 10 март во Северното Море, предизвикувајќи огромен пожар во близина на Англија и оставајќи 32 повредени, а британската крајбрежна стража ја координира итна спасувачка операција, соопшти британската агенција за поморска и крајбрежна стража.
Огромен црн чад и пламен се издига од местото на настанот на околу 16 километри од брегот.Евакуирани на брегот се сите членови на екипажот на американскиот танкер Стена (Stena Immaculate) и на товарниот брод Солонг (Solong) што пловел со португалско знаме.
„Имаше извештаи за „пожари на двата брода“ на кои реагираа службите за спасувачки чамци во Велика Британија“, велат за новинската агенција Франс прес од Кралската национална институција за спасување.
Оттаму додаваат дека крајбрежната стража врши проценка на веројатниот одговор против загадувањето, додека владиното тело кое истражува морски несреќи распореди тим во Гримсби.
„Нашиот тим од инспектори и помошен персонал собира докази и презема прелиминарна проценка на несреќата за да ги одреди нашите следни чекори“, рече портпаролот на службата за истраги на поморски несреќи.
Според еколошката организација Гринпис, „прерано е да се процени степенот на каква било еколошка штета“.
„Во случај на излевање нафта или каква било загуба на опасен товар од вклучениот контејнерски брод, брзината на одговорот исто така ќе биде клучна за ограничување на какво било влијание“, изјави портпаролот на Гринпис.
Меѓународната поморска организација за Франс прес одговори дека „тековниот фокус е на гаснење пожар и операцијата за пребарување и спасување“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете