Достапни линкови

Судскиот „плевел“ ќе се треби догодина


Прочистувањето на правосудството остана за 2021 година. Методологијата по која тоа ќе се прави ќе биде позната за некој ден. „Проветрувањето“ во третата власт е неопходна за да се врати довербата кај граѓаните.

Ставањето ред во судството од ветување пред изборите во 2016, стаса до прв приоритет за 2021. Прочистувањето во судството е неопходно за да се врати довербата кај граѓаните, порачуваат експерти. Судскиот совет во четвртокот разреши двајца судии од Основнот суд Охрид поради несовесно работење.

Поранешниот судија и актуелен професор на Факултетот за општествени науки, Башким Селмани вели дека за да успее „прочистувањето“ треба да се истражи политичкото влијание кај одреден судија или обвинител, дали се вмешани во коруптивно дејство и дали има застарени предмети.

„Доколку овие три работи не се спроведат, тогаш нема да биде успешно. Над 120 илјади предмети се застарени, а има и дополнителни предмети кои не се решени. На пример кај граѓанската постапка еден спор треба да се реши за најдолго 120 дена, а ние имаме предмети застарени или не решени по 12 години. Прво нешто што треба да се направи е да се има ревизија врз основа на предметите, а потоа и да се види колку сопственост има, колку е богат“, вели Селмани.

Судскиот совет изработи методологија по која треба да се прави проветрување во правосудството, но методологијата на јавноста ќе ѝ биде позната за некој ден. Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека дел од критериумите за филтрирање би биле утврдување дали има неоправдано одложување на рочишта од страна на судиите, непочитување или пречекорување на законските рочишта, застарување на гонење или извршување на санкциите во кривичните предмети, неправилна одлука или приговор за застареност од странките.

Пред изборите во 2016, сегашниот премиер Зоран Заев гарантираше дека ќе има целосен реизбор во судството. Потоа имаше и моменти кога велеше дека со таква процедура може да останеме без судии, оти има повеќе судски места, отколку што имаме судии во земјата. Сега таканареченото прочистување во судството повторно е во игра, како приоритет број еден од новиот владин план „Акција 21“, кој треба да послужи за европски стандарди дома. Преставувајќи го планот Заев рече дека ќе се ревидираат цели досиеја и дека секој судија ќе биде оценуван.

Селмани вели дека треба да се поврати довербата на јавноста во судството, граѓаните да знаат кои предмети биле монтирани и да се бара одговорност од судиите, но да се тргне превезот на политичкото влијание за да не се сомневаат луѓето дека зад некое разрешување стои одредена партија. Селмани се сомнева дека органите на правосудството и антикорупционерите ќе може да се носат за задачата.

„Немаат јака автономија на однесување, туку сите зависат од политиката, бидејќи сите се избрани од политиката“, вели тој.

Дел од членовите на Судскиот и на Советот на обвинители се бираат во Собрание, исто како и членовите на државната Комисија за спречување корупција (ДКСК).

Претседателката на Институтот за човекови права и поранешна судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца – Николовска вели прочистувањето во судството е многу потребно за да се врати довербата.

„И законот дава одредена можност за прочистување во насока на оценување на работата на судиите, има повеќе елементи, и претпоставувам дека оваа методологија е во таа наскока и мора да биде во согласност со законот. Кај судството постои можност за разрешување, има можност за дисциплинска, има и кодекс и тој треба да почитува“, вели Николовска. Таа вели дека најголемото внимание се насолува кон кривичните предмети, а се забораваат граѓанските предмети и на тие од управна природа.

„Тука е државата таа која што во голем дел придонесува за иницирање на предмети и за одолговлекување. Не може еден предмет во управна постапка да се враќа неограничено во комисиите и комисиите постојано да ја носат истата одлука и никој да не одговара за тоа, а целата насока да се пренасочи дека кон судиите“, вели претседателката на Институтот за човекови права.

Јавната обвинителка Вилма Русковска и министерот за правда Бојан Маричиќ
Јавната обвинителка Вилма Русковска и министерот за правда Бојан Маричиќ

Од Судскиот совет информираат дека е усвоена Методологијата за оценување на работата на судии. Методологијата ќе биде презентирана пред јавноста на 28 декември. Клучна улога во „прочистувањето“ на правосудството имаат и Антикорупциската комисија, која ги проверува имотите на судиите и обвинителите и Советот за јавни обвинители, кој треба да посочи кои се луѓето кои чувале истраги во фиока. На почетокот на следната година се очекува и стартот на ЕУ-мониторингот на судските случаи од висок профил. Се предвидува експерти од странство, како и домашни експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ да мониторираат по околу 50 предмети годишно. Целта на овој процес е да се зголеми довербата на јавноста во правосудството, но и да ја увери Европската унија дека навистина се спроведуваат законските принципи.

За приодот 2019-2020 година се разрешени осум судии, а според информациите од Судскиот совет во тек се постапки за 83 судии. Според нивните анализи најмногу се застарувале извршните кривични санкции и прекршоци, а кај граѓанските предмети се трупале имотни спорови и оставински постапки.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска изјави дека досега има три случаи во кој имотот на судии и обвинители не соодветствува со нивните месечни примања. Антикорупциската комисија во планот за оваа година го испитуваше имотот на претседателите на судовите.

„Има слабости, не ги поднесуваат редовно анкетни листови, за почеток, за крај на функција, не ги ажурираат податоците при промена на имотна состојба што е законска обврска. Сето тоа е нотирано и за тие случаи веќе се спроведува прекршочна постапка“, рече Ивановска за ТВ 24.

Годинава на казна затвор беа осудени поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и поранешниот претседател на Основен суд Владимир Панчевски, оти ја злоупотребила својата положба и овластувања. Јанева зела пари и подароци за да ја олесни положбата на обвинети во случај на СЈО, а Панчевски рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку компјутерскиот систем за распределба на предмети. Годинава од функцијата претседател на Врховниот суд и судија беше разрешен Јово Вангеловски. Вангеловски беше разрешен поради незаконската постапка околу овозможувањето на бизнисменот Сеад Кочан да се брани од слобода.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG