Достапни линкови

Дали жена без политичко искуство може да му стави крај на владеењето на Лукашенко?


Свјатлана Циханускаја
Свјатлана Циханускаја

Блогерот Сјархеј Цихануски требаше да го предизвика долгогодишниот белоруски претседател Александар Лукашенко. Но, по неговото апсење, сега тоа е неговата сопругата Свјатлана. Таа привлече голем број луѓе на митинзите, по што многумина, како што пишува новинарот на РСЕ Тони Весоловски, се прашуваат дали таа може да го победи авторитарниот владетел на изборите на 9 август.

Свјатлана Циханускаја, која се надева дека ќе го собори белорускиот претседател Александар Лукашенко, претседателот со најдолг стаж во Европа и кој е наречен последниот диктатор на Континентот, застана до микрофонот, погледна во публиката и се извини.

„Извинете ... Некако сум нервозна. Тука има толку многу луѓе“, рече 37-годишната жена кога го започна своето обраќање на 24 јули во Наваполатск, град со околу 100.000 жители на северот на земјата со популација од околу 9,5 милиони луѓе.

Циханускаја се кандидира на претседателските избори во Белорусија на 9 август, и покрај тоа што вели дека навистина не ја сака таа работа и вети дека ќе се откаже од неа брзо доколку победи.

Приведени независни набљудувачи на изборите во Белорусија

Таа влезе во трката откако нејзиниот сопруг Сјархеј Цихануски, жесток блогер, беше уапсен, а потоа и му беше забрането да собира потписи за да се кандидира за изборите.

Тој беше еден од тројца кандидати кои се сметаа за сериозни предизвикувачи на Лукашенко.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко и министерот за внатрешни работи Јури Карајеу (Д) ја посетија базата на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи во Минск, 28 јули 2020 година
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко и министерот за внатрешни работи Јури Карајеу (Д) ја посетија базата на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи во Минск, 28 јули 2020 година

Лукашенко кој има 65 години, е на власт од 1994 година. Тој се соочува со она што многу експерти го нарекуваат негов најсериозен предизвик досега.

Белорусија беше силно погодена од пандемијата на коронавирус, а многумина го обвинуваат Лукашенко, кој одби да воведе какви било мерки, отфрлајќи го вирусот како ништо повеќе од „масовна психоза“.

Светската банка предвидува дека економијата ќе падне за 4 проценти оваа година, што претставува најголем пад за 25 години.

Лукашенко ќе избега од Белорусија ако се соочи со масовни протести?

Популарноста на Лукашенко очигледно опаѓа, а неговите предизвикувачи почнаа да привлекуваат голем број луѓе на митинзите кои обично се растурени од полицијата.

Од мај досега, повеќе од 1.100 лица се притворени, бидејќи Лукашенко вети дека нема да има „Мајдан“, како што се нарекуваа протестите во 2014 година во Украина што доведоа до соборување на тамошниот проруски претседател.

Лукашенко се нафрли на Запад, на Полска, дури и на долгогодишниот сојузник Русија, обвинувајќи ги за поттикнување немири.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко пристигнува на состанокот на Советот за безбедност, за време на изборната кампања во Минск, Белорусија, 6 август 2020 година
Белорускиот претседател Александар Лукашенко пристигнува на состанокот на Советот за безбедност, за време на изборната кампања во Минск, Белорусија, 6 август 2020 година

Триесет и три руски платеници беа уапсени во она што Лукашенко тврди дека е заговор за сеење „нестабилност“ пред изборите. Овие обвинувања беа отфрлени од Кремљ.

Лукашенко – Русија го прикрива обидот за дестабилизација на Белорусија

И покрај нејзините рани сомнежи и нервозни моменти, скоро случајниот кандидат Циханускаја успеа да се справи на митинзите низ Белорусија.

Кампањата на Циханускаја започна, помогната од две други жени со висок профил, како нов бран на женски политички активизам во конзервативната Белорусија.

Вераника Цапкала ја предводеше кампањата на сопругот Валер, поранешен амбасадор во Вашингтон и основач на High Tech Park во Минск, кој избега поради заканите, најнапред во Москва, а потоа во Киев.

Другата жена што му се придружи на тимот на Циханускаја беше Мерија Калесникава, која ја водеше стилизираната кампања на Викатар Бабарика, поранешен претседател на одборот на „Белгазпромбанк“.

Најголем опозициски протест во Белорусија пред изборите

Лукашенко ги оцени тројцата кандидати како „лоша работа“ и тврди дека Белорусија не била подготвена за жена како претседател. Тој дури предложи да се измени уставот за да се дозволи само на оние што служеле во војската - практично сите момчиња во Белорусија - да се кандидираат за претседател.

Вераника Цапалка,Свјатлана Циханускаја и Мерија Калесникава
Вераника Цапалка,Свјатлана Циханускаја и Мерија Калесникава

Валер Карбалевич, белоруски политички аналитичар од Минск, вели дека Лукашенко ја пуштил Циханускаја во трката, сметајќи дека не му е голем ривал.

„Тој смета дека ако Белорусите се принудени да избираат меѓу гласање за домаќинка или гласање за помудар, поискусен политичар, тогаш дури и оние што се скептични кон него ќе гласаат за него. Тоа е неговата логика, неговото размислување“, објаснува Кабалевич.

На 30 јули околу 63.000 луѓе, според белоруската невладина организација Вјасна (Пролет), излегле на митингот на Циханускаја во Минск. Ова беше најголем опозициски собир во главниот град во изминативе неколку децении.

Забрането учество на изборите во Белорусија за главните ривали на Лукашенко

До ова дојде неколку часови откако Циханускаја и другите кандидати беа повикани на состанок со белоруските службеници за безбедност, кои ги предупредуваа за „можни провокации“ за време на остатокот од кампањата и најавија засилени мерки за безбедност.

Ден претходно, на 29 јули, белоруските власти објавија дека 33 лица од приватната воена компанија Вагнер, поврзана со Кремљ, биле приведени во близина на Минск.

Лукашенко тврди дека дошле да сеат „нестабилност“ пред гласањето, обвиненија што Кремљ ги негираше како апсурдни.

На митингот во Минск со симболите на нејзината кампања - срце, затворена тупаница и знак за победа, Циханускаја рече:

„Мојот сопруг не е криминалец. Влегов во политика не да дојдам на власт, туку да барам правда.“

Белорускиот парламент на вонредна седница за ситуацијата во земјата

Таа додаде дека Лукашенко се обидува да ја дискредитира опозицијата и да го оправда натамошното дејствување, тврдејќи дека Белорусите не би ја купиле приказната на Лукашенко за платениците од Русија.

„Никој нема да верува дека овие напаѓачи се испратени овде специјално за изборите“, рече Циханускаја пред насобраниот народ.

Таа и нејзиното семејство се соочија со закани.

Во јули, таа ги пресели нејзините две деца од Белорусија во една земја на Европската унија која не е именувана, поради стравувањата за нивната безбедност.

Циханускаја за изјави дека и покрај тоа што се соочувала со моменти на сомневање, таа повеќе не жали за својата одлука да влезе во претседателската трка, и покрај заканите.

Властите во Белорусија се исплашени
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:40 0:00

„Гледам колку луѓе доаѓаат на нашите митинзи и колку сакаа да дојдат, но едноставно не можеа. Јасен знак е дека луѓето сакаат промена. Луѓето се разбудија. Тие веќе не сакаат да живеат во страв и понижување. Тие сакаат да се чувствуваат дека се граѓани на нивната земја. Инспиративно е. Сфаќам дека има луѓе зад мене, околу мене и пред мене.“

Бидејќи популарноста му опаѓа и се зголемува опозицијата, Лукашенко ги заостри мерките.

Лукашенко: нема никому да му ја предадам земјата

Во говорот пред парламентот на 4 август, тој ги нарече неговите противници добро платени „странски агенти“, кои сакаат да ја вратат Белорусија во „хаосот“ од 1990-тите.

Циханускаја е родена на 11.09.1982 година во Микашевичи, на околу 200 километри јужно од Минск, во типична петкатница во советски стил, каде што нејзините родители сè уште живеат.

„Тие живеат тука, мислам, во овој влез“, укажува на една сива, бетонска зграда жена, која побара нејзиното име да не се користи.

„Јура и Ваya Пилипчук, е едноставно семејство. Таа е готвачка, а тој е возач. Се уште ја памтам Свјата како девојка. Што да ти кажам? Гласам за мир“, рече таа, појаснувајќи дека ќе гласа за Циханускаја.

Ева Иванауна, пензионирана наставничка во училиштето, вели „сите тука се за Свјaтлана“, раскажувајќи како таа била примерна и солидна ученичка.

„Сè уште ја памтам како дете. Таа беше добра девојка. Никогаш немаше никакви проблеми со неа. Не пиеше, ниту пушеше. Имаше добро воспитување. Нејзините родители се добри луѓе“, рече Иванауна за Белорускиот сервис на РСЕ.

По дипломирањето на Државниот педагошки универзитет во Мазир, Циханускаја се запознала со нејзиниот иден сопруг Сјархеј. Тие се преселиле во Минск каде ги одгледувала децата додека Сјархеј се свртел сé повеќе кон прикажување на корупцијата на неговиот канал на Јутуб „Земја за живеење” кој има скоро 270,000 претплатници.

Белорусија пред изборите се пресметува со критичарите

Пред неговото притворање, Цихануски привлекуваше огромна публика низ Белорусија, нарекувајќи го Лукашенко „лебарка”.

Додека кандидатурата на Циханускаја може да е скоро случајна, жените одамна сакаат некаква политичка улога во Белорусија, тврди Нинина Стужињскаја, белоруски активист за женски права.

„Мислам дека белоруското општество одамна е зрело за жена во лидерска улога“, рече таа за РСЕ.

„Погледот на овие жени на јавната сцена е убава работа. Охрабрувачки и оптимистички“.

Светлана Алексиевич
Светлана Алексиевич

Белоруската авторка и добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич и даде поддршка на Циханускаја, велејќи дека жените во Белорусија честопати одговориле на повикот на историјата, иако подоцна биле заборавени.

„Кога го напишав „Непогодното лице на војната“, за тоа како милиони жени се бореле во Втора светска војна, се уверив дека жените се во првите редови на општеството“, рече Алексиевич за Белорускиот сервис на РСЕ.

„Тие беа жртви на олтарот на победата, а по војната не беа ценети и заборавени од државата и народот. Би сакала таквото нешто повторно да не се случува.“

Циханускаја не е единствената жена кандидат во трката. Тука е и Хана Канапатскаја, која беше член на опозицијата во парламентот од 2016 до 2019 година. И покрај нејзиното демантирање, многу аналитичари ја отфрлија како спојлер кандидат.

Циханускаја во говорот на државната телевизија на 28 јули, го обвини Лукашенко за сиромаштијата во земјата, поради неговото лошо управување со економијата.

Таа вети дека Белорусија повеќе нема да биде сиромашна и зависна.

„Велиме дека сакаме нов претседател, а владата одговара дека ќе има „Мајдан“, рече Циханускаја, мислејќи на протестите во Украина во 2014 година, што доведоа до соборување на промосковскиот претседател Виктор Јанукович.

„Велиме дека мнозинството Белоруси сакаат да живеат во слободна, богата земја, а владата ни се заканува со „Мајдан“.

Таа малку зборуваше за надворешни работи, но повика на добри врски со Русија додека изрази противање на каква било подлабока интеграција.

„Ние сакаме да бидеме независни. Ние сакаме да најдеме пријатели, а не непријатели меѓу другите земји.“

Циханускаја вели дека доколку биде избрана, ќе повика на ослободување на сите политички затвореници, враќање на уставот од 1994 година како што беше пред Лукашенко и нови претседателски избори во кои ќе бидат вклучени и сега забранетите кандидати.

„Јас не сум политичар“, рече таа.

„Ќе ја исполнам мојата мисија и тивко ќе се тргнам настрана, а со Белорусија ќе управува нов, пристоен претседател.“

Многумина Белоруси мислат дека веќе го најдоа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG