Вести
Хоти претстави платформа за дијалог меѓу Косово и Србија
Дијалогот со Србија ќе биде ќе биде заснован на Уставот на Косово и ќе го води премиерот, изјави денеска косовскиот премиер Авдулах Хоти претставувајќи ја платформата на неговата влада за дијалогот меѓу Косово и Србија во Академијата на науките и уметностите на Косово.
Хоти рече дека Косово има три принципи во тој процес, кој по завршувањето треба да заврши конфликтот меѓу Косово и Србија.
„Првиот е дека за територијалниот интегритет на Република Косово не може да се преговара. Јас не сакам, ниту како граѓанин, ниту како премиер, ниту имам мандат да преговарам за територијалниот интегритет на Косово. Второ, во договор кој треба да се постигне за нормализација на односите и реципрочно признавање, договорот мора да осигура дека конфликтот меѓу Косово и Србија исчезнува еднаш засекогаш, понатаму, второ е дека Косово не преговара за уставната организација на државата, што значи нема меѓувласт. Трето е дека договорите што ќе бидат постигнати мора да бидат во духот на Уставот на Косово“, наведе Хоти.
Тој додаде дека целта на дијалогот е реципрочно признавање и дека договорот нема смисла без таква цел.
„Не привремено признавање по моделот на двете Германии или по други модели, туку реципрочно признавање кое ќе ни обезбеди место во Обединетите нации и признавање од пет членки на ЕУ кои се уште не немаат признаено“, рече Хоти.
Тој исто така додаде дека по пат на договор треба да се решат сите отворени прашања, како што се исчезнатите лица, воена отштета, пензии и т.н.
Освен тоа, Хоти наведе дека од суштинска важност е да биде укината резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.
Следната недела се очекува продолжување на дијалогот меѓу Србија и Косово, а во прва официјална посета на Косово и Србија доаѓа специјалниот ретставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.
види ги сите денешни вести
Договорен прекин на огнот по насилствата во Пакистан
Постигнат е нов договор за примирје меѓу сунитските и шиитските заедници во северозападниот пакистански регион Курам, каде што повеќе од 100 луѓе загинаа, а десетици други беа повредени во нов напад на секташко насилство, соопштија локалните власти.
Доцна на 27 ноември, властите соопштија дека за да се обезбеди прекин на огнот, владините трупи ќе бидат распоредени на клучни локации во Курам, племенска област во нестабилната провинција Кибер-Пахтунхва.
„Преговорите ќе продолжат за да се обезбеди траен мир“, се вели во соопштението од кабинетот на покраинскиот министер.
Владата, исто така, вети дека ќе им плати компензација на семејствата на жртвите.
Насилството избувна на 21 ноември кога неидентификувани вооружени лица отворија оган врз конвој од околу 200 патнички возила со шиити кои патуваа низ областа Парачинар на Курам.
Десетици луѓе, вклучувајќи жени и деца, беа убиени во нападот, кој предизвика еднонеделни судири меѓу двете заедници. Регионалните власти посредуваа за седумдневно примирје на 24 ноември, но тоа не се случи.
Повеќето од околу 250 милиони жители на Пакистан се сунитски муслимани. Но, Курам има мнозинство шиитско население, а двете заедници се во судир со децении. Само од јули досега биле убиени повеќе од 200 луѓе.
Секташкото насилство во регионот често се поврзува со спорови за земјиштето.
Гаши: Собранието е подготвено за уставните измени, веднаш штом ќе има политички договор
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во македонскиот парламент ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, се чекало политички договор.
На прашањето дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е подготвено.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши по денешниот брифинг со новинарите.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера (27 ноември) порача дека е неопходно да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Владата во Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процес кон ЕУ. Таа предлага уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Најмалку девет загинати во напад во Појасот Газа
Најмалку девет Палестинци се убиени во нов напад на израелската армија во централниот дел на Појасот Газа, јавуваат медиумите денеска, 28 ноември.
Палестинската новинска агенција ВАФА објави дека артилерискиот напад во бегалскиот кварт Нусејрат, исто така, резултирал со неколку повредени. Портпаролот на израелската армија рече дека војската ги испитува извештаите. Во нападот во Нусејрат, според локалните жители, била уништена и кула.
Здравствените власти во Газа, контролирани од палестинското исламистичко движење Хамас, соопштија дека од почетокот на војната пред речиси 14 месеци, повеќе од 44200 луѓе во Појасот Газа се убиени, а речиси 105 000 се повредени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот вечерта изјави дека армијата досега „убила речиси 20 000 терористи“ во Појасот Газа.
Информациите од двете страни, засега, не можат независно да се потврдат.
Поради пропаднат тендер, откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум
Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе одлука за откажување на Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската Унија (ЕУ), што требаше да се одржи на 4 и 5 декември во Неум, Босна и Херцеговина.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ и министер за одбрана, Зукан Хелез.
„Самитот беше откажан бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан. Имаше една жалба против некои кои поминаа како најдобри понудувачи“, изјави Хелез за РСЕ.
Тој рече и дека „веднаш“ ќе биде објавен нов тендер за организација на самитот, и дека самитот најверојатно би можел да се одржи во јануари.
Овој дводневен настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.
На Самитот, иако сè уште не е официјално потврдено, требаше да присуствува и Марта Кос, која од 1 декември ќе ја преземе функцијата комесарка за проширување на Европската Унија, изјавија за РСЕ од делегацијата на ЕУ во БиХ.
Тоа требаше да биде една од нејзините први официјални посети.
Уште една блокада на обвинителството и судот во Нови Сад
Здружената опозиција и денеска, 28 ноември, се обиде да го блокира влезот пред новосадскиот суд и обвинителство. Овој пат опозицијата бара истрага против полицајците кои го претепаа 74-годишниот Илија Костиќ.
Тој беше уапсен седум дена претходно при претходната блокада на судот и обвинителството. После тоа тој бил тешко повреден и итно бил опериран при што му бил изваден дел од телото.
Сите опозициски советнички групи во градското собрание претходно му дадоа рок од 24 часа на Обвинителството да покрене постапка ден претходно.
Рано утрото припадниците на жандармеријата зазедоа позиции пред зградата. Како дополнителна пречка беше поставена метална заштита. Жандармеријата направила тесен премин и со помош на судската стража ги пуштила вработените во зградата.
Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.
Ова е четврти пат во последните две недели зградата на Палатата на правдата во Нови Сад да биде блокирана.
Минатата недела три дена по ред народните избраници и пратеници во Собранието на АП Војводина, како и советниците во Градското собрание на Нови Сад го блокираа влезот во зградата во која се наоѓаат новосадските судови и обвинителствата.
Миран Погачар, градски советник од движењето „Браво“ на средбата порача дека граѓаните нема да се откажат од барањето уапсените на протестот да бидат ослободени.
Мариника Тепиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, рече дека полицијата завчера во Белград „пуштила орда насилници да ги малтретираат луѓето на мирниот протест во Савамала, во забранетиот град, во Белград на вода“.
„И тепаа стари луѓе“, посочи таа, алудирајќи на случајот со 74-годишниот Илија Костиќ.
За време на протестот и блокадата на граѓаните во Белград, на 27 ноември, кои се противат на уривањето на Стариот Савски мост, група луѓе ги нападна учесниците на блокадата. Според изјавите на учесниците на протестот, полицијата по половина час се појавила и ги одвоила учесниците на протестот од граѓаните кои ги напаѓале.
Опозицијата побара кривично гонење на одговорните за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а други двајца се во тешка состојба. Таа, исто така, побараа ослободување на приведените во апсењата што следеа по масовните демонстрации на улиците на Нови Сад на 5 ноември.
Сиљановска-Давкова во официјална посета на Црна Гора
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова од денeска (28 ноември) ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора, каде ќе има средби со државниот врв на земјата, соопштија од нејзиниот кабинет.
Како што е најавено, македонската претседателка во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба на двајцата претседатели, како и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Претседателката во Подгорица ќе оствари средба и со претседателот на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а според агендата, утре (29 ноември) е предвидена средба и со премиерот на земјата, Милојко Спајиќ.
Во рамки на официјалната посета, Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.
Романската Агенција за телекомуникации бара суспензија на „Тик-Ток“
Заменик-шефот на романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску, рече дека официјалниот процес за суспендирање на платформата Тик-Ток низ цела Романија ќе започне денеска, во очекување на истрага за улогата што таа мрежа ја одигра во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата.
„Повикувам платформата Тик-Ток да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.
Тој додаде дека официјалниот процес за таа цел ќе почне денеска (28 ноември).
Првиот круг од претседателските избори во Романија се одржа во неделата, но ниту еден кандидат не освои мнозинство од гласовите.
Кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску и лидерката на опозицијата Елена Ласчони се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Романија.
Ѓорѓеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласиони 19,2 отсто.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември.
Голем руски напад врз украинската енергетска инфраструктура
Украинските власти рано утринава (28 ноември) јавија за масовен напад на руските сили врз енергетската инфраструктура на земјата, поради што има прекин на електричната енергија во голем дел од државата.
„Со температури околу нулата, уште еднаш, енергетскиот сектор беше подложен на масовен напад од непријателот“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Фејсбук.
Русија врши напад од големи размери против енергетската инфраструктура на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем Укренерго итно воведе вонредни прекини на струја“, напиша министерот на Фејсбук, додавајќи дека висината на штетата ќе биде проценета штом дозволи безбедносната ситуација.
Рано утринава Русија истрела крстосувачки ракети кон Украина, предизвикувајќи воздушна тревога низ целата земја.
Снабдувањето со електрична енергија во градовите Киев, Одеса и Днипро е прекинато, прецизираше операторот на мрежата ДТЕК. Воздушна тревога беше прогласена низ целата земја, при што украинските воздухопловни сили известија за ракетни напади насочени главно кон регионите Одеса, Кировохрад, Херсон и Николаев.
Во вторникот, Русија го објави својот „одговор“ на двата нови украински напади со американски ракети ATACMS врз нејзината територија во последните денови.
Од почетокот на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги напаѓа цивилните области во Украина, а како што се приближува зимата, таа ги засилува нападите, главно врз енергетската инфраструктура, јавија западни медиуми.
Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека синоќа (27 ноември) уништило 25 украински беспилотни летала над областа Брјанск, Крим, Краснодарската и Ростовската област.
ЕУ подготвува нов пакет санкции против Русија
За нов пакет санкции на ЕУ против Русија, вклучително и мерки за таргетирање на кинеските компании што произведуваат беспилотни летала за руската војна против Украина, за првпат се разговараше вчера, јави ДПА.
Претставниците на 27-те земји-членки разговараа за новите предлози на Европската комисија во рамки на 15-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија по руската инвазија врз Украина.
Според ДПА, предлозите вклучуваат и преземање построги дејствија против т.н руска флота во сенка што се користи за транспорт на нафта и нафтени деривати.
Претседателката на Мексико до Трамп: Не планираме да ја затвориме границата
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум одговори на тврдењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја „запре“ миграцијата во Соединетите Држави нагласувајќи дека државата не планира да ја затвори границата.
„Позицијата на Мексико не е да ги затвора границите, туку да гради мостови меѓу владите и заедниците“, напиша Шејнбаум на X.
Трамп тврдеше дека се согласила „да ја запре миграцијата низ Мексико и во САД, практично затворајќи ја нашата јужна граница“.
Неодамна Трамп исто така најави дека ќе воведе нови големи царини за производите од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.
Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете