Достапни линкови

Вести

Стразбур: Бугарија осудена за неефикасна истрага за сексуална злоупотреба на деца во сиропиталиште

Илустрација
Илустрација

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Стразбур, во пресудата донесена во врска со наводите за сексуална злоупотреба на три деца во дом за деца во Бугарија пред нивното усвојување од италијанска брачна двојка во 2012 година, оцени дека Бугарија не спровела ефективна истрага, јави МИА. Судиите на ЕСЧП одлучија дека нема повреда на суштинскиот аспект на членот 3 (забрана за нехуман или понижувачки третман) на Европската конвенција за човекови права.

Со девет гласа наспроти осум гласа, судиите оценија дека има повреда на процедуралниот аспект на членот 3 од Европската конвенција и „особено се смета дека истражните органи, кои особено се воздржуваа од прибегнување кон достапните механизми за истрага и меѓународна соработка, не ги презедоа сите разумни мерки за расветлување на фактите на случајот и не се вклучија во внимателно и сеопфатна анализа на доказите пред нив“, јави МИА.

Апликантите во случајот се италијански државјани со бугарско потекло. Станува збор за момче и две девојчиња, браќа и сестри, кои биле сместени во институција во Бугарија, пред нивното посвојување од италијански пар, во јуни 2012 година, на возраст од 12, 10 и 9 години. Тие се дел од истите браќа и сестри. Тие моментално престојуваат во Италија. Неколку месеци по нивното посвојување, родителите-посвоители на апликантите информирале различни италијански власти дека нивните деца биле предмет на сериозно сексуално злоставување за време на нивниот престој во институцијата во Бугарија. За што биле информирани и бугарските власти. На жалителите Судот од Стразбур им додели по 12 000 евра за морална штета.

види ги сите денешни вести

Американски носач на авиони пристигна во Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер набљудува тестирање на крстосувачки ракети, 25 јануари 2025 г.
Севернокорејскиот лидер набљудува тестирање на крстосувачки ракети, 25 јануари 2025 г.

Американски носач на авиони пристигна во Јужна Кореја на 2 март, што е неколку дена по тестирањето на крстосувачки ракети кое го спроведе Северна Кореја за да ги покаже своите способности за контранапад.

Пристигнувањето на „УСС Карл Винсон“ во јужнокорејското пристаниште Бусан има за цел да ја демонстрира цврстата американско-јужнокорејска воена алијанса наспроти постојаните севернокорејски закани.

Целта е, исто така, да се поттикне интероперабилноста на комбинираните средства на сојузниците, се вели во соопштението на јужнокорејската морнарица.

Во него се посочува дека ова е првиот американски носач на авиони што отпатувал во Јужна Кореја од јуни.

Се очекува ваквиот потег да ја налути Северна Кореја, која смета дека привременото распоредување на моќни американски воени средства е голема закана за безбедноста.

На некои од претходните распоредувања на американски носачи на авиони, бомбардери со долг дострел и подморници на нуклеарен погон, Северна Кореја одговори со ракетни тестови.

Од неговата инаугурација на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека повторно ќе се обиде да воспостави контакт со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Северна Кореја директно не одговори на најавата на Трамп.

Северна Кореја во петокот соопшти дека претходно во текот на минатата недела тестирала стратешки крстосувачки ракети за да ги информира своите противници за способноста за контранапад на нејзината војска и подготвеноста за нејзините нуклеарни операции.

По набљудувањето на лансирањето, што беше четврт ракетен тест оваа година, Ким Џонг Ун рече дека војската мора да биде целосно подготвена да го користи своето нуклеарно оружје.

Ким и Трамп се сретнаа три пати од 2018 до 2019 година за време на првиот мандат на американскиот претседател за да разговараат за иднината на нуклеарната програма на Северна Кореја. Разговорите пропаднаа поради спорот околу економските санкции на САД кон Северна Кореја, пренесува АП.

Мицкоски на средба со Орбан во Унгарија, ќе има и меѓувладина седница

Владите предводени од Орбан и Мицкоски одржаа заедничка седница и во Охрид во септември 2024 г.
Владите предводени од Орбан и Мицкоски одржаа заедничка седница и во Охрид во септември 2024 г.

Премиерот Христијан Мицкоски и министрите во Владата на Северна Македонија утре и задутре (3 и 4 март) ќе престојуваат во официјална посета на Унгарија.

