Жителите на беровскиот регион од почетокот на годинава обновија едно постоечко гнездо во Берово и поставија нова гнездена платформа во беровското село Ратево. Во иницијативата се вклучија волонтери, беровскиот градоначалник, како и локални екипи на ЕВН.
Во време на пандемија, локалното население во беровскиот регион не ги заборави штрковите во нивната заедница. И покрај сите ограничувања поради пандемијата, тие во мај одвоија време и внимание и иницираа да им се постави гнездена платформа на првиот и единствен пар штркови во селото Ратево.
„Спасувањето на еден живот, помошта на овие безгласните, беспомошните и зависни од нас, е една огромна задача, една голема обврска, но и најблагородната и најхуманата активност што постои... Чувството е неописливо“, вели Драгана Чучурска, волонтерка во здружението за заштита на животните Про Анима, кои се иницијатори за помош на штрковите во оваа област.
Успешната акција ја направиле заедно со градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски и ЕВН.
„Самиот активизам во едни услови кога имаме пандемија, и сите сме оптоварени од тоа како да се заштитиме, а луѓето во сета таа ситуација посветија време и внимание на нешто кое во една таква пандемија се грижиме само за себе, а тие се вложија и помогнаа за животните да останат овде каде што имаа претходно избрано место на вгнездување“, изјави Пекевски, објаснувајќи ја и неговата мотивација за понудената рака за помош на штрковите.
Здружената акција за „добредојдовте“ на штрковите
На 15 мај населението пријавило на здружението Про Анима дека ги забележало парот штркови во Ратево дека се обидувало да се вгнезди на столб со високонапонска мрежа, што е ризично за нив.
„Таму се појави проблематична и високо ризична ситуација. Бандерата која ја одбрале е со висок напон на струја. Во консултација со ЕВН констатирано е дека таа не е соодветна за гнездото да може да остане таму. Во комуникација со локалните власти и ЕВН успеавме да поставиме платформа на електричен столб во близина. Заедно со жителите на селото успеавме да ги преместиме и гнездечкиот материјал, за неколку часа подоцна до нас да стигнат фотографии дека тие веќе ја користат платформата“, објасни Чучурска.
Гнездената платформа ја поставиле на 23 мај. Но, бидејќи ова подрачје досега немало поголемо население на штркови, локалната единица на ЕВН, немале такви платформи.
„Силниот граѓански активизам на тие неколку, телефонски повици од самото село „дај да помогнеме по секоја цена“, вложив се што можеме и како личност и како функционер пред се. Крајна благодарност, пред се до ЕВН, кои направија се, бидејќи немаа на подрачјето таква платформа, побаравме од друга нивна организациона единица и на тој начин обезбедивме помош во прав момент за да се згрижи тој пар штркови“, објасни Пекевски.
Ратевските штркови се всушност трето гнездо на кое е помогнато во овој регион. Претходно, помогнале на пар штркови во село Будинарци, а најпрво во март помагале на пар штркови во Берово. Беровскиот пар штркови до годинава беше единствен пар на територијата на општината. Тие години наназад се вгнездувале на оџак од фабрика, позната како поранешен Огражден.
„Меѓутоа, околностите се променија откако фабриката почна повторно да функционира. До нас почна да доаѓаат фотографии и информации од граѓаните од соседството дека оџакот чади, а штркот упорно стои на оџакот. Загриженоста и реакциите се повеќе и повеќе се зголемуваа.
Па, побаравме помош од поголемите здруженија и од биолози од МЕД за да ни помогнат околу запознавањето на штрковите, нивната природа и како да постапиме во ситуацијата. Голем проблем претставуваше тоа дека гнездото на штрковите е на приватен имот. Па со консултација со сопствениците на фабриката, првичниот план беше гнездото да го префрлиме на силосот на фабриката, но за жал не ни успеа“, објасни Чучурска.
Со помош на МЕД, и по консултации со ЕВН поставиле платформа на столб во близина на оџакот. Но, поради големата на висината на оџакот, не успеале да го префрлат гнездото и парот штркови останале на оџакот.
„Но, ете среќа во несреќа, заради светската пандемија од Ковид-19 фабриката не работи а со самото тоа и оџакот не чади, па штрковите се безбедни. Сега веќе имаат и мали штркчиња, па во сиот тој сплет на околности и нашите активности се паузирани. Парот штркови мораше да остане таму и откако ќе си заминат наесен ќе се потрудиме да го преместиме и гнездото и да обезбедиме конечно и целосно решение“, дополни Чучурска.
ЕВН – бенефитот од гнездени платформи е обостран
ЕВН веќе 10 години активно поставува гнездени платформи на столбови за струја. Од една страна за заштитна на птиците од електричен удар по насоки на ЕУ директивите, од друга страна бидејќи е можен прекин на струја за корисниците по електричен удар на птица.
„Техничкото решение е едноставно - под гнездото се инсталира платформа која мора да биде со иста големина како и гнездото, а изработена е од поцинкувано железо. На почетокот, со помош на Македонското еколошко друштво МЕД ги идентификувавме локациите со најголема популација на штркови. Со помош на монтерите од ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА гнездото се отстранува, платформата се монтира на врвот на столбот и гнездото се враќа на него. Платформата е поставена повисоко, над каблите и го спречува идниот контакт меѓу нив и висечките гранчиња. Заменувањето на гнездата на електричните водови, исто така, помага да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија. Врз основа на досегашното искуство од инсталирање на платформи за штркови, бенефитот е обостран, и во насока на заштита на штрковите и во насока на намалување на дефекти на мрежата предизвикани од гнездата на електричните водови“, објаснуваат од ЕВН.
Поради претходното отсуство на штркови во Ратево, дополнуваат дека во моментов немаат поставено заштитна изолација на далекуводните столбови во регионот на Ратево.
„ЕВН го реализираше проектот за заштита на птиците од струен удар во регионот на Овче Поле и на 100 среднонапонски далекуводни столбови се поставија заштитните изолаци. За Ратево, прво треба да се идентификуваат столбовите кои птиците најмногу ги користат, а кои според својот дизајн претставуваат потенцијално место за електрокуција и во зависност од резултатите на истражувањето, ќе се дефинираат следните чекори“, објаснија оттаму.
Штрковите живеат во чисти средини
Овие птици се широко прифатени како симбил на зачувана природа и нивното присуство дојавува здрава животна средина. Во 2015 година е направен последниот попис на штркови во Северна Македонија. Пописот го спроведе Македонското еколошко друштво, кое ги броеше гнездата и младите во нив. Според тие податоци, во Северна Македонија има 817 гнезда и во нив има 2027 млади и 1634 возрасни. Ваков попис, последен пат е спроведен во 1958 година од научникот Р. Јоветич. Тогаш имало 1132 активни гнезда, а во нив имало 3576 млади.
Штрковите во Северна Македонија имаат најмногу гнезда во Чешиново Облешево, пред се поради изобилството на оризовите полиња. Во 2013 година, општината ја доби наградата Европско село на штркови поради бројот на гнезда, но и поради грижливиот однос на населението кон штрковите. Најголемото гнездо овде е 3,2 метри високо и има материјал од 5 до 7 тони. Гнездото е сместено на Задружниот дом во Чешиново.