Достапни линкови

„Коегзистенција“ на Ликовна колинија Галичник 2020


Девет современи македонски и исто толку интернационални уметници ќе учествуваат на 31-та а Ликовна колонија Галичник што во две сесии и со он-лајн партиципација ќе се одржи од 15 до 25 август годинава.

Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовска, Зоран Шеќеров, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска се деветте македонските творци кои ќе бидат учесници на 31-то издание на Ликовната колонија Галичник што ќе се одржи во две сесии од 15 до 25 август. На нивен предлог , заради состојбата со вирусот КОВИД 19, онлајн ќе партиципираат исто толку интернационални уметници – автори како Жангхонг Лиао од Кина, Бурим Муфтиу од Косово, Тарлан Лотфизаде од Иран, Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ одСрбија, Уругваецот Франциско Томшик, Ивана Радовановиќ од Црна Гора, Рубен Бас од Холандија и Том Лујтен од Белгија.

Дело на Јана Јакимовска

Организаторите на ова значајно ликовно случување појаснуваат дека ваквиот концепт овозможува да се задржи меѓународното реноме на манифестацијата, а истовремено нуди можност за уште попродлабочена соработка помеѓу домашните и интернационалните автори. Тие се убедени дека предноста на новите технологии овозможува и во вакви кризни времиња да ги одржуваат културните манифестации кои се препознатливи по својот квалитет и во светот, а интернет платформите се тука за да им обезбедат близок виртуелен контакт со меѓународните уметници кои ќе се презентираат пред локалната публика, ќе се запознаат со останатите македонските автори, ќе почувствуваат дел од магијата на прекрасниот Галичник и ќе имаат блиска соработка преку колаборативно креирање на едно уметничко дело со еден од македонските уметници.

- На Колонијата во живо ќе учествуват девет македонски уметници и секој од нив имаше за задача да покани свој меѓународен соработник, уметник колаборатор којшто ќе биде исто така онлајн учесник на Ликовната колонија Галичник оваа 2020 година. На тој начин ќе успееме да ја задржиме онаа меѓународна нитка којашто оваа колонија ја нижела досега, вели Ана Франговска, организатор и куратор на оваа уметничка средба.

Дело на уметничката од Црна Гора - Ивана Радовановиќ

Таа и со појаснување дека заради условите во кои живееме оваа година се решиле и за наметнување на еден концепт којшто повеќе има за идеја да го обележи периодот за кој се надеваат дека ќе биде единствен во вакви услови.

- Тематот е насловен „Коегзистенција“ и пред се* се однесува на коегзистенцијата и онаа изгубена релација помеѓу природата и човекот. Галичник, пак, од друга страна како едно прекрасно планинско место нуди можност за преиспитување на оваа изгубена релација помеѓу човекот и природата и затоа искрено сигурни сме дека ќе изврши големо влијание и голем импакт врз размислите на коишто поканетите уметници ќе имаат можност да ги продлабочат и да ги развијат. Постојат и други нивоа на читање на оваа идеја, овој концепт. Општо гледано како коегзистенција помеѓу уметноста и општеството, уметноста и политиката, уметноста и екологијата и уметноста и технологијата. Секој друг меѓуслој на читање на концептот е возможен, а интенцијата е барем на минорно ниво да се остави трага или белег на времето во кое живееме сега.

Франговска дополнува дека медиумите преку кои ќе се изразуваат поканетите уметници се од најкласични, па се до најсовремени.

- Сепак оваа колонија е препознатлива по таа новомедиумска одредница којашто и дава белег на единственост во Македонија, но и во регионот, така да и оваа година ќе доминираат тие новомедиумски определби тргнувајќи од фотографија, видео перформанс и објекти, но секако и класични медиуми ставени во еден поинаков контекст, смета таа.

Дело на Бурим Муфтиу од Косово

Конечно, не треба да се заборави дека заради поголема безбедност и избегнување на групирања, уметниците ќе бидат поделени во две сесии по 5 дена и ќе се придржуваат до сите протоколи за заштита на здравјето на сите учесници, а организаторите на Колонијата и овојпат очекуваат успешна креативна средба која ќе вроди со продукција на нови квалитетни уметнички дела кои ќе бидат сведок на овие специфични и турбулентни времиња во кои живееме.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG