Достапни линкови

МВР засега без истрага за финансирањето медиуми од компании блиски до Орбан


Техничкиот министер за внатрешни работи на Северна Македонија Наќе Чулев.
Техничкиот министер за внатрешни работи на Северна Македонија Наќе Чулев.

Министерот Чулев ќе се консултира дали ќе се отвори истрага за начинот на кој се финансирале одредени медиуми во земјава, откако словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави текст во кој се вели дека компании блиски до партијата на унгарскиот премиер Орбан давале пари на медиуми во Македонија за финансирање на медиумско-политичко-разузнавачка операција.

Македонската полиција засега не го истражува начинот на кој се финансирале одредени медиуми во земјава, изјави денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прашање на РСЕ дали МВР има отворено или планира да отвори ваква истрага. Овој одговор на Чулев доаѓа откако тоа го направи Националното биро за истраги на словенечката полиција. Таа отвори предистрага во врска со текстот на словенечкиот портал „Нецензурирано“ кој објави дека медиуми во Словенија и Северна Македонија се финансиираат со пари на компании кои се блиски до партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Засега немаме отворено на овој план, ќе разговарам со колегите од соодветните надлежни организациски единици на Министерството за внатрешни работи, доколку има согледувања дека има потреба да се отвори во таа насока, ќе ве информираме. Засега нема“, изјави Чулев.

РСЕ испрати и прашања до Јавното обвинителство дали за овој случај институцијата има отворено или планира да отвори истрага, од каде очекуваме одговор.

Откако словенечката полиција потврди дека Националното биро за истраги води предистражна постапка за случајот, Телевизија Словенија објави дека се работи за медиуми за кои се сметаат дека се блиски на Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша која имала блиска соработка со Фидес на Виктор Орбан.

Инаку, порталот „Нецензурирано“ објави дека најмалку четири милиони евра, компании блиски до Орбан дале за финансирање на медиумско-политичко-разузнавачка операција во Словенија и Северна Македонија.

„Нецензурирано“ пишува дека од две унгарски и една англиска компанија кои биле блиски на партијата Фидес, пари легнале на сметка на словенечка компанија, па од таму еден ипол милиони евра биле искористени за финансирање на медиуми блиски до Јанез Јанша, а два ипол милиони евра биле дадени на четири медиуми во Северна Македонија, а според графиконот на порталот, парите во земјава ги добиле Курир, Нетпрес, Алфа и Лидер.

Во врска со објавата, денеска и пратеникот во Европскиот парламент и поранешен лидер на Алијансата на либералите и демократите за Европа Ги Верхофштад, на Твитер напиша дека унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да престане да ги финансира силите кои се против Европската унија и НАТО во Северна Македонија и Словенија.

„Виктор Орбан финансира анти-ЕУ и анти-НАТО сили во Словенија и Северна Македонија. Крајно време е ова да престане“, напиша Верхофштад.

Новинарите на „Нецензурирано“ пишуваат дека за овие тврдења имаат документи, кои ,меѓу другото, давале и делумен увид во ширењето на унгарското влијание на Балканот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG