Достапни линкови

Претседателство на Словенија со ЕУ под критики за владеење на правото во таа земја


Словенија како претседавач на ЕУ сака да ги зајакне „владеењето на правото и европските вредности“.
Словенија како претседавач на ЕУ сака да ги зајакне „владеењето на правото и европските вредности“.

На 1 јули Словенија ќе го преземе претседателството на Европската унија за шест месеци, во услови на загриженост за слободата на медиумите и владеењето на правото за време на конзервативниот премиер Јанез Јанша.

Ова е втор пат Словенија да ја предводи Европската унија за време на владеењето на Јанша. Во 2008 година, Словенија, земја од поранешна Југославија, го прослави и го поздрави раководството на ЕУ како историски момент, но овој пат веројатно нема да биде така.

Словенечкото претседателство доаѓа во чувствително време за ЕУ, оценува новинската агенција АФП, потсетувајќи дека во наредните месеци Унијата ќе ги распредели првите средства од планираниот фонд за спасување вреден 750 милијарди евра, кој има за цел да ги заздрави земјите-членки од последиците од пандемијата на коронавирусот.

Османи– Логар: Западен Балкан важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ

Под мотото „Заедно. Издржливо. Европа“, владата на Јанша вели дека нејзините приоритети вклучуваат економско закрепнување на Унијата и зајакнување на неговата отпорност кон пандемиите.

Европски вредности

Јанша денес е познат во круговите на ЕУ или како „Маршал Твито“ поради неговите често непредвидливи остри објавувања на социјалните мрежи, кои беа насочени кон новинарите или како „Мини-Орбан“, поради неговото пријателство со контроверзниот унгарски премиер.

Унгарија и Полска заеднички против ЕУ

Реториката и десничарската промена на Јанша во последните неколку години ги натера некои дипломати да стравуваат дека Љубљана се повеќе се движи во иста насока како Унгарија и Полска, кои се во битка со ЕУ околу независноста на медиумите и владеењето на правото.

Словенија соопшти дека сака да ги зајакне „владеењето на правото и европските вредности“. Но, тоа би можело да биде комплицирано од фактот дека лидерите на ЕУ неодамна остро го критикуваа унгарскиот закон за забрана на „промоција“ на хомосексуалност меѓу малолетници. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е близок сојузник на словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Лидерите на ЕУ го нападнаа премиерот Орбан поради законот што го сметаат за хомофобичен и е спротивен на вредностите на ЕУ. Орбан ги побива тврдењата, велејќи дека законот ги штити децата и им дава можност на родителите да ги образуваат децата како што сакаат.


Коментарите на Јанша на ова прашање беа воздржани. Тој рече дека тоа може да се реши без да се предизвика „непотребно раздвојување“. „Ние мора да ја зајакнеме ЕУ, во рамките на која се заштитени нашите национални вредности и идентитети“, напиша Јанша на страницата на претседателството.

Западен Балкан

Словенија предвидува одржување на самит во октомври во обид да се забрза процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Министерството за надворешни работи на Словенија, презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство, соопшти дека „европската иднина на земјите од Западен Балкан и продолжувањето на процесот на проширување треба да станат стратешки интерес на Европската унија“.

Сепак, секоја изјава од Љубљана за ова тема веројатно ќе предизвика прашања за многу цитираниот, но малку виден документ за дискусија - наводно од канцеларијата на Јанша, иако тој го негираше тоа – за поделба на Босна и Херцеговина.

Значи, останува да се види дали Јанез Јанша ќе биде обединувачки посредник во рамките на ЕУ, бидејќи критичарите долго време ја зголемуваат загриженоста за неговите врски и сојузи.

Заладени односи

Во последно време Јанша трипати се сретна со лидерот на крајната десничарска партија во Италија, „Браќата на Италија“, Џорџиа Мелони, непосредно пред средбата со Орбан, како и со премиерот на Полска Матеуш Моравиецки.

Во своите објави на социјалните мрежи, Јанша нападна неколкумина претставници на ЕУ, вклучително и членови на Европскиот парламент, кои изразија загриженост за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Словенија. „Ние не ѝ должиме ништо на ЕУ. Се боревме за нашата слобода и демократија пред 30 години“, напиша на Твитер 62-годишниот Јанша, чиј последен мандат започна во март 2020 година.

Кабинетот на Јаншна не коментира за нонпејперот за Западен Балкан

Ставовите на Јанша доведоа до „заладување на односите“ меѓу Љубљана и Европската комисија, во време кога земјата е под зголемен надзор затоа што таа ќе ја води ЕУ, пишува колумнистот во весникот „Дело“ Урос Есих. „Верувам дека ќе има постојани тензии меѓу словенечкото претседателство, неговите предлози и институциите на ЕУ“, предвидува Есих.

Во ЕУ неодамна започна нов механизам за спречување на корупцијата во Унијата, но словенечката влада не успеа да назначи двајца обвинители. Шефот на овој механизам ја критикуваше Словенија за „недостаток на соработка“. „Ова се работите што нè загрижуваат“, изјави за АФП француската европратеничка Гвендолин Делбос-Корфилд, известувач за Унгарија во Европскиот парламент, истакнувајќи ја „блискоста на словенечкиот премиер со Виктор Орбан“.

Европската комисија, исто така, ја потсети Словенија за улогата што ја играа независните новински агенции откако владата го суспендираше финансирањето на единствената новинска агенција во земјата, СТА, што Јанша ja нарече „национална срамота“.

Репортери без граници изразија загриженост дека шестмесечното претседателство ќе биде злоупотребено од словенечката влада за да ги спречи напорите за зајакнување на слободата на медиумите во Европа.

Во Словенија, опозицијата ја обвинува трипартитната коалиција на Јанша дека ја користи пандемијата на коронавирусот за да ги поткопа демократските институции во земјата, да ја наруши слободата на печатот и да ги доведе во прашање владеењето на правото и независноста на правосудниот систем.

Неколку иницијативи поднесени против Јанша не успеаја во парламентот, додека илјадници луѓе редовно учествуваат во протестите поддржани од граѓански здруженија и синдикати кои бараат оставка од Јанша.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG