Достапни линкови

МОН не размислува за затворање на училиштата поради ковид


Царовска не го коментира етичкиот дел за тендерите за нејзиниот партнер
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:29 0:00

Царовска не го коментира етичкиот дел за тендерите за нејзиниот партнер

Состојбата во образованието со коронавирусот е апсолутно стабилна и одговорно стојам зад тоа, вели во интервју за РСЕ министерката за образование Мила Царовска. Сега има само 62 ученика на целата територијата на државата и 98 наставници, што е многу пониско од оној пик во декември, вели Царовска.

Царовска, откако сте министерка за образование не стивнуваат реакциите во јавноста во делот на начинот на кој менаџирате со овој ресор. Има забелешки во однос на недоволната транспарентност, во делот на неприфаќање на забелешките при носењето на новата концепција за основно образование, па се до последната афера во која се споменува името на вашиот партнер. Но еве да почнеме со реформите во образованието, новата концепција ја донесовте, но и покрај тоа што е донесена има многу реакции и од СОНК и од делот на стручната фела дека тие се избрзани реформи, недоволно подготвени и дека нивните забелешки не биле земени предвид.

Апсолутно се согласувам дека реакциите не стивнуваат и јас тоа ќе го земам како комплимент, не како забелешка, поради тоа што кога работите нешто, а тоа треба да доведе до суштински промени важно е да очекувате реакции, зошто ако нема реакции тоа значи дека не правите ништо. Ние како тим во Министерството за образование и наука посветено секој ден работиме да сите оние застанати процеси, забавени реформи кои требало да се случат пред 20 години сега да ги ставиме во еден нормален колосек и да нашата држава со забрзан чекор се приклучи кон стандардите за образование на европските држави. Токму таква е и концепцијата за основно образование којашто целосно е поддржана од целата меѓународна заедница којашто е присутна во нашата држава и која очекува да постигнеме високи стандарди за образование како основа за развој понатаму на државата. И токму затоа оваа концепција којашто ја донесовме сега е во процес на подготовка на програми за нејзина имплементација во прво и во четврто одделение. Со СОНК сме целосно усогласени, морам да истакнам дека тие беа меѓу првите на кои им ја презентиравме концепцијата.

Колку советници од Бирото за развој на образование досега направиле надзор или контроли на онлајн часовите и што тие контроли покажале? До какви забелешки дојдовте?

Сите надзори имаат цел да бидат советодавни и едукативни. Многу е интересно што со години Министерството за образование и институциите под него се однесуваат наредбодавателно кон наставниците, сакајќи со притисок да постигнат квалитет. Тоа не се постигнува и затоа ние, нашата идеја, и како ова Министерство функционира додека јас сум министер, главниот збор е поддршка, што укажува на тоа дека наставниците, дури и да имаат надзор, дури и да имаат посета од Државен просветен инспекторат, тоа не е за да бидат казнети, туку за нивната работа да биде поддржана и да биде поквалитетна и така работиме. Дополнително, како министер, испратив до сите институции под Министерството, дека во овој период бирократијата е најмалку важна. Најзначајно е менталното здравје на наставниците, менталното здравје на учениците и нивната врска којашто треба да ја имаат во континуитет во текот на училишната година и тоа е главната идеја зад која стојам. Но Министерството, преку Државниот просветен инспекторат, има направено повеќе од 4200 надзори, околу 2700 се редовни, 1400 се вонредни, и одредени се 295 контролни, што укажува дека веројатно дека 295 одредени забелешки се дадени, па имало потреба да се направи и контролен увид за да се види дали се отстранети забелешките.

Дали размислувате да ги затворите училиштата за учениците коишто посетуваат настава со физичко присуство со оглед на тоа што расте бројот на заболени од коронавирус, а имаше и случаи на заразени ученици и наставници во некои училишта?

Состојбата во образованието со коронавирусот е апсолутно стабилна и одговорно стојам зад тоа, поради тоа што 3 декември беше најголемиот пик во првото полугодие и тогаш имавме 168 наставници и 88 ученици. Сега имаме само 62 ученика на целата територијата на државата и 98 наставници, што значи дека сè уште сме многу пониско од оној пик којшто го имавме во декември, а да не зборувам дека тоа е помалку од 1 процент од вкупниот број на наставници и 0,06 отсто од учениците.

Госпоѓо Царовска, дали етички вашиот партнер да аплицира за тендери во период кога Вие сте министерка?

Јас вчера одговорив, а исто така имам одговорено неколку пати во неколку наврати изминатите години и сметам дека може да го искористите тоа слободно.

Не одговоривте дали е етички, Вие рековте дека нема ништо спорно и дека нема конфликт на интереси, јас прашувам за етичкиот момент.

Јас кажав дека и вчера одговорив, но и во претходните години и ставот е исти.

Целото интервју со министерката за образование Мила Царовска може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG