Додека на секое судско рочиште обвинетиот Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 бара изземање на судијките кои го водат сускиот случај Меѓународен сојуз, рочиштата си „врват“ со презентирање на материјалните докази. Во судницата се читаа смс пораки и електронска комуникација меѓу обвинетите Јовановски, потоа второ обвинетата поранешна потпретседателка на Собранието и на СДСМ Фросина Ременски, како и останатите обвинети во случајот, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, како и неговиот татко Миле Јовановски.
Петтмината обвинети се товарат за кривичните дела „измама“ и „перење пари“. Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски - Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.
„Во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од невладината и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност“, е наведено во обвинителниот акт.
Обвинетата асистентка и Мандиќ, според обвинителството, ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на Боки и со умисла му помагале да ги пушти во оптек, иако знаеле дека потекнуваат од кривични дела. Мандиќ, исто така, иако немало легално покритие, добивала пари од Боки и ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на сметката на „Меѓународниот сојуз“.
Битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски префрлил 720.000 евра на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, додека стружанецот Ардијан Амзоски, 233.000 евра ѝ префрлил токму на Јасна Мандиќ. Планот бил со парите на Силјан Мицески да се изградат модерни пензионерски домови во Охрид и во Битола, а со оние на Амзоски ист таков центар во скопски Карпош.
Улогата на Ременски, според соопштението од обвинителството, била што таа со својот углед и авторитет го поддржувала Боки 13 на средби со оштетените бизнисмени. Ременски е првата политичарка која е осомничена, а потоа и обвинета додека е дел од владејачката партија и извршува јавна функција.
Јовановски, од почетокот на рочиштата обвинува дека станува збор за политички монтиран случај од страна на власта, особено од премиерот Зоран Заев.
Ременски која во случајот е обвинета за помагање, во јавност неколку пати посочи дека во делот од нејзината одбрана ќе истакне дека претресот во нејзиниот дом бил нелегален. Во дел од медиумите по претресот во нејзината куќа беше објавено дека биле најдени доверливи и класифицирани документи од УБК. Тие, како што јавува Телма, се предадени во обвинителството, а потоа за нив е известена и наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност. Но, оттогаш до сега за ова во јавноста нема повеќе иноформации, освен шпекулации за кои предмети се однесувале доверливите документи.
Ременски како Боки 13, гледа политичка конструкција во судскиот предмет, па најави и кривични пријави против полицајци од МВР и Обвинителството.
„ Обидот за прикривање на оваа страшна злоупотреба на државниот апарат за да се претстави во јавност некаква атрактивност и политичка вмешаност на политичар во предметот е направена толку тенденциозно што јас ве уверувам дека во фаза на постапка, натаму ќе има и кривична одговорност за сите инволбвирани во случајот за злоупотреба на нивните овластувања“ изјави Ременски пред судските порти.
Бизнисмени тврдат не биле рекетирани, но ги бараат парите назад
Од друга страна, бизнисмените кои се оштетни во предметот неколку пати во јавност го сменија исказот, прво велеа дека не се измамени, туку дека им се допаднала идејата, но подоцна во судот дел од нив и побараа оштета. Струшкиот бизнисмен Ардијан Амзоски во судот побара оштета од 195 илјади евра, сума која е пониска од онаа наведена во обвинението од 233 илјади евра. Според обвинението Боки 13 со измама му ги наплатил парите на Амзоски.Кон кривичниот прогон покрај Амзоски се придружи и бизнисменот Силјан Мицевски, но не се појави во судницата за да се произесе дали и колкаво ќе биде неговото имотно побарувањње за оштета. Според обвинението, Мицевски е оштетен за 720 илјади евра.
Опозицијата обвинува дека политичари од власта се вмешани во случајот „Меѓународен сојуз“
Овој предмет го привлекува интересот на јавноста затоа што произлезе од материјалниете докази кои беа собрани со предметот „ Рекет“ за кој беа осудени Боки 13 и неговата пријателка, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
На сослушување во Обвинителство пред почетокот на рочиштата беа повикувани низа политичари меѓу кои и градоначалникот на скопската општина Карпош Стефан Богоев, чие име се појави и во доказната постапка во судот, односно во пишаните пораки кои беа презентирани деновиве.
Според она што беше во 2018 година објавувано на сајтот на 1ТВ каде што неформален сопственик беше Боки 13, беше најавувано дека во општина Карпош, каде што градоначалствува Богоев, ќе се гради најголемото живеалиште на возрасни лица- пензионери во регионот кое ќе обезбеди широк спектар на медицински и општи услуги за грижаи нега на активни и неактивни пензионери од државата и странство под име „Европски комплекс за возразни лица и мобилен сервис“. Во најавата беше наведено дека заедничка цел и мисија на „ГП Дрим Билдинг“ на струшкиот бизнисмен Амзоски и Меѓународниот сојуз е да создаде заедница за удобност и здравствена сигурност за клиентите.
На судењето на кое беа изведени докази од телефонската комуникација меѓу Јовановски, поранешната пратеничка Ременски како и потпретседателката на „Меѓународниот сојуз“ Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, обвинителката посочи дека анализата на разговорите е правена за периодот од 2018 до 2019 а со која ќе треба да се докаже незаконското финансирање на невладината организација.
На социјалните медиуми летово се појави и листа на сведоци кои адвокатот на Јовановски планирал да ги повика како сведоци во случајот „Меѓународен Сојуз“. Меѓу нив се имињата на премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица, како и неговиот брат Вице и братучедот Трајче Заев. Потоа поранешниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, поранешниот министер за транспорт Горан Сугаревски и портпаролот Костадин Костадинов, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и неговиот колега Богоев, градоначалничката на Битола Наташа Петровска и нејзиниот колега од Дојран Анго Ангов, како и директорката на УЈП Соња Лукаревска. Од бизнисмените прв на списокот е бизнисменот и осомничен во предметот „Империја “ за перење на пари, Јордан Камчев.
Според електронските пораки кои си ги разменувале Јовановски и Ременски, а беа презентирани во судница, дел од политичарите ги инволвираат во продажба и пренамена од земјоделско во градежно земјиште во Злокуќани. Одбраната бараше форензичари да ги симнат сите остварени комуникации на Бојан Јовановски од 2016 година до неговото приведување лани на 15 јули. По неговото приведување минатата година, многу политичари кои на своите профили на социјалните мрежи имаа слика со Боки 13, негираа дека се блиски со него и се оградува од информациите дека биле пријатели или дека имале блиска соработка.
Боки 13 во судот изјави дека не чувствува вина, дека имал владина поддршка и дека проектите за старечки домови за кои барал општинско одобрување за градба а за кои е обвинуван биле реални, а не фиктивни.
„Имав поддршка од Владата, со функционери многу повисоки од неа. Од Оливер Спасовски имав поддршка за проектот „Стоп за децата на улица“’. Имав прием кај премиерот Зоран Заев, има записник, договаравме меморандум за соработка. Јас ли сум крив што сум имал идеја да направам самоодржлив проект што не може ни министерството за труд и социјала да го направи? Цела Влада стоеше зад овој проект, па и дел од локалната власт. Тврдам дека овие средства на бизнисмените Силјан Мицевски и на Ардијан Амзоски не се уплатени на сметката на Меѓународниот сојуз, туку на приватна сметка. Па што се тие, мали бебиња се да ги измами некој? Зошто ми се суди за измама, па уште и за перење пари, а 5 милијарди евра се изнесоа од државата и никого Обвинителството не гони за тоа“, изјави во судницата Јовановски во воведните зборови.
Опозицијата на прес конференции честопати обвинуваше дека кривичното дело е невозможно спроведливо без помош од политичарите во власта.
„ Каде се овие пари? Како се потрошени? Дали функционерите на СДСМ добивале пари од овие скандалозни трансакции? Зошто не пријавиле доколку им било сомнително?, “ праша на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ , Наум Стоилковски.
Според обвинителниот акт, Јовановски познат во јавноста како Боки 13 се товари за измама и перење пари. Потоа Ременски е обвинета за помагање во делото измама, додека Мандиќ и асистентката на Боки Блажевска за помагање во измама и перење на пари. Таткото на Боки, пак, е обвинет за помагање на делото перење пари, но и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. За измама се гони и правниот субјект невладината организација „Меѓународниот сојуз“.