Вести
Американските пратеници бараат нови санкции за Русија ако продолжат казните за РСЕ
Американските законодавци повикаа на нови санкции против Русија, доколку Кремљ се обиде да воведе строги ограничувања и казни со кои се загрозува известувањето на Радио Слободна Европа во земјата. Во писмото на републиканците и демократите се повикува администрацијата на претседателот Џо Бајден да стори повеќе и за зајакнување на операциите на РСЕ во Белорусија, што беше оптоварено со повеќемесечни антивладини протести по повторниот избор на Александар Лукашенко за претседател во август, минатата година.
Рускиот регулатор на медиуми „Роскомнадзор“ објави овој месец дека изрекува стотици илјади долари казни за работењето на РСЕ во Русија, обвинувајќи дека медиумската куќа не ги почитува новите ограничувања според законот за „странски агенти“ во земјата.
Меѓу другото, законот предвидува одредени новински организации кои добиваат странски средства во Русија да обележат дека објавената содржината е креирана од „странски агенти“. Законот исто така ги става на ризик новинарите на РСЕ од кривично гонење.
„Ако Москва продолжи со овие активности, тогаш ние сме подготвени да работиме со вашата администрација за да размислиме за користење на постојните закони на САД за казнување на Русија“, се вели во писмото, потпишано од Грег Мекс и Мајкл МекКол, претставници на демократите и републиканците во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
РСЕ е независна непрофитна корпорација која добива средства од Конгресот на САД, а казните што се зголемуваат потенцијално може да ја принудат да го затвори својот сервис во Русија. Руските регулатори го издвоија РСЕ, чија уредничка независност е заведена и во американскиот закон, во однос на другите операции на странски вести во Русија.
види ги сите денешни вести
Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација
Властите на Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација и шест договори во Будимпешта на 14 ноември, по состанокот на Советот за стратешка соработка на двете земји.
По втората седница на Советот за стратешка соработка на Србија и Унгарија, заедничка политичка декларација потпишаа претседателот Александар Вучиќ и премиерот Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан по потпишувањето на договорот изјави дека Србија и Унгарија се обврзани со пријателски односи, како и дека двете земји гледаат шанса во „новата реалност“ во светот што се отвори откако Доналд Трамп победи на избори во САД.
„Она што е ново е ситуацијата во светот. Ние ја нарекуваме новата реалност предизвикана од исходот на американските избори. Сега новите сили кои досега беа потиснати ќе бидат успешни“, смета Орбан.
Претседателот на Србија, Вучиќ од Будимпешта изјави дека политичките, економските и меѓучовечките врски меѓу Србија и Унгарија се продлабочуваат и дека досега се потпишани 173 договори за соработка меѓу двете земји.
Тој посочи дека Србија и Унгарија ги решаваат проблемите, заеднички се справуваат со проблемите.
„Наскоро ќе ја завршиме студијата за нафтоводот, ќе почнеме со градба, ги прошируваме капацитетите на гас во магацините во Унгарија, моментално имаме 160 милиони кубни метри гас, но мора да ги наполниме тие магацини за да можеме да имаме не само доволно гас, туку и струја“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека Србија и Унгарија заеднички го градат далноводот Панонски коридор за да имаат помали загуби на мрежата.
„Србија секогаш ќе биде сигурен партнер на Унгарија, а кога ќе изградиме нафтовод, ќе го градиме со нив. Знаеме дека имаме пријатели и дека секогаш сигурно ќе се снабдуваме“, рече Вучиќ.
Ресорните министри на Србија и Унгарија претходно потпишаа шест договори во присуство на Вучиќ и Орбан, меѓу кои се Договорот за меѓународна правна помош во граѓански прашања меѓу владите на Србија и Унгарија и Програмата за соработка во областа на Култура за периодот 2024-2027 година, помеѓу Министерството за култура на Србија и Министерството за култура и иновации на Унгарија.
Ова е втора седница на Стратешкиот совет за соработка меѓу Србија и Унгарија.
Првиот се одржа во јуни 2023 година во Палиќ, кога беа потпишани повеќе договори за соработка, како и договор за изградба на нафтовод што ќе ја поврзе рафинеријата во Нови Сад со Унгарија. Како што е најавено, гасоводот треба да биде изграден до 2027 година.
Трет обид на бугарските пратеници да изберат претседател на Парламентот
Бугарските пратеници претпладнево ќе одржат нова седница, што ќе биде трет обид да изберат претседател на 51. Народно собрание.
Веќе беа направени два неуспешни обиди за избор на претседател на Народното собрание - на отворањето на новиот парламент на 11 ноември и еден ден подоцна.
На 13 ноември пратениците повторно не успеаја да се договорат кој да раководи со институцијата, па состанокот беше прекинат, јави БТА.
За функцијата беа предложени пет кандидати - Андреј Цеков од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Петар Петров од „Преродба“, Наталија Киселова од „БСП - Обединета левица“, Николета Кузманова од „Има таков народ“ и Раја Назаријан од ГЕРБ-СДС.
Раја Назарјан и Андреј Цеков излегоа на втор круг во двете постапки за избор на претседател, но ниту еден од нив не го доби потребниот број гласови.
На неодамна одржаните парламентарни избори во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби најмногу гласови, но недоволно за самостојно да формира влада.
ИЈЗ: Има 67 нови случаи на грип
Вкупно 67 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот се евидентирани од 4 до 10 ноември во Северна Македонија, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска (14 ноември).
Тоа е за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната седмица.
Од новозаболените, 42 лица биле на возраст од 15 до 64 години. Четиринаесет биле деца на возраст од пет до 14 години. Десет биле постари од 65 години, а едно лице е на возраст до четири години.
Највисока инциденца (6,5/100.000) се регистрира кај децата на возраст од пет до 14 години.
Во Куманово биле регистрирани 20, во Гостивар 19, додека 17 се во Тетово, пет во Кавадарци, три во Струмица, две во Радовиш и едно лице во Неготино.
Вкупно 262 случаи на грип и заболувања слични на грипот се регистрирани во сезоната 2024/2025.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита и препорачуваат вакцинација на целото население, особено на лица од таканаречените ризични групи.
Во Северна Македонија, вакцинирани биле вкупно 62.332 лица.
За вакцинација против сезонски грип досега се пријавиле над 71 илјада граѓани, што покажува голем интерес на луѓето да се заштитат од компликации. Во пунктовите за вакцинација досега се вакцинирани над 50 илјади лица, информираа од Министерството за здравство на 8 ноември.
Вакцинацијата против сезонски грип за оваа сезона почна на 21 октомври и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици, како и во здравствените домови.
Украина одби руски напад на Купјанск
Украинската војска соопшти дека го одбила рускиот напад врз градот Купјанск во североисточниот регион Харкив, отфрлајќи ги тврдењата на Москва дека стекнала упориште во стратешки важниот транспортен центар, со известување за нови цивилни жртви.
Генералштабот на украинската армија денеска (14 ноември) објави дека неговите сили ги потиснале Русите, предизвикувајќи големи материјални и човечки загуби.
Виталиј Ганчев, службеник во областа, назначен од Москва, претходно изјави дека руските сили зазеле позиции во предградијата на Купјанск и напредуваат кон североисточниот и југоисточниот дел на градот.
„Информациите за окупацијата на населбата Илинка и наводното упориште на руските војници во градот Купјанск не се точни“, објави Центарот за стратешки комуникации на украинската армија на социјалните мрежи денеска.
Генералштабот информира дека вчера (13 ноември) украинските војници го запреа напредувањето на непријателот во Купјанск, ја уништија целата негова оклопна опрема и елиминиаа голем дел од народот, стои во соопштението.
Ниту руските ниту украинските тврдења не можат да бидат независно потврдени.
Руските сили го зазедоа Купјанск, стратешки важен железнички центар, непосредно по почетокот на инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година, но украинските трупи го ослободија во контраофанзива есента истата година.
Русија ја продолжи својата офанзива во регионот Харкив во последните месеци, додека продолжи да го напаѓа Харкив, вториот по големина град во Украина, со ракети и артилериски оган, предизвикувајќи бројни цивилни жртви и оштетувајќи ја цивилната и енергетската инфраструктура.
Руските сили полека, но стабилно се во офанзива долж целиот источен фронт, постепено напредувајќи додека украинските трупи се борат да ги задржат своите позиции.
Рускиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, Генадиј Гатилов, денеска (14 ноември) изјави дека Кремљ е отворен за мировни преговори доколку новата администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги иницира, се додека се земе предвид „реалноста на теренот“.
Русите во последните денови наводно добиле предност во близина на уништениот град Курахово во Доњецката област и се закануваат дека ќе го опколат.
Рано денеска, системите за противвоздушна одбрана соборија 21 од 59 беспилотни летала лансирани од Русија кон цели во Украина, објавија украинските воздухопловни сили.
Останатите 38 беспилотни летала се изгубени откако нивните навигациски системи биле заглавени од украинските системи за електронско војување, соопшти воздухопловството.
Истовремено, две лица загинаа, а осум се ранети во руското гранатирање во селото Шевченко во Доњецката област во последните 24 часа, соопшти регионалното обвинителство.
Поради штетите предизвикани од руските напади и лошите временски услови, 43 населени места во областа Полтава не можеа да добијат струја, соопшти украинскиот оператор на електричната мрежа Укренерхо.
Руското Министерство за одбрана, во меѓувреме, објави дека неговата противвоздушна одбрана соборила две украински беспилотни летала рано денеска, еден над Курск и еден над Белгородската област.
Ранети руски војници побегнале од единицата за да не се вратат на фронтот
Повеќе од десетина повредени руски војници по договор, кои се бореле во Украина, побегнале од воената единица во близина на градот Новосибирск во јужен Сибир, кога им било кажано дека треба да се вратат на бојното поле и покрај нивните повреди, објави каналот База на Телеграм.
Каналот има врски со руските безбедносни служби. Војниците потпишале договори за борба во Украина во замена за прекин на кривичното гонење за различни прекршоци. Полицијата успеала да приведе седуммина од оние кои избегале, но останатите се уште се во бегство, пренесе сервисот на РСЕ, Кјурент тајм.
Московска режисерка доби 8 години затвор за објави против Путин
Театарската режисерка Анастасија Бережинскаја е осудена на 8 години затвор од судот во Москва поради нејзините објави и коментари на социјалната мрежа ВКонтакте во 2022 година, со кои ја осудила неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина и упатила повици за „убивање“ и „елиминација“ на претседателот Владимир Путин.
Судијата Андреј Плужников од московски окружен воен суд денеска (14 ноември) ја прогласи Бережинскаја за виновна за „оправдување тероризам“, „дистрибуирање лажни информации за руската војска“ и „дискредитација на вооружените сили на Русија“.
Обвинителите побараа 10-годишна затворска казна за 43-годишната Бережинскаја.
Таа одби да сведочи за време на судењето и се изјасни за делумно виновна.
„Почитуван, немам што да кажам, ништо да додадам. Ќе ја прифатам секоја ваша одлука“, кажа Бережинскаја пред судијата.
Откако судијата ја донесе пресудата, таа веднаш беше уапсена. Пред и за време на судењето, и беше наредено да не ја напушта Москва.
На Бережинскаја, која е мајка на деца на возраст од 8 и 10 години, и е дијагностицирано растројство на личноста, но судот пресудил дека не и е потребна хоспитализација.
Руските власти сè повеќе користат обвиненија како што се оние за дискредитација на вооружените сили на земјата или дистрибуирање лажни информации за војската за да го задушат секое несогласување изразено во врска со агресијата на Москва против Украина од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.
Извор: Медиазона
Половина македонски граѓани со вишок килограми и ризик за дијабетес
Речиси 50 отсто од популацијата во Северна Македонија живее со зголемена телесна тежина, додека повеќе од 50 отсто се пушачи со лоши навики во исхраната и намалена физичка активност. Ова беше истакнато на денешната (14 ноември) прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.
„Ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината“, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ.
Загрижувачки е, додаде, што младата популација е таа која живее со обезност и во годините што доаѓаат ќе развие дијабетес, но и болести што се придружни и од кои се умира.
„Нашата општествена улога, како доктори, е да се трудиме да се вратат здравите навики во исхраната, да се конзумира здрава храна, да се прекине со пушење, да се зголеми физичката активност, за да можеме да направиме популација која што ќе ги надживее родителите. Се смета дека оваа генерација ќе има понизок животен век од нивните родители, поради овие незаразни болести коишто се главна причина за смрт во светот“, рече Миленковиќ.
Министерот за здравство Таравари, пак, во своето обраќање рече дека државата спаѓа во земји со низок ризик за појава на детски дијабетес, во однос на другите европски земји, но сепак, како што изјави, бројот е со постојана тендеција за пораст во последните години.
„Дијабетес тип 1, за жал, го погодува највулнерабилниот дел од популацијата, децата и младите, а третманот опфаќа повеќе аспекти, да се промовира висок квалитет на живот, нормален раст и развој на децата со дијабетес“, посочи Таравари.
Бројот на луѓе кои живеат со дијабетес се зголеми од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година, а преваленцата се зголемува побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи, објави Светската здравствена организација.
Повеќе од половина од луѓето кои живеат со дијабет не земале лекови за болеста во 2022 година. Опфатот со третманите бил најнизок во земјите со низок и среден приход, истакнуваат од СЗО.
Се посочува и дека дијабетесот може да предизвика слепило, откажување на бубрезите, срцев удар, мозочен удар и ампутација на долните екстремитети.
Локалните ќе покажат дали треба предвремени парламентарни избори, порача Мицкоски
Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, изјави денеска (14 ноември) македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
„Тоа е јасно, на сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено“, вели премиерот.
Тој посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата што ја предводи, секогаш е подготвена за избори.
„Имаме локални избори следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни“, рече Мицкоски на денешниот Бизнис форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.
Премиерот порача дека локалните избори би биле прв тест.
„Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката, ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака“, рече тој.
Но, ако победи ВМРО-ДПМНЕ, очекува реформи во сегашната опозиција и нова средба на следните, редовни парламентарни избори во 2028 година.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на вчерашната средба со граѓаните во Кичево истакна дека во октомври следната година заедно со локалните ќе се одржат и воредни парламентарни избори.
„Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања излезе отворено и рече повелете да одиме на избори. Јас го држам за збор. Локалните и парламентарните избори ќе се одржат во октомври следната година“ рече Ахмети.
Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.
Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.
СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.
Обвинителството собира докази по експлозијата во Ќерамидница
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Ќерамидница, каде утрово при експлозија на направа во двор на куќа беше повредено едно лице, соопштија од Обвинителството.
„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти. Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење“, стои во соопштението.
Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со настанот.
Тој додаде дека „убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“.
По експлозијата која се случила утрово во 09:20 часот, повреденото лице било веднаш пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за да му биде укажана медицинска помош, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Трета година по ред нема подобрени изгледи за глобалното затоплување
Трета година по ред нема подобрување на проекциите за глобалното затоплување, а најновите податоци од САД и Кина се очекува дополнително да го потврдат тоа, се вели во извештајот на „Climate Action Tracker“, објавен денеска (14 ноември) од група научници и аналитичари кои ги проучуваат владините политики и тоа го преведуваат во проекции за затоплување.
Како што пренесува АП, според овој извештај, Земјата и понатаму е на пат да биде за 2,7 целзиусови степени потопла од прединдустриското време.
Извештајот доаѓа во време кога се одржува Конференцијата на ОН за климатски промени-(КОП29) во Баку, Азербејџан.
Ако емисиите продолжат да растат, а проекциите за температурата не се намалат, луѓето треба да се запрашаат дали разговорите за климата во ОН прават нешто добро, рече извршниот директор на невладината организација „Climate Analytics“, Бил Харе.
Светот се загреа за 1,3 целзиусови степени во однос на прединдустриското време. Тоа е блиску до границата од 1,5 степени за која земјите се договорија за време на преговорите за климата во Париз, во 2015 година.
Климатолозите велат дека атмосферското затоплување, главно предизвикано од согорувањето на фосилни горива, предизвикува поекстремни и штетни временски прилики, вклучувајќи суши, поплави и екстремна топлина.
„Веќе треба да гледаме дека глобалните емисии се намалуваат“, а тоа не е така, рече Харе.
Главното прашање во Баку е колку богатите земји ќе им помогнат на сиромашните земји да ги декарбонизираат своите енергетски системи, да се справат со идните штети од климатските промени и да ја платат штетата од екстремното затоплување.
Старата цел од 100 милијарди долари годишна помош станува застарена и главниот фокус е да се стаса до нова, повисока бројка.
Специјална независна комисија од експерти составена на барање на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска (14 ноември) објави сопствена проценка за трошоците и финансиите, повикувајќи на тројно зголемување на старата обврска.
„Напредните економии треба да покажат јасна посветеност“ за помош на сиромашните земји, се вели во извештајот.
Коалицијата на сиромашни земји во Баку бара годишно финансирање од 1,3 трилиони долари за климатските промени. Во извештајо стои дека на земјите во развој им требаат околу еден трилион долари годишно од сите надворешни извори, а не само од владини грантови.
Извештајот објаснува колку би чинело да се декарбонизира светската економија и од каде би можеле да дојдат парите. Вкупните трошоци за климатска адаптација за сите земји се предвидува да достигнат 2,4 трилиони долари годишно.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете