Достапни линкови

Спас за авиокомпаниите или почитување на правата на патниците


Авиони на аеродромот во Амстердам, април 2020
Авиони на аеродромот во Амстердам, април 2020

Авиоиндустријата е една од гранките која поради коронавирусот се соочува со загуби поради забраните за летање во повеќе земји во светот. Во битката за помош на авиокомпаниите да преживеат доведени се во прашање правата на патниците за поврат на нивните пари поради откажаните летови.

Затворањето на границите и забраната за патување ќе придонесе за загуба од 314 милијарди долари за светските авиокомпании, информираше првиот човек на Меѓународната асоцијација за авиотранспорт.

Овие прогнози се попесимистички од оние направени во март, кога се очекуваше дека загубите ќе достигнат до 252 милијарди долари.

Пандемијата со коронавирусот ги приземји авионите ширум светот без изглед дека забраните за патување наскоро ќе попуштат.

Генералниот директор на Асоцијацијата, Александар де Јуниак, во интервју за Ројтерс ТВ ги повика владите да обезбедат ликвидност за авиокомпаниите со цел тие да ја преживеат кризата. Тој предупредува дека многу од нив ќе банкротираат за некоја недела доколку не добијат помош.

Откажани летови на аеродром во Јапонија, април 2020
Откажани летови на аеродром во Јапонија, април 2020

Дури и да се отворат границите за внатрешен авиотранспорт, многу од компаниите нема да издржат бидејќи најголемите приходи ги обезбедуваат од интернационалните летови, велат од Асоцијацијата.

Враќање на довербата за летање кај патниците

Асоцијацијата работи и на план за враќање на довербата за летање кај патниците. И за овој план да функционира потребно е вклучување на владите кои мора да ги уверат граѓаните дека се преземаат сите здравствени мерки како контрола, тестирање и пристап до специјална опрема.

„Кога владите ќе одлучат дека е време да се тргнат забраните за патување летањето ќе биде безбедно“, уверува де Јуниак.

Почитување на правата на патниците или спас на авиокомпаниите во Европа

Авиосообраќајот е во пад од 90% поради мерките за заштита од коронавирусот што доведе до масовно откажување на сите летови. Со цел да преживеат, авиокомпаниите во Европа започнаа да нудат ваучери наместо враќање на парите поради откажаните летови.

Но законите во ЕУ велат дека кога летот ви е откажан, треба да добиете можност за друг лет или да ви бидат вратени парите. Компаниите може да понудат ваучери, но право е на патниците да одлучат дали ќе ги прифатат или ќе си ги побараат парите назад.

Владите на 14 земји членки на ЕУ би ги поддржале авиокомпаниите и нивните планови за издавање на ваучери. Меѓу нив се и Холандија, Франција, Италија, Белгија, Германија.

Ваучерите ќе имаат важност од 12 месеци и доколку патниците одлучат да не ги употребат парите ќе им бидат вратени во целост, се наведува во писмо од холандскиот министер за инфраструктура испратено до парламентот, пренесува Еуроактив.

„За владата е прифатлива привремената употреба на ваучерите како алтернатива, бидејќи патниците ќе го задржат правото за поврат на средствата, и ќе се избегне авиокомпаниите да западнат во уште поголема финансиска криза“, се наведува во писмото.

На почетокот на овој месец и Меѓународната асоцијација за авиотранспорт излезе со став дека ги поддржува авиокомпаниите во идејата за издавање на ваучери.

„Патниците имаат право да си ги добијат парите назад. Тие платиле за услуга која не може да биде испорачана. И во нормални услови, враќањето на парите не би било воопшто доведено во прашање. Но ова не се нормални услови и доколку авиокомпаниите веднаш вратат 35 милијарди долари на патниците поради откажаните летови, тоа ќе биде крај за многу авиокомпании и за многу работни места“, се наведува во соопштението на Асоцијацијата.

Еврокомесарката за транспорт, Адина Јоана Волеан вели дека ваучерите се опција, но на тоа ќе мора да се согласат и патниците. Комисијата ќе работи на изнаоѓање на решение за ова прашање, додава еврокомесарката. Секоја одлука ќе треба да биде одобрена и од Европскиот Парламент.

Европската федерација на патници побара да се обезбеди систем кој ќе гарантира поврат на средствата во случај на банкрот на авиокомпаниите и кој нема да ги остави патниците со ваучери од кои ќе немаат никаква корист.

Визер планира да лета со помалку патници и со маски

Нискобуџетната компанија Визер, која е присутна во Македонија и добива поддршка од Владата за обезбедување на евтини летови до повеќе европски дестинации, најави дека кога ќе биде тргната забраната за патување нејзините авиони ќе бидат две третини полни, а патниците ќе мора да носат и маска.

Извршниот директор, Јозеф Варади, вели дека на тој начин ќе се почитуваат мерките за физичка дистанца помеѓу патниците.

„Тоа значи дека ние ќе блокираме половина од авионот. Авион од 180 места ќе стане авион со 120 места“, вели Варади.

Во авиоиндустријата работат 2,7 милиони луѓе кои се директно вработени во авиокомпаниите, и 65,5 милиони луѓе во ланецот на авијацијата.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG