Достапни линкови

Светски форум за Холокаустот


Претседателите на држави и влади од десетици земји се во Ерусалим на одбележување на 75 годишнината од ослободувањето на затворениците во концентрациониот логор Аушвиц.

Израелскиот претседател Реувен Ривлин денеска им се заблагодари на светските лидери за нивната солидарност со Евреите кои ја покажаа со присуството на Светскиот форум за холокаустот во Ерусалим со кој се одбележува 75 годишнината од ослободувањето на затворениците во концентрациониот логор Аушвиц.

Зборувајќи денеска на почетокот на церемонијата Ривлин рече дека антисемитизмот не сопира со Евреите и ги нарече антисемитските и расистички движења малигни заболувања. Повеќе од еден милион луѓе, најголем дел од нив Евреи, се убиени во концентрациониот логор Аушвиц за време на нацистичката окупација на Полска, а шест милиони Евреи умреа во Холокаустот.

"Во име на еврејскиот народ ви благодарам за солидарноста“, рече Ривлин пред насобраните.

Рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот принц Чарлс, американскиот потпретседател Мајк Пенс и претседателите на Германија, Италија и Австрија се меѓу 40-те државници кои присуствуваат на Светскиот форум за Холокаустот. Во Ерусалим и е македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Полскиот претседател Анджеј Дуда не дојде на собирот незадоволен од тоа што на него не му било дозволено да се обрати, додека говори ќе одржеле претставниците на Русија, Франција, Британија, САД и Германија. Организаторите, пак, наведоа дека според планот се обраќаат сојузниците во Втората светска војна и Германија. Полска, која силно реагираше минатиот месец на коментарите на Путин дека и тие имаат одговорност за војната, ќе одржи сопствена комеморативна церемонија на 27 јануари во меморијалниот центар Аушвиц.

Зборувајќи во меморијалниот центар за холокаустот Јад Вашем, денеска Путин се осврна на гледиштата за Втората светска војна кои, како што рече, се уште се користат да додадат гориво на современите политички ривалства.

"За несреќа сеќавањата за оваа војна, лекциите и последиците се почесто стануваат објекти за политичко натпреварување“, рече Путин.

Францускиот претседател Емануел Макрон пак во својот говор пред лидерите рече дека антисемитизмот не е проблем само за Евреите, туку пред се и прво е за другите.

„Во нашата историја антисемитизмот секогаш е претходник на слабеење на демократијата“, рече Макрон.

Пред церемонијата Путин откри споменик во центарот на Ерусалим, посветен на речиси 900 дена долгата нацистичката опсада на Ленинград. Проценките за последиците од опсадата се различни, но според некои државни извори, околу еден милион жители на тој руски град умреле од глад, болест и други причини.

„Блокадата на Ленинград и Холокаустот се работи кои не може да се споредат со што било друго“, рече Путин.

На приемот кој го приреди пак Ривлин, побара од светските лидери историјата да ја остават на историчарите. Пред форумот беа презентирани изјави и пораки и од други светски лидери.

„Ја искажувам мојата силна надеж дека со продолжување на грижата и позитивното образование беззаконието направено во еден од најцрните периоди во нашата историја ќе биде елиминирано од лицето на земјата “, напиша папата Франциск.

Канадскиот премиер Џастин Трудо пак наведе дека убиството на шест милиони Евреи од бруталниот антисемитиски и нацистички режим почнало со бавна ерозија на правата и нормализација на дискриминацијата.

Денешниот настан е најголем политички собир во израелската историја.

Повеќе од 10 000 полицајци се распоредени во Ерусалим, а се затворени и повеќе патишта и делови од градот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG