Достапни линкови

Технолошки развој и инфраструктура за побрз излез од ковид - кризата


Илустрација
Илустрација

Светската банка прогнозира дека на македонската економија ќе ѝ требаат скоро две години за да се врати на нивото од 2019 година. Бизнисмените бараа владини инвестиции во технолошки развој, дигитализација и инфраструктура за забрзување на излезот од кризата.

Заздравувањето на економијата директно ќе зависи од траењето на епидемијата, но освен здравствените политики, владата треба да инвестира во технолошки развој, дигитализација, поддршка на извозот и во инфраструктурата за да го забрза враќањето на преткризната состојба, велат домашни бизнисмени со кои разговаравме.

Според најновиот извештај на Светска банка за Глобалните економски перспективи, објавен деновиве, се очекува македонската економија да го достигне нивото од 2019 година дури кон крајот на наредната година, што е попесимистичка проценка од онаа која ја имаат македонските власти. Светска банка проценува дека македонската економија минатата година падна 5,1 отсто, а годинава очекува раст на бруто-домашниот производ за 3,6 отсто и 3,5 отсто наредната година.

Дурим Зеќири од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека покрај економската помош за спас на стопанството, владата треба да размислува за инвестиции за побрз излез од кризата.

„Финансиска поддршка за зголемување на технолошките капацитети на компаниите што ќе резултира сите компании да бидат поконкурентни на локално, регионално и пошироко ниво. Ќе треба да се стимулира и дигитализација на услугите кај јавните институции, но и кај приватните компании. Потребна е реализација на капитални инвестиции од над 85 отсто која ќе донесе експоненцијален развој на инфраструктурата, а владата ќе треба да работи на стимулирање на извозот како клучен елемент за развој, пораст и побрзо закрепнување на економијата“, вели Зеќири.

Бизнисменот Мирче Чекреџи, пак, вели дека враќањето на преткризно ниво ќе биде во директна корелација со сузбивањето на епидемијата на коронавирус. Власта треба што побрзо и поефикасно да ја сузбие епидемијата, а бизнисот и сам ќе се извлече после тоа, вели тој.

„Со масовна вакцинација или на други начини, тоа здравствените власти најдобро знаат. Директна причина за оваа економска криза е епидемијата на ковид-19. Од кога ќе се спречи епидемијата, а тоа е добро да се направи во што пократко време, тогаш ќе почне заздравувањето на економијата“, вели Чекреџи.

Тој посочува дека ако епидемијата трае до крај на годинава, речиси сигурно е дека ќе бидат потребни цели две години за враќање на преткризната состојба.

Народната банка предвидува враќање на преткризно ниво во текот на 2022 година. Според нивните проекции, минатата година завршила со пад од 4,9 отсто, за годинава се очекува раст од 3,9 отсто и 3,6 отсто догодина.

Македонска економија во првите три квартали од минатата година доживеа пад од 5,7 отсто. Најголемиот пад од скоро 15 отсто беше во второто тримесечје кога имаше затворање на економијата поради спречување на ширењето на коронавирусот.

Власта очекува падот за целата година да биде под 4,5 отсто. Ако нема нов бран на епидемијата, за годинава се очекува раст од 4,1 отсто, со што враќањето на преткризната состојба би било во првата половина на наредната година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG