Иако деновиве само во Скопје се случија две сообраќајни несреќи во кои беа прегазени двајца пешаци, а вакви инциденти имаше и во други градови, од Министерството за внатрешни работи бележат тенденција на намалување на сообраќајните несреќи во однос на претходната година. Сепак статистичките податоци на полицијата покажуваат дека ваквите несреќи се почести во летниот период, пред се поради поголемата фрекфенција на сообраќајот и високите температури кои влијаат врз психофизичката состојба на возачите и нивната концентрација.
„Ние имаме континуирано опаѓање на бројот на жртви во сообраќајни несреќи од 2017 година па досега. Минатата година е година со најмалку жртви 125 споредено со 2013 година кога имало 198 жртви, но се разбира за нас и една жртва на патиштата е многу. Затоа настојуваме со превентивни и репресивни мерки што е можно повеќе да ја намалиме таа бројка на жртви и на тој начин да спасиме човечки животи“, изјави Тони Ангеловски портпарол на МВР.
Сепак треба да се има предвид дека минатата година беше пандемиска, а карантините и спуштените граници придонесоа луѓето да не патуваат и да се намали фрекфенцијата на сообраќајот.
Минатото лето во јули имало 17, а во август 19 жртви на сообраќајни несреќи. Од полицијата велат дека најчести причини за несреќите се неприлагодената брзина на возење и возење под дејство на алкохол.
„Сите анализи покажуваат дека клучен фактор за несреќите е преголемата брзина на управување со возилото, тука се и возење под дејство на алкохол, недавање на првенство на минување но и заморот. Се разбира ние ги санкционираме и мотоциклистите кои не носат заштитна кацига“, вели Ангеловски.
Граѓаните кои ги прашавме велат дека не постои сообраќајна култура и дека голем број од учесниците во сообраќајот не ги почитуваат правилата.
„Не почитуваат правила. На пешачки поминуваат, на црвено поминуваат, или пак зборуваат на телефон додека возат“, изјави Миле од Скопје.
„Се е до свеста. Кај нас возачите не почитуваат ништо, самошто светнало црвено тие. Мислам дека треба поголеми казни, поригорозни, па да видиме дали другпат така ќе вози,“ вели Сафет Гаиќ.
„Се работи за голема некултура. Има голем број од тие кои возат, што немаат возачка дозвола. Пијани возат, народ гине“, изјави Раде, пензионер.
Деновиве пак во знак на револт од неодамнешната несреќа во скопската населба Железара во која беше прегазена и почина 45 годишна жена по удар на возило со преголема брзина, жителите на населбата протестираат барајќи од надлежните органи да преземат мерки за ограничување на брзината на движење по оваа улица, која ја поврзува Автокоманда со Бутел. Од полицијата велат дека постојано прават контроли на возилата и ги казнуваат оние кои ги прекршуваат пропишаните брзини, но дека поставувањето на лежечки полицајци е во надлежност на општината или градот Скопје.
Во насока на зголемување на јавната свест за безбедност во сообраќајот, полицијата во соработка со Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата спроведуваат кампањи кои траат во текот на целата година. Нивна цел е подигнување на јавната свест кај граѓаните и подобрување на сообраќајната култура. Оттаму истакнуваат дека се задоволни од резултатите на ваквите кампањи.
„Искуството досега покажа дека само репресивни или само превентивни мерки не даваат резултат, но комбинација на репресивни и превентивни мерки даваат најголем резултат во однос на подигањето на јавната свест на управувачите на моторни возила. Зголемените контроли имаат за цел да ја намалат опасноста од евентуални последици и имаат добар резултат. Што се однесува само до казните тоа не дава резултат бидејќи оние кои возат брзо секогаш ќе возат брзо, ќе си ги платат казните и ќе продолжат да возат брзо. Работата е да се подигне јавната свест и сообраќајната култура и да им се укаже на учесниците дека не можат да возат под дејство на алкохол или побрзо од дозволеното, не можат да поминуваат на црвено и не можат да зборуваат на мобилен бидејќи сето тоа само го зголемува ризикот од несакани и евентуални инциденти“, вели Дејан Андоновиќ портпарол на РСБС.
Во текот на вчерашниот ден (22.07.2021) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 352 возачи. Од нив, 47 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.