Достапни линкови

Седум години се чека домашно управување со депонијата Русино


Macedonia - Waste Transfer Station in Tetovo - 2020
Macedonia - Waste Transfer Station in Tetovo - 2020

Полошкиот регион во 2013 одлучи дека со отпадот не треба да управуваат странски фирми, туку општините од регионот да ја управуваат регионалната депонија Русино. По седум години се уште нема ништо од тоа. Активистите обвинуваат дека идеите остануваат на хартија, а имплементацијата оди слабо.

Седум години се очекува општините од полошкиот регион заедно да почнат да работат во насока на менаџирање со отпадот преку регионална депонија Русино и согласно сите европски стандарди за заштита на животната средина. Иако во февруари 2013 две фирми од Австрија и Германија беа дел од финалниот избор за концесионер на Русино, Полошкиот плански регион тогаш го поништи изборот. Ја смени и стратегијата со намера општините сами да собираат и менаџираат смет.

„Ние очекуваме оваа година да заврши комплетниот процес на градење на проектот за собирање на отпадот и обврските за формирање на едно заедничко јавно претпријатие, што сите совети на сите општини веќе го изгласаа позитивно. После тоа очекуваме дека проектот ќе помине и на фаза на практичност во однос на реализација и стандардизација на ова место“, вели во најновата најава, тетовската градоначалничка Теута Арифи, воедно и претседател на Полошкиот плански регион.

Сите овие години сметот од Тетово се складира на претоварната станица на комуналното претпријатие, па се носи во скопската депонија Дрисла.Претоварната станица неколку пати го менува местото. Беше кај железничката станица, па на самиот влез во градот, лани на пат за Требош, а од летоска во Фалише. Станува збор за простор од 3.000 метри квадратни, место среде обработлива земјоделска површина. Таму сметот се остава на земја.

„Ние во рамки на швајцарскиот проект за депонијата Русино и студијата предвидува уште две трансфер станици. Една ќе биде во Тетово, а другата во некоја друга општина која ќе се одлучи. Се чекаат на уште некои работи во однос на финансирањето, зошто сметаме дека имаме уште еден друг извор на финансирање“, вели Арифи.

Аријанит Џафери од организацијата Еко Герила вели дека со децении властите лошо работат во однос на подобрата животна средина. Промените се потребни итно поради здравјето на секој граѓанин, вели тој.

„Повеќе во нашата земја се работи на хартија со закони, промени на закони, имплементацијата на терен останува иста како пред последните 10-15 години. Мислам дека треба да се решаваат некои проблеми и да движат работите на потребен правец. Не поради целта или сонот на државата да се приклучи на Европската унија, но поради здравјето и животот на наште граѓани, мораме да работиме да ги спасиме нашите животи, на нашите деца“, рече Џафери.

Во студијата на проектот за регионално управување со цврст отпад во Полошкиот регион мапирани се околу 80 депонии.

XS
SM
MD
LG