Во моментов во земјава активни се 14 банки од кои две до три биле дел од предистражна постапка поради искористување на заложно право односно со кредити од самата банка се купувале акции за сопствени потреби на сопствениците на банките. Изјавата на првиот човек на финансиската полиција Арафат Муарем дека некои банки се под лупа на институцијата со која раководи го вознемири банкарскиот сектор. Познавачите на овој сектор, како бившиот гувернер Патер Гошев, велат дека со вакви изјави може да се произведе на вештачки начин вистински проблем, паника кај штедачите која ќе потикне повлекување на пари од банки. Од Управата за финансиска полиција го дообјаснија Муарем истакнувајќи дека активни истраги за овој период нема туку дека сомнежот за кривични дела произлегува од активности направени пред десетина години, односно во период од 2007 до 2012 година и дека за нив во 2018 година поднеле извештај до тогашното Специјално јавно обвинителство.
Реакција на Народна банка и УФП по изјавата на Муареми за истрагата за „Еуростандард банка“
Поранешниот гувернер на Народна Банка Петар Гошев остро го критикува откривањето на информацијата за предистражната постапка за која вели дека станува збор за неодговорна изјава затоа што се зборува само за сомневање за некое дејствие слично како во Еуростандард банка.
„ Што ако се покаже дека крајниот исход не го потврди тој сомнеж или ако крајната инспекција покаже дека има случаи на прекршување на законост, незаконско стекнување на акции, тоа не значи ништо во стабилноста на таа или тие две три банки, а тој дава таква изјава“,вели Гошев.
Тој додава дека последиците од таква изјава може да бидат големи и да создадат проблем таму каде што го нема, односно ги заплашува штедачите кои може во паника да почнат со повлекување на парите од банките.
„Без аргументи, без утврдени факти да се истрчува и да се даваат такви изјави не е добро. Не ја исклучувам можноста да има прекршоци од страна на некои банки, тоа нека го утврди финансиската полиција од нејзиниот домет, нека го утврди тоа Народната Банка која континуирано следи, ќе ги санкционира тие таканаречени зделки, и ќе ја заврши работата. А тоа воопшто не мора да значи а и сигурен сум дека не значи загрозување на тие банки, ниту на банкарскиот систем во целина“ вели тој.
Народната банка преку писмена реакција истакна дека не располагаат со детални информации за овие прашања. Како што велат, дополнителното појаснување од Управата за финансиска полиција јасно се посочува дека не станува збор за активности коишто тековно се одвиваат и со тоа не претставуваат ризик за банкарскиот систем.
„Народната банка, во континуитет ги зајакнува регулативата и супервизорскиот капацитет, доследно ја спроведува својата супервизорска функција и постапува согласно со своите надлежности. Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат солидни и стабилни, а впрочем и оцените на сите релевантни меѓународни институции за банкарскиот систем се позитивни“ се вели во одговорот од Народната Банка.
Според последниот годишен извештај за банкарскиот систем за 2019 година од Народната банка во земјава функционираат 17 депозитни институции односно 15 банки и две штедилници. Во меѓувреме, годинава, под стечај отиде Еуростандард банка.
„Од аспект на големината, неколку банки се клучни за вкупниот банкарски сектор и домашната економија, а со растот на средните банки сѐ повеќе се намалува значењето на најголемите три банки во системот“ се вели во извештајот каде се посочува дека најголемиот дел од банките во земјава се во доминатна странска сопственост.
Во првиот квартален извештај од годинава на Народна банка за стабилноста на банкарскиот систем се вели дека спроведеното тестирање на отпорноста на банкарскиот систем и на одделните банки на симулирани шокови покажале еднакво добри резултати односно слични на лани.
Муарем во изјавата за „24 Анализа“ истакна дека разликата меѓу Еуростандард Банка и овие, како што вели, две -три банки е во тоа што во Еуростандар биле давани кредити без покритие додека другиве банки давале кредити на сопственици за купување на банки во истите банки, а со заложно право е обезедено покритие.
Финансова полиција- на добар пат сме да докажеме каде завршиле парите од „Еуростандард банка“
Според законот, кога бизнисмени се обидуваат да купат акции во банка со кредит добиен од банката во која сакаат да купат акции по законот за работа на банки е кривично дело.
Сопственикот на Еуростандард банка бара широка истрага
Како пример за такво нешто може да се наведе и Поштенска банка за која сега после 15-тина години е покренато обвинение кое стигна до Суд. Предметот го отвори пред неколку години поранешното Специјално обвинителство. Во ова обвинение е вмешана и Еуростандард банка затоа што акцинерите ги вратиле, парите во Поштенска банка со тоа што зеле кредит од Еуростандар банка а како гаранција ги прикажале истите пари што ги вратиле во Поштенска банка. За ова дело кое обвинителството го опишува како кривично, сторено пред повеќе од 15 години, јавноста дозна поради истрага која произлезе од материјалите од незаконски прислушуваните разговори.