По неколку станови, куќи, викендички, хартии од вредност, мотори и скапи автомобили се дел од имотот на новите добитници на пратенички мандати. Од куќа и стан во Канада до илјадници метри квадратни шуми или јаболкници во Ресен е спектарот на недвижен имот на народните избраници. Проверивме во дата базата на Државната комисија за корупција колку и каков имот имаат сите добитници на пратенички мандати.
Во списокот на најимотни прв на листата е Насер Нуредини од ДУИ кој досега ја извршуваше функција министер за животна средина. Вкупната вредност на неговиот личен, но и на неговите родители, недвижен и движен имот изнесува 1,97 милиони евра. Тој од личен имот поседува стан во Австрија од 148 метри квадранти, кој вреди еден милион евра, потоа инвестиции во фондови во вредност од 140 илјади евра и депозит во банка тежок 90 илјади евра и кредит од 12 илјади евра. На име имот на родители во анкетниот лист навел дека тие поседуваат куќа во село Камењане, Боговиње и стан во Тетово, како и автомобил БМВ Х5 .
Со детален опис на имотната состојба во анкетните листови по него на листата е Мила Царовска. Таа е една од ретките кои во анкетниот лист го навела имотот на нејзиното пошироко семејство односно на нејзините родители и имотот на нејзиниот брат со што вкупната вредност на имотот и банкарските сметки и кредити достигнува 1,5 милиони евра. Од друга страна под ставка личен имот таа во анкетниот лист навела дека поседува имот вреден 64 илјади евра.
Царовска во својот имотен лист пријавила дека нејзиниот брат поседува градежно земјиште во Пониква купено 2018 година, потоа на име имот на родители пријавила дека поседуваат земјоделско земјиште во Прељубје и Дрмени добиено како наследство со големина од вкупно 26 илјади метри квадратни. Под истата ставка имот на родители Царовска пријавила дека поседуваат куќи во Канада, Скопје, Перово, Лавци, и два стана, едниот во Скопје и еден во Канада. Од личен имот таа во имотниот лист запишала дека поседува Тојота Јарис и градежно земјиште во Пониква купено во 2018 година, потоа акции во вредност од 23 илјади евра, заштедила 7 илјади евра, а се задолжила во банка 35 илјади евра.
Веднаш по неа е досегашниот министер за култура Хусни Исмаили кој освои пратенички мандат во изборната единица 6. Неговиот имот заедно со наведениот имот на неговите родители и брачен другар тежи 1,4 милиони евра. Во анкетниот лист тој навел дека од личен имот поседува 4 стана од кои два во Тетово, еден во Струга и еден во Скопје, две куќи, девизен депозит во банка од 42 илјади евра, и деловен простор во Тетово од 20 метри квадратни. Неговите родители поседуваат 41 илјади метри квадратни земјиште во Тетово.
Имот во странство пријавиле шест пратеници
Освен Царовски и Нуредини уште четворица други добитници на пратенички мандати пријавиле дека имаат имот надвор од земјава. Станот и куќата во Канада кои се во сопственост на родителите на досегашната вицепремиерка за економски прашања Цароска изнесуваат околу 900 илјади евра. Потоа нејзиниот партнер во изборната единица 1, досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров кој во анкетниот лист навел дека како заеднички имот поседува стан во Хаг Холандија, каде што пред да стапи на функција долги години работеше.
Потоа поранешниот министер за надворешни работи и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во анкетниот лист навел дека неговите деца се сопственици на стан во Германија, Ахме.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети навел дека поседува земјоделско земјиште од 700 метри квадратни во Албанија,а пратеникот Енис Ибрахим навел дека неговиот брат поседува деловен простор во Истанбул, Турција.
Од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во системот на ДКСК има податоци за 26 добитници на пратенички мандати кои претходно имале поднесено анкетен лист затоа што извршувале одредена функција. Во системот нема податоци за Зоран Заев и за генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски кој претходно беше министер за земјоделие. Функционерите имаат законска обврска во рок од 30 дена по престанок на функцијата да достават нов анкетен лист до ДКСК по што се повлекува претходниот и тие податоци не се повеќе достапни на веб страницата.
Техничкиот премиер и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во својот анкетен лист навел дека поседува куќа во Куманово од 300 метри квадратни, пежо 307 уметнички и колекционерски предмети во вредност од 4 илјади евра, кредит 10 илјади евра кој годинава треба да го доисплати, и денарски депозит од 36 илјади евра. На име на неговите родители е заведено дека поседуваат земјиште во село Нагоричане од 20 илјади метри квадратни, потоа шума од 37 илјади метри квадратни и куќа изградена 1987 година. Во Куманово поседуваат уште еден земјишен плац со големина од 11 илјади метри квадратни.
Од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО – ДПМНЕ во дата базата на антикорупциска може да се видат податоци на 20 народни избраници кои претходно биле советници во општини или пак заостанал во системот постар анкетен лист кога извршувале некоја функција. Таков пример е анкетниот лист на носителот на изборна единица 3 Игор Јанушев чиј анкетен лист датира од претходната влада кога беше директор на ЈСП Скопје. Во него тој пријавил имот вреден речиси 300 илјади евра.
Неговиот сопартиец која за прв пат ќе седне на пратеничка клупа Игор Дурловски во анкетниот лист кој датира од неговото директорување со Македонска опера и Балет имал наведено дека поседува куќа од 263 метри квадратни и земјиште од 1200 метри квадратни во Скопје и две возила, Киа Спортаж и Крајслер гранд војаџер.
Долгогодишниот пратеник и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски пак, во својот имотен лист на име за заеднички имот, и личен имот како и дополнителни приходи од кирија и разни додатоци вреди најмалку 290 илјади евра .
Лидерите на партии со „поскромен имот “ од околу половина милион евра
Дел од тие кои и досега имале функција поради која и доставиле до Државната комисија за спречување на корупција анкетен лист за состојба на имот „тежат “ и околу половина милион евра.
Во таа листа влегуваат Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска, Исмаил Јахоски од ДУИ кој беше градоначалник на Пласница чиј имот веројатно вреди повеќе од половина милион затоа што не се целосни податоците во анкетниот лист.
Потоа на листата од пратеници „тешки половина милион евра “ е и лидерот на ДПА Мендух Тачи кој во својот анкетен лист навел недвижен и движен имот во вредност од 445 илјади евра.
Дел од новите носители на пратенички мандати ги нема во системот затоа што досега и не биле на функција, Податоците за имотната состојба на на поранешниот премиер Зоран Заев или пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повеќе не се јавно видливи на интернет страницата на ДКСК, иако претходно имале државна функција. За нив нема податоци во јавноста за сегашната имотната состојба. Кога еден од нив ќе стапи на фукнција до Антикорупциска ќе треба да поднесат анкетел лист во рок од 30 дена за имотната состојба.
Според последните податоци во медиумите Заев во 2017 година во ДКСК пријавил дека има имот „тежок “ 728 илјади евра.Тој не пријавил личен недвижен имот, но затоа пак во анкетниот лист кој беше достапен додека беше на функција на негово име фигурираше побарување по основ на заем од речиси 70 илјади евра. Куќата, деловниот простор, станот во Струмица, земјоделското земјиште во Муртино и акциите вредни околу 200 илјади евра припаѓаат на неговите родители. Сопругата и децата имаат депозити во банка во вкупна вредност од 34 илјади евра.
Од друга страна, Мицкоски додека бил директор во АД ЕЛЕМ според истражувањето на СКУП, во анкетниот лист навел дека поседува имот вреден 552 илјади евра.Тогаш пријавил дека поседува станбена куќа со двор во Скопје, вредна 350 илјади евра, депозити од 75 илјади евра, на банкарска сметка 30 илјади евра, и Цитроен Ц5 од 13 илјади евра. Во тој период имал и кредит од 9 илјади евра и заем од 75 илјади евра.
Како помалку имотни лидери се претседателите на ДУИ Али Ахмети,на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Беса Биљал Касами. Касами го нема на веб страницата на ДКСК за анкетни листови, но во претходниот период пријавил дека неговиот имот вредел 308 илјади евра.
Ахмети ,според анкетниот лист, тежи 140.000 евра. Има куќа во Зајас и земјоделско земјиште од 700 метри квадратни во Албанија и депозити во банка. Сопругата на Ахмети вози Фолксваген Поло. Но, во 2008 година, по престанувањето на функцијата пратеник, според истражувањето на СКУП, Ахмети поседувал имот вреден околу 426 илјади евра. Тогашната имотна листа се состоела од земјиште и куќа во Зајас, стан во Скопје, земјиште во Драч, Албанија, автомобил „Опел Астра“ и тековна сметка од 2 илјади евра.
Села како личен имот пријавил земјиште од 3 илјади метри квадратни во струшка Ливада, потоа куќа од 300 метри квадратни во истото село Ливада, и 15 илјади метри квадратни шума во Бегова шума Струшко. Вози Јагуар С Тајп 2 произведен во 2013 а купен во 2016 година и има кредит од 10 илјади евра. Вкупната вредност на неговиот имот е 183 илјади евра.
Неговиот коалиционен партнер лидерот на Алтернатива Африм Гаши во анкетниот лист навел дека поседува две возила како личен имот Ренo Вел Сатис и Ауди А6, и две трансакциски сметки без да приложи дополнителни информации. Како имот на родители навел дека тие поседуваат стан во Скопје и земјиште во постапка на трансформација и куќа во постапка на легализација, и накит во вредност од 2 илјади евра. Вкупната вредност на овој имот изнесува 58 илјади евра, без податоците колку пари има на банкарското салдо.
Засега нема податоци за имотната состојба на лидерот на Левица Димитар Апасиев. Нема податоци ни за дел од добитниците на пратенички мандати од албанскиот блок, затоа што дел од нив за прв пат ќе седнат на пратеничка клупа
Откако ќе им биде верификуван пратеничкиот мандат на конститутивната седница, новите народни избраници ќе треба да поднесат до антикорупциска комисија нови анкетни листови за имотната состојба. Колку од овие избраници ќе останат во пратеничките клупи ќе зависи од мандатарот и од списокот на министри кој може да произлезе токму од овие добитниц на пратенички мандати со што во Собранието на клупа ќе седнат следните од избирачките списоци.