Одејќи низ шумата над неговиот дом кај Кравица, Нукиќ пронајде остатоци и лични работи кои помогнаа во идентификувањето на околу 300 од 1.000 до 1.500 жртви за кои се смета дека загинале таму во јули 1995 година.
Тие се само дел од над 8.000 муслимански мажи и момчиња, кои беа убиени од војниците на босанските Срби во геноцидот во Сребреница.
„Тоа стана моја потрага“, изјави 59-годишниот татко на пет деца за Ројтерс, објаснувајќи дека тој ја започнал потрагата пред 15 години со надеж дека ќе ги пронајде остатоците на неговиот татко, чичко и двајца браќа кои исчезнаа по масакрот.
„Кога ќе најдам коска, мене ми е како да го пронајдов целото тело. Знам дека некоја мајка ќе добие мир“, вели Нукиќ, покажувајќи човечки череп и коска што ги пронајде во шумата пред неколку недели.
Своите откритија им ги предава на инспекторите од Институтот за исчезнати лица, кои потоа ги споредуваат човечките остатоци со примероци на ДНК донирани од роднините на исчезнатите за да ги идентификуваат.
Масакрот се случи пред 25 години, за време на Босанската војна од 1990-тите. Силите на босанските Срби, командувани од генералот Ратко Младиќ, ја нападнаа источната енклава Сребреница, каде што околу 40.000 босански муслимани пронајдоа засолниште во „безбедна зона“ под заштита на Обединетите нации.
Откако Сребреница падна во српски раце на 11 јули 1995 година, повеќето жени и деца беа разделени од мажите и беа пуштени на територијата под контрола на босанската армија. Останатите мажи и момчиња беа убиени, додека повеќето од оние што се обидоа да избегаат низ шумата беа заробени, задржани и погубени.
Трибуналот на Обединетите нации за воени злосторства во поранешна Југославија утврди дека убиствата претставуваат геноцид и ги осуди Младиќ и неговиот политички ментор Радован Караџиќ за геноцид и други воени злосторства во Сребреница.
Откако Србите ја нападнаа Сребреница, Нукиќ го испрати своето семејство во кампот заштитен од ООН во близина на Поточари, додека тој им се придружи на 15.000 мажи во бегството низ шумата.
Нукиќ преживеа и е единствениот што се врати во 2002 година во своето село. Тој го пронајде првиот скелет додека ја чистел својата руинирана куќа.
„Околу 130 мажи кои беа убиени овде се уште се водат за исчезнати“, рече тој за Ројтерс на местото на убиствата. „Нема да се откажам од пребарувањето сè додека не се најде последниот од нив“.