Достапни линкови

Граѓаните ги преферираат шалтерите пред електронските услуги


УЈП - Администрација, шалтери и работа со странки
УЈП - Администрација, шалтери и работа со странки

Иако постојано се зборува за дигитална писменост, за потребата да се користат е-услугите и банкарските картички за да се избегнат гужви на шалтерите, сепак граѓаните малку ги користат е-услугите на институциите. Неинформираноста и недовербата во институциите се посочуваат како главни причини за тоа

Граѓаните сè уште имаат недоверба во повеќето институции и се недоволно информирани за предностите на електронските услуги кои тие ги нудат. Вака од невладината организација „АГТИС“ ги коментираат податоците до кои дошле, а според кои многу мал процент од македонските граѓани ги користат електронските услуги на националниот портал uslugi.gov.nk на кој се регистрирани само 1,5 проценти од населението.

Благица Цветкоска од оваа организација вели дека слабата искористеност на е-услугите е посебно нагласена на локално ниво каде што се многу малку таквите услуги кои се нудат.

„Малку се е-услугите што се нудат и на локално ниво. Според податоците кои ги имаме целосни електронски услуги кои ги има се: е-даноци, гис-порталот, запознавање со катастарски парцели на ДУП. Работи системот за пријави проблем, за кратко и електронски. Инаку, само 0,89 насто од вкупните кликови на порталот на локалната самоуправа се за е-услуги. Има наведено е-услуги, но само да се испечати некој документ“, објаснува Цветкоска.

На националниот портал е-услуги е претставено кои институции и кои е-услуги ги нудат во државава. Во моментов се достапни 789 услуги, од кои 151 се електронска услуга. Имаме 1288 јавни институции кои објавувата податоци на овој портал, има 11 996 поднесени барања. Последниов месец се 817 поднесени барања за електронски услуги.

„Досегашните истражувања покажаа дека само 1,5 насто од населението се регистрирал на овој портал е-услуги, што е многу малку за една година и половина откако е порталот. Граѓаните, едноставно, не се доволно информирани за постоењето на овој портал. Висок е процентот на граѓаните кои не веруваат дека ќе ја добијат услугата. Ние сме далеку од тоа да користиме е-услуги,“ вели Цветкоска.

Но граѓаните, особено оние постарите велат дека се чувствуваат посигурни кога се на шалтер, отколку позади компјутер.

„Единствен пат кога користев електронска услуга беше сега за вакцинацијата, некако за нас постарите тоа ми изгледа несигурно. Поголема сигурност имам кога ќе отидам до шалтер, иако имам дома и компјутер и интернет. Се плашам дека нешто ќе згрешам кога работам преку компјутер, а така на шалтер може и да ми посочат ако направам грешка и веднаш да ја поправам“, вели Весна од Скопје.

„Јас пробав да добијам умреница по електронски пат. И чекав неколку дена да ми ја испратат на меил. Кога видов дека не добивам меил, се јавив и ми кажаа да одам лично да ја подигнам од шалтер. Па која е тогаш поентата на е-услуги, ако пак треба да одам на шалтер за да го подигнам документот?“, вели еден граѓанин.

„Кога вадев извод за родени, се беше во ред, ама кога ми требаше документ од катастар, не фунционираше системот, па морав лично да одам да го подигнам“, вели Добринка од Скопје.

Од Фондацијата за интернет и општество Метаморфзис велат дека постојат повеќе причини поради малата искористеност на е-услугите од страна на граѓаните.

„Еден од нив е послабата информираност на граѓаните за ваквиот начин на добивање на услугите од институциите, но исто така и нивната свесност за придобивките кои ги имаат ако ги користат услугите кои инситуциите ги нудат онлајн (како што се заштеда на нивното време, заштеди во нивниот домашен буџет, заштита на своето здравје, итн). Понатаму, ниската дигитална писменост кај одредени категории на граѓани, но и нивната доверба во инститцуиите се јавуваат како предизвици за користење на е-услугите. Граѓаните во голема мера знаат да ги користат своите дигиталните уреди за пристапување на социјални медиуми, но со недоверба и несигурност гледаат кон е-услугите. Од друга страна, има е-услуги кои не се целосно функционални електронски, или не се ефикасни, поради што граѓаните, по неколку обиди да ги искористат онлајн, се откажуваат и пристапуваат кон традиционалниот метод – чекање на шалтер“, вели Мила Јосифовска Даниловска, менаџер на програми во фондацијата Метаморфозис.

Во однос на тоа колку институциите се подготвени за давање е-услуги Јосифовска Даниловска вели кај дел од институциите пак Недостасува капацитет за ефикасно целосно испорачување на електронски услуги но дека постојат законски бариери во одредени сегменти, за успешно испорачување на е-услугите, така што пред нас е долг пат за постигнувањето на задоволително ниво на дигитализација на е-услугите.

„Дополнително, заклучокот од минатогодишниот ИЦЕДА Извештај и истражувачките стории кои ги имаме направено, е дека во нашата држава не постои унифицирана база на податоци со сите податоци за е-услуги, и не е познато колку тие се користат електронски наспроти на традиционален начин - со физичко присуство. Тоа што се бележи како мал напредок во оваа насока е дека на Националниот портал за е-услуги може да се види дека бројот на регистрирани корисници расте постепено, иако бавно, и има вклучено нова опција каде што се следи вкупниот и месечниот број на поднесени барања за користење на услугите преку порталот“, вели Јосифовска Даниловска.

Оние што користат е-услуги најмногу користат за уверение од матичната евиденција за стаж, за лични документи – пасош, лична карта, изводи и најбарана е-услуга е за дозвола за движење при ограничувањата. Најново, електронска услуга се бара за упис на првачињата. Електронски се пријавуваа и граѓаните кои се заинтересирани за вакцинација. Земјоделците пак исто така имаат можност електронски да аплицираат за добивање субвенции за оваа година.

Нашите согворници велат дека за да се реши проблемот на ниска дигитална писменост и недоверба во системот на граѓаните, до граѓанинот треба да се пристапи директно и на начин кој на граѓанинот му е разбирлив. Заради тоа, преку регионалниот проект “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” ко-финансиран од Европската Унија, доделени се 15 грантови на граѓански организации од Западен Балкан од кои 3 во Северна Македонија, за воспоставување и раководење со локални центри за поддршка за е-владеење, преку кои се обезбедува директна поддршка на граѓаните и ранливите групи во користењето на постојните е-услугии дигитални алатки.​

Невладината организација АГТИС од Прилеп веќе ги едуцира граѓаните преку три центри. Едниот е физички центар и граѓаните може да дојдат во просториите за да им се објасни како да ги користат е-услугите. Преку он-лајн центарот се испорачуваат објаснувањата, видео-материјали и туторијали и преку третиот, мобилниот центар кој ќе функционира од идниот месец замислено е да биде на отворно, поради ситуацијата со пандемијата. Тројца едукатори ќе одат во населените места и со помош на лап-топ, со директна комуникација ќе им пренесат на жителите како изгледа една услуга и како може да ја искористат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG