Достапни линкови

Диме Данов со стихови – виеж од раната младост


Диме Данов, автор на стихозбирката „Меч од мечти“
Диме Данов, автор на стихозбирката „Меч од мечти“

„Меч од мечти“ е насловена првата стихозбирка на младиот Диме Данов што како издание на ПНВ Публикации од Скопје се појави деновиве. Станува збор за „специфичен, загатлив, социјално ангажиран, мистичен, урбан и истовремено, на моменти архаичен, на моменти модерен поет чие време допрва доаѓа“.

Замислете си огромен зелен капут, а во него доволно простор за да се сокријат сите чудесни новонастанати светови, сета магија што ја носат соништата, мечтите, копнежот и онаа најгласната тишина на премолченото. Тоа е еден друг свет, без време, без тмур, без глад… Со стомак полн вино и костени. Свет со мирис на тутун, поповка и јорговани, свет без гордост, голем и соголен, во молци облечен, свет на бунт, но и на тивки молитви, оти светлината во тишината се наоѓа. Во таков еден свет ве зема оваа книга, ве зема и целосно ве обзема уште со прашањето: „Колку крилести приказни собира на врвот на една игла?“.

Ова во својот текст за поетиката на младиот Диме Данов ќе го забележи писателката и уредничка во ПНВ Публикации – Јулијана Величковска.

Неговиот колега, струмичанецот Митко Гогов, пак, онака како што нему му прилега пишува: Специфичен и загатлив, социјално ангажиран, мистичен и урбан истовремено, на моменти архаичен, на моменти модерен, Диме Данов умешно го гради својот поетски свет. Во неговиот книжевен трем ни нуди зборови што претходно грижливо и внимателно ги подготвил во композиции што потсетуваат на кодирани откинати сеќавања од животот, остава клучеви-симболи што го одредуваат точното енергетско прелетување низ традицијата, неговите персонализирани обичаи и ритуали, патеките и маалото во кое растел, силните раце на дедо му, поповката и преминот, трансмиграцијата во сегашноста, во моментот сега и овде, каде што сѐ е поразлично. Овие скици за еден живот се огласуваат низ поетските канали на универзумот, неколебливо шумолат како нов извор во поетската планина, ова поетско писмо се лепи за грлото, формира посебно и уникатно чувство на спознаност и остава трага во нашето постоење.

И, конечно Исток Улчар со свое видување на песните од „Меч од мечти“ на Данов: Некои читатели ретко би можеле да проценат дали она што остава впечаток на љубовна исповед е, всушност, навистина тоа, зашто авторовиот стил е речиси целосно ослободен од непотребната евтина патетика. Наместо тоа, во овие стихови љубовното чувство зрачи слики и мириси, врамувајќи го спојувањето на две души во живописни природни и урбани пејзажи.

А, авторот говорејќи за своето првенче и воопшто за она што го побарал длабоко во себе и го ставил меѓу кориците на „Меч од мечти“ со појаснување:

Меч од Мечти“ е виеж на раната младост, во својата срж. Некогаш песните делуваат на молитви, некогаш како да фрлам магии. Еден обид да комуницирам со непознатото. Секако, овде има и љубовни песни. Но, и тие доаѓаат од далечина, од нешто неосознаено, или можеби од наивност. Но, би сакал да ја славам таа наивност, која ни дозволува да се впуштиме во немирни води. Така се осознава непознатото. Мора човек да влезе во тој простор, гол и разоружан. Но, има и нешта кои ги искусуваме, а за нив нема збор. Премногу се едноставни за да ги заробуваме во песни. И за ова ми доаѓа при рака фотографирањето. Со коешто при еден „ЧКРАП“, едно одбележување на светлината, можам да дефинирам еден цел свет, и одреден временски период. А во таа белешка на светлината можат некогаш да се најдат и чувства, за коишто некогаш се молчи. За мене не е толку важен медиумот. Не мора да бидам дефиниран како поет или како фотограф. За мене ова се само алатки за комуникација, ништо повеќе.

Диме Данов е роден во 1996 година во Неготино. Негови песни се објавени во неколку печатени и електронски домашни книжевни списанија, како што се: ,,Допир“, ,,100 000 поети за промена“ (2019 и 2020), антологијата ,,Гласови на новиот век: панорама на поновата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2018)... a во препев на српски јазик може да се сретнат во публикации како „Рукописи 37“, во „Енклава“ и во седмиот број на „Блудни стих“.

Данов учествувал на повеќе поетски читања во земјата и во странство, случувања како што се ,,Астални проекции“ во Скопје, ,,Бесни песни“ во Лесковац, Србија и ,,Сто илјади поети за промена“ во Струмица.

Инаку, Диме Данов е и фотограф и има освоено неколку значајни награди за фотографија. Од друга страна, неговите илустрации и оние на Марио Каев ( кои патем беа изложени на промоцијата во Младински културен центар-Скопје) ја чинат и визуелната страна на деби стихозбирката „Меч од мечти“.

Судир, судба, средба

Дадена ни е една минута,

само шеесет секунди,

да бидат исполнети со немо јунаштво.

Кога си заминуваат добрите џинови,

се тумбаат на небото над нас боговите,

се полнат очите со јоргован

и крвта со хлор.

Кога пукнатините на таванот

се престоруваат во соѕвездија,

а јаворот над нас во ќебиња,

јоргани,

шатори полни соништа.

Насмевката ти е една минута голема,

мојата е мечти и копнеж полна.

За момент се прегрнуваат завојуваните страни

насред врвицата од пакостите на Бога.

Се прави чекор напред, бавен.

Стапалото се турка низ густите џунгли на сомнежот.

Јас го носам темниот облак на времињата.

Сите самовили се збрани во тебе.

Судбо, овде завршува прегратката со космосот.

Сами сме.

Судбо, остарувам по секој допир.

Ми се шири насмевката со минутите,

и годините ја полнат

со глог и маточина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG