„Кинеската влада води најинтензивна офанзива против меѓународниот систем за човекови права од кога се појави во средината на 20 век“, рече во Њујорк извршниот директор на таа невладина организација Кенет Рот, претставувајќи го извештајот во кој се опфатени околу 100 земји.
Во него се наведува дека Кинеската Комунистичка партија изградила во земјата „орвеловска високотехнолошка полициска држава и усовршен систем на цензура на интернет за да ги повлекува јавните критики.
„Ова е најтешкиот период на репресија што го видовме со децении во Кина. Веројатно се враќаме во Културната револуција или во ерата како таа“.
Притоа Рот рече дека над милион Ујгури и турски муслимани се наоѓаат во притвор каде што им се врши притисок за да се откажат од исламот и нивните културни традиции, па дури и нивниот јазик“.
Во светот пак, кинеската влада, како што се наведува во извештајот, „го користи нејзиното растечко економско влијание за да ги замолчи критиките“.
„Кинеската влада се обидува со зголемена жестокост да го искористи својот економски и дипломатски притисок за да ги замолчи критичките гласови во странство и да ги поткопа глобалните институции кои ги штитат човековите права. Кина очигледно долго време ги цензурира критиките дома. Владата сега се обидува да ја прошири таа цензура на остатокот од светот “.
Кенет Рот притоа упати критики поради несоодветната реакција на светските демократии кои, како што изјави, повеќе сакаат да молчат отколку да го загубат пристапот до големиот кинески пазар.
„На неколку важни влади им недостига акција. Знаете, Трамп го изгуби кредибилитетот затоа што тој толку често прифаќа пријателски автократи наместо да ги брани стандардите за човекови права што тие ги кршат“.
На извештајот веднаш реагираше и официјален Пекинг.
Претставникот на Кина во Обединетите нации Ксинг Џишенг изјави дека станува збор за измислици и предрасуди.
„Извештајот е полн со предрасуди и измислици и ги игнорира фактите, фактичките информации дадени од мојата влада“.
Тој додаде дека Пекинг целосно ја отфрла содржината на извештајот.