Предвидено е Мицкоски да одржи тет-а-тет средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а и да се одржи заедничка седница помеѓу владите на двете држави, соопштија од владината прес-служба најавувајќи го овој унгарско-македонски самит.

Се очекуваат и повеќе билатерални средби меѓу ресорните министри.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со унгарскиот колега Петер Сијарто треба да потпише и Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на теми поврзани со интеграцијата со ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика.

Мицкоски и Орбан треба да одржат и заедничка прес-конференција.

Ова ќе биде втор ваков настан откако македонската и унгарската влада одржаа заедничка меѓувладина седница во септември во Охрид, Северна Македонија.

Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан важи за блиска до владејачката партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

Набргу по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во мај 2024 година, Мицкоски со Орбан договори заем од Унгарија во вредност од една милијарда евра.

Орбан: Заемот за Северна Македонија не се кинески, туку европски пари
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Кредитот беше земен во два наврати – по пола милијарда евра. Со едната половина државата го плати долгот од 500 милиони евра за еврообврзница издадена во 2018 година. Од другата половина, пак, 250 милиони евра беа најавени за помош на бизнис секторот, додека останатите за проекти на општините.

Инаку, Унгарија е и земјата каде во 2018 избега и доби политички азил, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во Северна Македонија се гонеше во неколку судски случаи со обвиненија поврзани со висока корупција, кои тој ги негираше.

Приватно вселенско летало слета на Месечината

Лансирање на леталото на 15 јануари од Флорида, САД.
Лансирање на леталото на 15 јануари од Флорида, САД.

Приватниот лендер на компанијата „Firefly Aerospace“ слета на Месечината на 2 март, носејќи опрема за НАСА.

Вселенското летало „Blue Ghost“ (Син дух) се спушти од орбитата на Месечината целејќи кон падините на древна вулканска купола.

„Ние сме на Месечината“, соопштија од контролната мисија додавајќи дека лендерот е „стабилен“.

Ова слетување го прави „Firefly“, стартап основан пред една деценија, првата приватна компанија која без пад, успеа да слета вселенско летало на Месечината.

Само пет земји успеаја во овој потфат: Русија, САД, Кина, Индија и Јапонија.

На чекор да го постигнат овој подвиг сè уште две други приватни компании.

Лансиран во средината на јануари од Флорида, лендерот однесе десет експерименти на Месечината за потребите на НАСА.

Вселенската агенција плати 101 милион долари за испораката, плус 44 милиони долари за технологијата. Тоа е трета мисија во рамките на Програмата за комерцијална лунарна испорака на НАСА, која има за цел да започне лунарна економија на конкурентни приватни претпријатија.

Уште еден лендер изграден и управуван од „Intuitive Machines“ со седиште во Хјустон треба да слета на Месечината во четврток. Оваа компанија имаше обид и минатата година, но мисијата беше неуспешна.

Третиот лендер на јапонска компанија има уште три месеци до слетувањето. Нејзиниот прв лендер исто така се урна во 2023 година.

Под претпоставката дека некои мисии ќе пропаднат, целта на НАСА е да воспостави темпо од две приватни слетувања на Месечината годишно, рече главниот научен офицер на вселенската агенција Ники Фокс.

За разлика од успешното слетување на месечината на НАСА, кое беше поддржано со милијарда долари и со астронаути во екипажот, приватните компании работат со ограничени буџети и со роботски вселенски летала кои мора да слетаат сами, вели извршниот директор на„ Firefly“, Џејсон Ким.

Трамп го прогласи англискиот за официјален јазик на САД

Доналд Трамп, претседател на САД.
Доналд Трамп, претседател на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која англискиот се прогласува за официјален јазик на Соединетите Американски Држави (САД).

Тој смета дека тоа ќе помогне да се обезбеди „обединето и кохезивно општество“ во нација која долго време се гордее со својот мултикултурализам.

Со ваквиот потег САД првпат имаат службен јазик на национално ниво, иако од претходно 30-тина сојузни држави го прогласија англискиот за свој официјален јазик.

„Од основањето на нашата Република, англискиот јазик се користи како наш национален јазик“, наведе Трамп во наредбата потпишана на 1 март.

„Официјалните историски документи на нашата нација, вклучително и Декларацијата за независност и Уставот, се напишани на англиски јазик. Затоа, одамна е време да се прогласи англискиот за официјален јазик на Соединетите Држави“, се вели во документот.

Некои активисти изразија загриженост за ефектот што ова ќе го има врз неанглиското говорно подрачје, кога станува збор за прашањата за имиграција, процедурите за гласање и пристапот до помош.

Ваквиот потег на Трамп ја поништува одлуката на поранешниот претседател Бил Клинтон со која се бара од владините агенции и организации, кои добија пари од федералната каса, да обезбедат јазична помош за неанглиското говорно подрачје.

Ова ќе им овозможи на ваквите институции да одлучат дали ќе продолжат да нудат документи и услуги на други јазици.

Во документот се наведува дека „од раководителите на агенциите не се бара да менуваат, отстрануваат или на друг начин да го запрат производството на документи, производи или други услуги подготвени или понудени на други јазици освен англискиот“.

Според веб-страницата на американската влада, луѓето во САД комуницираат на повеќе од 350 јазици. Бирото за попис соопшти дека меѓу најчесто зборуваните јазици покрај англискиот се шпанскиот, кинескиот, виетнамскиот и арапскиот.

Се зборуваат и домашните северноамерикански јазици, вклучувајќи ги навахо, јупик, дакота, апачи, керес и чироки.

„Користењето на англискиот јазик не само што ги отвора вратите економски, туку и им помага на новодојденците да се вклучат во нивните заедници, да учествуваат во националните традиции и да придонесат за нашето општество“, рече Трамп.

Израел го стопира влезот на помош во Појасот Газа

Појасот Газа,27 февруари 2025 г.
Појасот Газа,27 февруари 2025 г.

Израел на 2 март објави дека го запира влезот на сите стоки и залихи во Појасот Газа и предупреди на „дополнителни последици“ доколку Хамас не прифати нов предлог за продолжување на прекинот на огнот.

Хамас, кој САД, Европската Унија и другите земји го прогласија за терористичка организација, го обвини Израел дека се обидува да го наруши кревкиот прекин на огнот и реагираше дека одлуката на Израел да ја прекине помошта е „евтина изнуда, воено злосторство и бесрамен напад на договорот“.

Првата фаза од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, која вклучуваше зголемување на хуманитарната помош, истече вчера, 1 март.

Двете страни допрва треба да преговараат за втората фаза во која се очекува Хамас да ослободи десетици преостанати заложници во замена за повлекување на Израел и траен прекин на огнот.

Израел претходно истиот ден соопшти дека го поддржува предлогот за продолжување на првата фаза од прекинот на огнот до Рамазан и Пасха, односно до 20 април. Во соопштението се вели дека предлогот дошол од пратеникот на администрацијата на Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф.

Според предлогот, Хамас ќе ослободи половина од заложниците првиот ден, а останатите кога ќе се постигне траен договор за прекин на огнот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Засега нема коментар од САД, Египет или Катар, кои посредуваат меѓу Израел и Хамас повеќе од една година.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој резултираше со смрт на 1.218 луѓе, од кои повеќето цивили, според извештаите на АФП.

Во израелската офанзива што следуваше понатаму, пак, загинаа повеќе од 48.000 луѓе во Газа, од кои повеќето цивили, според Министерството за здравство во овој појас под контрола на Хамас.

Велика Британија и Украина договорија голем заем

Средна на украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер, 1 март 2025 г.
Средна на украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер, 1 март 2025 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон во саботата, еден ден по јавниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, судир што ја доведе во прашање иднината на американската поддршка за Киев.

Стармер и Зеленски зборуваа зад затворени врати на Даунинг стрит 10 нешто повеќе од еден час, по што не дадоа никакви изјави за медиумите.

Министрите за финансии на двете земји, Рејчел Ривс и Серхи Марченко, објавија дека потпишале договор за заем во вредност од 2,26 милијарди фунти (2,84 милијарди долари), чија цел е зајакнување на одбраната на Киев.

Велика Британија соопшти дека договорот е знак за „нашата непоколеблива и континуирана поддршка за украинскиот народ“ и додаде дека парите ќе бидат вратени преку профитот од замрзнатиот руски имот.

Пречекувајќи го Зеленски, Стармер му рече дека е „многу добредојден“ во Лондон.

„Ние стоиме со вас и Украина онолку долго колку што е потребно“, рече тој, наведувајќи дека британската влада бара „траен мир за Украина, заснован на суверенитет и безбедност… што е толку важно и за Украина и за Европа“.

„Сметаме на вашата поддршка и навистина сме среќни што имаме такви пријатели“, рече Зеленски.

Зеленски подоцна објави на интернет дека разговарал со Стармер „за предизвиците со кои се соочува Украина и цела Европа, координација со партнерите, за конкретни чекори за зајакнување на позицијата на Украина и за завршување на војната со праведен мир, со силни безбедносни гаранции“.

Тој додаде дека средствата од заемот „ќе бидат насочени кон производство на оружје во Украина“.

„Ова е вистинска правда – тој што ја започна војната мора да плати“, рече Зеленски.

Топлото добредојде што го приреди Стармер е во целосна спротивност со острата јавна конфронтација претходниот ден во Овалната соба помеѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.

По жестоката размена на зборови со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, Зеленски ја напушти Белата куќа без да потпише договор за минерали со Трамп, што беше главната цел на состанокот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио го повика украинскиот лидер да се извини што средбата во Белата куќа ја претворил во „фијаско“.

Ден по жестоката средба, генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека му рекол на Зеленски оти мора да најде начин да ги поправи односите со Трамп.

„Важно е претседателот Зеленски да најде начин да ги обнови односите со американскиот претседател и со високиот американски лидерски тим“, рече Руте за Би-би-си, коментирајќи го телефонскиот разговор што го имал со Зеленски во петокот.

Тој го опиша состанокот во Белата куќа како „несреќен“.

Руте, исто така, рече дека САД, Украина и Европа мора да се „држат заедно“ за да обезбедат „траен мир“ во Украина.

„Досега двапати разговарав со претседателот Зеленски по телефон. Му го кажав ова, мораме да се држиме заедно - САД, Украина и Европа, за да ја доведеме Украина до траен мир“, рече Руте.

Зеленски денеска (недела( треба да се сретне со кралот Чарлс Трети, истиот ден кога Велика Британија ќе биде домаќин на клучниот самит за Украина. Десетици европски лидери, како и претставници на НАТО и ЕУ, се очекува да разговараат за поддршката за Украина и за зголемување на економскиот притисок врз Русија.

И покрај тоа што доби поддршка од европските лидери по неговиот состанок со Трамп, тензичниот состанок во Белата куќа ја искомплицира желбата на Украина да обезбеди американска поддршка во одбраната на земјата од Русија и завршувањето на војната под услови прифатливи за Киев.

Во своите први јавни коментари само неколку часа по жестоката размена, Зеленски за Фокс њуз изјави дека го почитува Трамп и „се разбира“ верува дека односите може да се поправат бидејќи Украина не сака да го изгуби својот партнер.

Во серија објави на мрежата Икс, Зеленски напиша и: „Многу сме им благодарни на САД за сета поддршка. Благодарен сум на претседателот Трамп, Конгресот за нивната двопартиска поддршка и американскиот народ. Украинците секогаш ја ценеле оваа поддршка, особено за време на овие три години општа инвазија“.

Стармер, исто така, неодамна се врати од Вашингтон, каде го повика Трамп да ја гарантира безбедноста на Украина доколку се постигне договор за ставање крај на конфликтот, кој сега е во својата четврта година.

Меѓутоа, на прашањето за безбедносните гаранции по неговиот состанок со Стармер, Трамп рече дека е премногу рано да се зборува за тоа бидејќи допрва треба да се постигне прекин на огнот.

Вучиќ смета дека паѓа поддршката за протестите низ Србија

Протест и блокада во Ниш, 1 март 2025 г.
Протест и блокада во Ниш, 1 март 2025 г.

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека има „значителен пад на поддршката“ за протестите што се одржуваат низ Србија по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пренесе агенцијата Бета.

Вучиќ не наведе на што го темели ваквиот заклучок.

Тој додаде дека „сега треба да се собираат од цела Србија на едно место за да одржат големи случувања“, алудирајќи на собирот што денеска се случува во Ниш.

Исто така, порача и дека „додека е жив, нема да дозволи власта да се избира на улица“.

„Секако дека следи радикализација, бидејќи кога ќе видите дека поддршката опаѓа, треба да одите до крајности и да правите погрешни работи, да ги напаѓате луѓето кои размислуваат поинаку, да одите на наводно освојување институции и сите други незаконски работи“, рече Вучиќ во разговорот со жителите на Неготин при посетата на областите Заечар и Бор.

Во Ниш денеска (1 март) во 9 часот наутро започна 18-часовната блокада на која повикаа студентите. Блокадата треба да заврши во 3 часот по полноќ. Целиот центар на градот е претворен во пешачка зона, а сообраќајот се пренасочува.

Ова е само последниот во низа протести што се одржуваат во градовите ширум Србија. Нив ги предводат студентите кои блокираат повеќе од 60 факултет во четири универзитетски града во земјата.

Денешната блокада во Ниш се одржува на точно четири месеци по несреќата во Нови Сад каде падна бетонската настрешница од реконструираната Железничка станица при што загинаа 15 лица, а две беа повредени.

Студентите бараат кривична и политичка одговорност за овој случај. Исто така, бараат и одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите да бидат кривично гонети.

Власта на чело со претседателот Вучиќ тврди дека студентските барања се исполнети.

Студентите, пак, порачуваат дека Вучиќ не е надлежен за исполнување на нивните барања кои тврдат, не се исполнети и продолжуваат со протестите.

Европските сојузници го поддржаа Зеленски по тензичната средба со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на ЕУ Урсула фон дер Лајен со други функционери од ЕУ и Украина, 2 февруари 2023 г.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на ЕУ Урсула фон дер Лајен со други функционери од ЕУ и Украина, 2 февруари 2023 г.

Европските сојузници на Украина, кои утре (2 март) треба да се состанат во Лондон, му дадоа поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски по неговиот тензичен состанок во Белата куќа со Доналд Трамп кој го обвини дека не е „подготвен“ за мир со Русија.

Зачудени од настанот во Овалната соба во петокот, по кој Зеленски ја напушти Белата куќа без да го потпише очекуваниот договор за минерали, европските лидери брзо застанаа во негова одбрана.

„Не сте сами“, порача полскиот премиер Доналд Туск.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој исто така неодамна ја посети Белата куќа, рече дека разговарал и со Трамп и со Зеленски и оти ветил „непоколеблива поддршка“ за Киев.

Се огласи и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која на мрежата Икс напиша дека Украина не е сама.

„Бидете силни, храбри и бестрашни“, му порача таа на Зеленски.

Каја Калас, шефицата на надворешна политика на ЕУ, истакна дека Унијата стои покрај Украина и ќе ја „зголеми својата поддршка“ за Киев.

„Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. На нас, Европејците, останува да го прифатиме овој предизвик“, рече Калас во објавата на мрежата Икс.

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека Русија е агресор, а Украина е жртва.

„Бевме решени да и помогнеме на Украина и да ја санкционираме Русија пред три години и ќе продолжиме да го правиме тоа. Кога велам ’ние‘, мислам на Американците, Европејците, Канаѓаните, Јапонците и многу други“, рече Макрон во објавата на Икс.

Молдавската претседателка Маја Санду нагласи дека вистината е оти Русија ја нападна Украина.

„Русија е агресорот. Украина ја брани својата слобода – и нашата. Ние стоиме со Украина“, нагласи Санду.

Во индивидуални одговори на околу 30 пораки од европските лидери, Зеленски напиша „Ви благодариме за поддршката“.

Од кабинетот на британскиот премиер соопштија дека Стармер и Зеленски ќе се сретнат во Лондон денеска (сабота) попладне пред самитот во неделата.

Во недела, на 2 март, претставници од повеќе од десет европски земји ќе се сретнат во британската престолнина за да се фокусираат на зајакнување на поддршката за „обезбедување праведен и траен мир“ во Украина, соопшти Даунинг стрит.

На средбата ќе се разговара и за потребата Европа да ја зголеми соработката во одбраната поради стравувањата за тоа дали САД ќе продолжат да го поддржуваат НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да „отвори дискусија“ за можното идно европско нуклеарно одвраќање, по барањето на следниот лидер на Германија, Фридрих Мерц.

Мерц ја нагласи потребата европскиот континент брзо да се придвижи кон „постигнување независност“ од Соединетите Држави во однос на одбранбените прашања.

Турција, која исто така е поканета во Лондон, ќе ја претставува министерот за надворешни работи Хакан Фидан, кој во саботата телефонски разговараше со неговиот руски колега Сергеј Лавров за војната во Украина, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи.

Турција, која беше домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина во 2022 година, е подготвена да ја повтори таа улога, но останува посветена на „територијалниот интегритет на Украина“, вели изворот.

По тензичната средба со Трамп, Зеленски во интервју за Фокс њуз изјави дека односите со Белата куќа може да се спасат и покрај остриот јавен судир со американскиот претседател.

На состанокот вчера Зеленски изврши притисок за безбедносните обврски на САД и рече дека „не треба да има компромиси со убиец“, јасно мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, додека Трамп рече дека Украина ќе треба да направи отстапки и оти Киев треба да биде поблагодарен за поддршката од САД.

На нивната прва средба откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, двајцата лидери разменија ладни поздрави пред камерите, кревајќи го гласот и оживувајќи го спорот што Трамп го предизвика пред една недела кога ја обвини Украина за војната и го нарече Зеленски „диктатор“.

Трамп му рече на Зеленски и дека не се однесува „воопшто благодарно“.

„Се коцкате со Трета светска војна, а тоа што го правите е многу непочитување кон оваа земја која ве поддржа многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека требаше“, рече Трамп.

Како што може да се види и на видеоснимка од Овалната соба, Трамп и Зеленски се прекинуваа меѓусебно, а американскиот претседател му рече на својот посетител: „Твојата земја е во голема неволја. Ти не победуваш … Имаш проклето добри шанси да се извлечеш од ова благодарение на нас … Картите не се во твои раце“.

Ристески: Откриени неправилности кај маркети, можно е и затворање

Илустрација.
Илустрација.

Тимовите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) констатирале повеќе неправилности за време на контролите кај трговците на мало спроведени изминатите денови, откри заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

Тој најави дека можно е да има и најстроги казни за дел од нив – затворање маркети.

Како што рече, на терен се 50-тина тимови од ДПИ.

„Се контролираат маркети, аптеки, тобако-трафики, секаде каде се продава на мало. Констатирани се повеќе неправилности. Има неправилности во однос на означување на намалените производи, при утврдувањето на маржите, на цените, во сметководствената евиденција… Наредната недела ќе има изрекување казни за најнедисциплинираните, а не е исклучено некои маркети да бидат и затворени“, изјави Ристески од Прилеп на 1 март.

Поради високите цени, во тек е постапка за „картелско здружување“ во која Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) утврдува дали четири големи ланци на маркети заедно со Сојузот на стопански комори (ССК) се договарале да влијаат врз цените.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата стручно си ја извршува работата и доколку утврдат такво здружување, ќе има казни предвидени со Законот за заштита на потрошувачите“, вели Ристески.

Тој најави дека идната недела инспекторите ќе ги контролираат и сите дистрибутери и поголемите увозници во земјава.

Минатиот месец, Владата донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на дел од прехранбените производи. Одлуката беше објавена во службен весник на 19 февруари, а заменик-министерот за економија денеска оцени дека мерката дава резултати. Таа опфаќа 102 групи производи односно околу 1.200 производи.

Опозицијата, пак, постојано ја критикува власта дека цените се високи, а стандардот на граѓаните опаѓа.

„Трошоците на живот во јануари 2025 се зголемени за 4,9%, а индексот на цени на мало пораснал за 5,2%. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари. За да преживее едно семејство, денес му се потребни речиси три минимални плати“, реагираше лидерот на СДСМ на прес-конференција на 26 февруари.

СДСМ претходно предложи и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, како и намалување на данокот за електрична енергија од 18 на 5 отсто, но владејачкото мнозинство не го прифати предлогот.

КСОМ апелира власта да помогне за високите сметки за струја

КСОМ.
КСОМ.

Од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) апелираат Владата и Министерството за енергетика да преземат мерки за високите сметки што граѓаните ги добиваат за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач ЕВН.

На прес-конференција на 1 март, претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, рече дека до нив секојдневно пристигнат поплаки од граѓани кои се жалат на високи сметки и ненавремено читање на саатите од страна на службите лица на ЕВН.

„Грабежот треба да престане. Размислуваме што да преземеме – дали ќе организираме протести, дали ќе почнеме да собираме потписи за одземање лиценца, ќе видиме. Сметка отпечатена на еден датум, а корисникот ја добива на крај на месецот и мора да плаќа камати. Одговорот на ЕВН е дека вината е во поштарот, а не кај нив“, изјави Ристески.

Сметките за струја изминатиот период беа тема и на политички прозивки меѓу власта и опозицијата.

СДСМ ја обвинуваше власта дека ги укинала субвенциите поради што граѓаните плаќаат поскапо. Пратеничката група на социјалдемократите во февруари поднесе и предлог законски измени со кои данокот за електрична енергија ќе се намали од 18 на 5 отсто, а ќе се укине и ДДВ-то за основните прехранбени производи.

Меѓутоа, ваквиот предлог не доби поддршка од власта. Пратеници на владејачкото мнозинство ја обвинија сегашната опозиција дека во нејзино владеење била покачена цената на струја, додека сега таа е стабилна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG