Достапни линкови

Вести

Нова кавга на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Чии советници се поскапи

Поранешниот и сегашниот премиер, Никола Груевски и Зоран Заев
Поранешниот и сегашниот премиер, Никола Груевски и Зоран Заев

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини премиерот Зоран Заев дека среде пандемија и економска криза, се „луксузира со скапо платени советници“, на што СДСМ одговорија со бројки колку поранешниот премиер Никола Груевски „ги плаќал“ неговите советници додека бил на чело на Владата.

„Во моментов сме среде најголема здравствена и економска криза, каде што секојдневно броиме починати, а Зоран Заев и владата се расфрла со луксуз.
Зоран Заев го советуваат дури 23 советници, кои земаат плата над 55.000 денари“, рече на денешната прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите возвратија со податок дека сумата за плати на советниците на поранешниот премиер Груевски биле седум пати повисоки од бројките што денеска ги кажале од ВМРО-ДПМНЕ.

„Никола Груевски со години беше советуван од 91 советник меѓу кои и неговиот потрчко Христијан Мицкоски. Ангажманот на 91 советник на Груевски државата годишно ја чинеше 1,73 милиони евра, сума за над седум пати повисока од онаа што денеска ја соопштува ВМРО-ДПМНЕ“, стои во реакцијата на СДСМ.

види ги сите денешни вести

Европскиот парламент ја осуди „репресијата“ на Азербејџан врз активисти, новинари и опозициски лидери

Илустрација
Илустрација

Европскиот парламент(ЕП) го осуди, како што го нарече, кршењето на човековите права и меѓународното право од страна на Азербејџан, велејќи дека Европа треба да ја прекине зависноста од гасот од оваа кавкаска држава.

Во строго формулирана резолуција, 453 европратеници на 24 октомври гласаа за изјава со која се осудува „репресијата“ на Азербејџан врз активисти, новинари и опозициски лидери дома и во странство, која „забележително се засили“ пред Баку да биде домаќин на 29 Самит за климатски промени (COP29) наОбединетите нации, следниот месец.

„Постојаните прекршувања на човековите права во Азербејџан се некомпатибилни со неговата улога на домаќин на конференцијата за климата и [ние] ги охрабруваме лидерите на ЕУ, како што е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да го искористат собирот како можност да се осврнат на лошите резултати на земјата на ова поле“, соопштија од Европскиот парламент.

ЕП ја повика владата во Баку да ги прекине сите форми на репресија во и надвор од Азербејџан, да ги ослободи сите лица произволно приведени и да ги отфрли сите политички мотивирани обвиненија.

Во резолуцијата одобрена од европратениците се бара и нормализација на односите меѓу Азербејџан и соседна Ерменија и потпишување на долгоочекуваниот мировен договор.

Азербејџан повторно ја презеде контролата врз регионот Нагорно-Карабах, етничка ерменска енклава која целосно се наоѓа на територијата на Азербејџан, во септември 2023 година. Оттогаш, Азербејџан и Ерменија водеа преговори за мировен договор за кој двете страни во септември рекоа дека е 80 отсто завршен.

Сиљановска Давкова: Клучот за нашиот развој е во интеграција согласно Копенхагенските критериуми

Северна Македонија - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија и Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 24 октомври 2024 година.
Северна Македонија - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија и Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија, Скопје, 24 октомври 2024 година.

Македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на Европската унија (ЕУ), очекувањето е дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми. Ова е ставот што ѝ го пренела македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на средбата во Скопје на 24 октомври, соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова.

„Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите. Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување“, пишува во соопштението.

Сиљановска Давкова посочила дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.

Претседателката на Европската Комисија претходно се сретна и со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Урсула Фон дер Лајен е на четиридневна турнеја во регионот. По Скопје, таа ќе ги посети подрачјата погодени од поплавите во Босна и Херцеговина и ќе се сретне со високите државни претставници. Во Србија, на 25 октомври, Урсула фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот и премиерот на Србија. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на 26 октомври ќе ја заврши посетата на Косово и Црна Гора.

Прорускиот претседателски кандидат на Молдавија го брани својот романски пасош

Александр Стојаногло, кандидат за претседател на Молдавија, противкандидат на актуелната претседателка Маја Санду
Александр Стојаногло, кандидат за претседател на Молдавија, противкандидат на актуелната претседателка Маја Санду

Александр Стојаногло, кандидат за претседател на Молдавија кој ќе се соочи со проевропската актуелна претседателка Маја Санду во вториот круг од претседателските избори на почетокот на следниот месец, го бранеше стекнувањето романско државјанство и ги критикуваше медиумските извештаи дека неговите ќерки работат во Западна Европа.

Санду победи во првиот круг претседателски избори во Молдавија на 20 октомври со освоени 42,49 отсто од гласовите, додека социјалистот Стојаногло, поранешен државен обвинител кој се соочува со обвинувања за корупција, освои 25,9 отсто гласови покажаа конечните резултати.

Во кампањата имаше тврдења за купување гласови, како и кампањи за дезинформации и манипулација на гласачи, наводно оркестрирани од Русија.

Вториот круг на изборите е закажан за 3 ноември.

Поголем дел од Молдавија беше дел од Романија до крајот на Втората светска војна, а многу Молдавци имаат и романско државјанство, што им дава можност слободно да патуваат во Европската унија и да работат таму.

Стојаногло го бојкотираше референдумот за интеграција на Молдавија во Европската унија (ЕУ) што беше одржан во ист ден со претседателските избори и на кој европската опција предводена од Санду победи со тесно мнозинство.

Откако медиумите открија дека Стојаногло поседува романски пасош, тој тврдеше дека го добил во 2019 година во „аполитички контекст“, без да каже детали.

Стојаногло ги нападна медиумите за извештаите дека двете негови ќерки работат на Запад.

Според јавните податоци на социјалните мрежи, неговата постара ќерка Кристина магистрирала економија и бизнис во Виена и работи за компанија со седиште во Швајцарија, додека помладата Корина студирала на Универзитетот во Мастрихт во Холандија и работи за Европската централна банка (ЕЦБ) во Франкфурт, Германија.

Многу набљудувачи го сметаа двојното гласање во Молдавија како клучно во одлучувањето за насоката во која ќе се движи земјата – ќе има поблиски врски со Европа или ќе остане во сенка на Русија.

Русија го одобри Договорот за воена помош со Северна Кореја

Прирачник од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, објавен на 18 октомври 2024, покажува сателитска снимка на рускиот воен објект, за каде НИС соопшти дека се собираат севернокорејски војници.
Прирачник од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, објавен на 18 октомври 2024, покажува сателитска снимка на рускиот воен објект, за каде НИС соопшти дека се собираат севернокорејски војници.

Руската Државна Дума, Долниот дом на парламентот, го одобри договорот за стратешко партнерство со Северна Кореја, кој дозволува „воена и друга помош“ од една на друга земја, пренесе сервисот на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Договорот, одобрен на 24 октомври, откако првично беше договорен меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Пјонгјанг во јуни, ја носи соработката меѓу двете земји на повисоко ниво, вклучително и изјава во која се наведува дека доколку едната страна биде нападната и се најде во воена состојба, другиот мора „веднаш да обезбеди воена и друга помош со сите средства што му се на располагање“.

Не е јасно како треба да се толкува таа клаузула, но и Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави(САД) неодамна рекоа дека имаат докази дека севернокорејските трупи се во Русија и се чини дека одржуваат вежби.

Таквото распоредување ја зголемува можноста севернокорејските војници да им се придружат на руските трупи кои се борат во Украина, бидејќитаму продолжува војната предизвикана од целосната инвазија на Москва врз нејзиниот сосед во февруари 2022 година.

Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, на 23 октомври рече дека има докази за испраќање војници во Русија од страна на Северна Кореја откако Пјонгјанг ѝ обезбеди оружје на Москва.

Аналитичарите сè уште ја проценуваат ситуацијата, рече Остин, но Пјонгјанг, кој ги негираше обвинувањата, може да се соочи со последици за директната помош на Русија.

Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби,изјави дека Белата куќа верува дека најмалку 3.000 севернокорејски војници отпатувале со брод до Владивосток на рускиот Далечен Исток меѓу почетокот и средината на октомври.

Минатата недела, јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) соопшти дека го следела движењето на војската на Северна Кореја од 8 октомври до 13 октомври и дека снимила транспорт на специјални сили на руска територија преку руски транспортен брод.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, исто така неодамна објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина.

Кремљ претходно ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја дека Пјонгјанг ѝ испорачувал артилериски гранати и ракети со краток дострел на Москва, но не ги коментираше последните тврдења ниту на Сеул ниту на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на 14 октомври рече дека „ова веќе не е само пренос на оружје. Всушност се работи за трансфер на луѓе од Северна Кореја до окупаторските воени сили“.

Пјонгјанг и Москва се сојузници од основањето на Северна Кореја по Втората светска војна и уште повеќе се зближија по руската инвазија на Украина во 2022 година, при што Сеул и Вашингтон долго време тврдат дека Ким Џонг Ун испраќал оружје за употреба во Украина.

Апсења во БиХ и во Хрватска за криумчарење најмалку 159 мигранти

Мигранти на балканската рута
Мигранти на балканската рута

Полицијата на Босна и Херцеговина и Хрватска уапси 16 лица за криумчарење на најмалку 159 мигранти од Босна и Херцеговина во Хрватска преку реката Сава, соопшти европската полициска агенција Европол на 24 октомври.

Според Европол, разбиената група е одговорна за криумчарење мигранти „под животно опасни околности“.

„Користејќи преполни чамци, лицата осомничени за криумчарење доброволно ги загрозувале животите и безбедноста на мигрантите. По преминувањето на реката, мигрантите тајно биле превезувани со разни видови возила, биле скриени во приватни автомобили или товарни простори на транспортни возила и пренесени во Словенија, Италија, Германија и други европски земји на Унијата“, соопштија од Европол.

Се проценува дека осомничените од криумчарење мигранти заработиле најмалку 80.000 евра.

Акцијата беше спроведена како дел од Оперативната работна група формирана во март 2023 година, која вклучува тела за спроведување на законот од Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Таа е насочена кон мрежите на организиран криминал за криумчарење мигранти кои се активни на западнобалканската рута.

Регионот на Западен Балкан е важна транзитна зона за илегални миграции, особено за оние кои се обидуваат да стигнат до Западна и Северна Европа. Трасата на нерегуларната миграција кон Европската Унија преку Западен Балкан, поточно преку Албанија, Босна и Херцеговина и Србија, се зголемува уште од 2018 година, покажа извештај на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Полицијата приведе еден од помилуваните од претседателката Сиљановска Давкова

Илустрација
Илустрација

Полицијата го приведе А.Р.(29) од скопското село Арачиново, кој е еден од осудениците на кои со одлука на македонската претседателка извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Јавното обвинителство(ЈО).

Причина за приведувањето е тоа што за истото лице е поведена истрага за обид за убиство.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, помилува десет осуденици по повод Денот на Македонската револуционерна борба, 23 Октомври. Според таа одлука, на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна додека на останатите седуммина со одлуката им се скратува времетраењето на казната.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека против А.Р. е поднесена кривична пријава по брза постапка, за настан од 14 октомври во Чаир, кога од огнено оружје бил повреден Е.А. (35) од Скопје. По изготвените вештачења, полицијата утврдила дека сторител на делото бил А.Р.

Од Јавното обвинителство соопштија дека полициски службеници на 24 октомври „непосредно по излегувањето од КПУ „Идризово“ – Скопје лишија од слобода лице на кое со Одлука на Претседателот на Република Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело“.

До судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор, соопштија од Јавното обвинителство.

Меѓу помилуваните има и лица кои беа осудени во познати случаи во јавноста. Еден од нив е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.

Талески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.

Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков од селото Богородица. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.

Извршувањето на затворската казна, според одлуката за помилување, пак, се заменува со условна осуда на: Акиф Равмановски од село Арачиново, Никола Трпчески од Охрид и Шенол Маслани од Арачиново.

Дел од медиумите јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот „Барон“, а опозицискиот СДСМ реагираше дека помилувањето на вакво лице е најшокантно од целата листа.

Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.

Сиљановска Давкова, која функцијата ја презеде во мај, нови членови на оваа Комисија именуваше на крајот на јули годинава.

Градоначалниците на Струмица и на Карпош најавија дека ќе излезат од ЗЕЛС, за Перински и Ѓорѓиевски таков потег не е решение

Северна Македонија - Златко Перински, министер за локална самоуправа
Северна Македонија - Златко Перински, министер за локална самоуправа

Секоја најава за нарушување на единството на Заедницата на единици на локална самоуправа(ЗЕЛС) му штети и на ЗЕЛС и на сите општини, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, откако градоначалниците на општините Струмица и Карпош најавија дека ќе го напуштат ЗЕЛС поради проблеми со министри од Владата.

„ ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините“, изјави Перински.

Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градиначалник на Кисела Вода, во изјава за медиумите попладнево, рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ова тело. Тој кажа дека таква одлука носи Советот на општината.

„За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувамат и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда“, изјави Ѓорѓиевски.

Претходно, Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица, на Фејсбук објави дека од денеска, 24 октомври, општина Струмица се откажува од членство во ЗЕЛС, а тој ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Причината е „револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит“.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја продолжи забраната за користење на водата за пиење во Струмица поради пронајдени колиформни бактерии. Проблемот со водата во Струмица трае веќе еден месец.

Стевче Јакимовски, градоначалник на Карпош, најави дека општина Карпош може да го напушти ЗЕЛС поради „големи притисоци од страна на централната власт“.

-„Што прават со мене тука? Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите. Сега јавно да го прашам. Вие одите кон Брисел или одите кон Москва? Ако одите кон Брисел вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет“, изјави Јакимовски.

Тој рече дека МВР му пушта кривични пријави, а не се гласаат општинските програми и буџетот.

ЗЕЛС е единствена национална асоцијација која ги застапува интересите на единиците на локалната самоуправа пред централната власт.

Во ЗЕЛС на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје.

Опозициската партија Тиса е пред Фидес на Орбан, покажуваат анкетите

Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар
Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар

Унгарската опозициска партија Тиса има мала предност пред владејачката партија Фидес, покажа анкетата објавена во четврток (24 октомври). Ова е втора анкета која покажува дека Тиса ја престигнува партијата на премиерот Виктор Орбан.

Лидерот на партијата на десниот центар, Петер Маѓар (43), поранешен инсајдер во владата, претставува голем предизвик за Орбан, капитализирајќи го незадоволството од другите опозициски партии кои се покажаа поделени и неефикасни против Фидес поради изминатите 14 години, пишува Ројтерс.

Толпа од околу 10 000 луѓе се собраа на митингот на Тиса во Будимпешта во средата кога земјата ја одбележа годишнината од востанието против советската власт во 1956 година, кое беше задушено од Црвената армија.

За време на својот говор на митингот, Маѓар ги објави чекорите за подготовка на неговата партија и избор на кандидати за изборите во 2026 година.

Тој вети дека ќе ја искорени корупцијата, ќе инвестира во здравството и образованието и ќе започне „национален дијалог“ со гласачите од 5 ноември, токму кога владата на Орбан се подготвува да испрати анкети до милиони Унгарци ширум земјата за нејзината економска агенда.

Економијата се бори да закрепне од инфлаторната криза, наведува Ројтерс.

Анкетата на Институтот Публикус објавена во четвртокот, спроведена помеѓу 11 и 18 октомври, покажа дека Тиса има 39 отсто поддршка меѓу посветените гласачи, додека Фидес има 37 отсто.

„Еве повеќе студии кои покажуваат дека трката меѓу Фидес и Тиса е речиси изедначена. Вреди да се напомене: на изборите за Европскиот парламент Фидес победи со 45 до 30 проценти, споредено со тоа, ова би била многу сериозна промена“, напиша аналитичарот Габор Торок на својот блог.

Друга анкета објавена во средата, спроведена од Истражувачкиот центар 21 во првата половина на октомври, покажува дека Тиса има 42 отсто поддршка меѓу посветените гласачи, а Фидес 40 отсто.

Што се однесува до електоратот во целина, Фидес продолжува да ја предводи Тиса со 29 отсто поддршка. Две други неодамнешни анкети покажуваат дека Фидес има намалена предност пред Тиса. Во сите анкети околу 30 отсто од гласачите се неопределени.

Орбан, чија десничарска влада се противи на политиката на Европската Унија за обезбедување воена помош за Украина против руската инвазија и одржува добри односи со Русија, во средата рече дека неговата суверена политика за војната во Украина и миграцијата е неприфатлива за Брисел, обвинувајќи ја извршната власт на ЕУ за политичко мешање.

ЕК: Русија не ја добива поддршката од земјите на БРИКС

илустрација
илустрација

Русија не успева да ја добие поддршката што ја бара од земјите на БРИКС, изјави денеска портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со состанокот во Казан.

Портпаролот додаде дека тоа ја покажува меѓународната изолација на Москва.

„Состанокот беше обид на рускиот претседател Владимир Путин да го злоупотреби руското претседавање со БРИКС за да се надмине меѓународната изолација“, рече портпаролот.

Според него, во генералната декларација усвоена на состанокот нема единствен став за војната во Украина.

„Декларацијата од Казан не се однесува на нас. Санкциите на ЕУ се засноваат на правни одлуки според сегашното законодавство“, рече портпаролот.

Инаку рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на овогодинешниот самит на организацијата БРИКС во градот Казан.

Форумот, на кој учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата завршува денеска (24 октомври).

Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг, а присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.

На оригиналните членки на БРИКС -Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија сè уште е нејасен.

Српската полиција ја укина одлуката за протерување на рускиот државјанин Бобришев

Антон Бобришев
Антон Бобришев

Министерството за внатрешни работи на Србија ја укина одлуката според која на рускиот државјанин и антивоен активист Антон Бобришев му беше наредено да ја напушти Србија, јавува Гласот на Америка.

Ваквата одлука на Министерството за внатрешни работи (МВП) е донесена на 23 октомври, по претставка на адвокатот Антон Бобришев.

Постапката пред институциите продолжува, бидејќи Бобришев се жалел и на второто решение, според кое му бил одбиен привремен престој во Србија.

Руското демократско општество, невладина организација која собира руски антивоени активисти во Србија, оценува дека во случајот на Антон Бобришев се продолжува со прогонот на руските граѓани во Србија поради нивните антивоени ставови.

Со решението на Министерството за внатрешни работи на Србија, кое беше издадено на 16 септември, беше одбиено барањето на Антон Бобришев да му се одобри привремен престој во Србија, по основ на сопственост на недвижен имот.

Три дена подоцна, МВР со ново решение му наложи да ја напушти Србија во рок од 30 дена - односно до 19 октомври.

Во образложението на својата одлука, МВР наведува дека „претходно била побарана проценка од државниот орган надлежен за заштита на безбедноста на Србија дали престојот на странец претставува неприфатлив безбедносен ризик“.

По жалбата на адвокатот, МВР на 23 октомври ја укина наредбата Бобришев да ја напушти државата.

Постапката по втората жалба, со барањето Бобришев да му се одобри привремен престој во Србија, сè уште е во тек.

Бобришев и неговата сопруга се преселиле во Србија пред осум години.

Како што претходно објави Руското демократско општество, Антон Бобришев учествуваше на антивоени митинзи во Белград, а во јуни 2023 година во Панчево организираше митинг за поддршка на лидерот на опозицијата и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој почина во затвор во Русија во февруари на оваа година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG