Достапни линкови

Дискусија: Училиштето е неподготвено за ментално здравје


Ученици првачиња на прв школски ден - Скопје 2019
Ученици првачиња на прв школски ден - Скопје 2019

Вкупно 32,9 отсто од средношколците од Скопје биле пратени кај училишниот психолог поради недисциплинираност, а 15 отсто поради голем број изостаноци. Ова го покажа истражувањето „Перцепции за менталното здравје меѓу средношколците во Скопје“, што Здружението на граѓани „Младите можат“ го спроведе оваа пролет.

„90,6 проценти од испитаниците одговориле дека во нивното училиште постои училишен психолог. Од оние 31,5% испитаници што го посетиле училишниот психолог, за 32,9 отсто причина за посетата била недисциплинираност. 20,7 проценти го посетиле своеволно заради разговор и потреба од совет “, што Здружението на граѓани „Младите можат“ го спроведе оваа пролет.

Како што соопшти Здружението на граѓани „Младите можат“, овие податоци беа инспирација за панел дискусијата „Ќе те пратам кај психологот! – Казна, закана или поддршка“ што се одржа синоќа во МладиХаб во Скопје.

„Целта на овој настан беше да се поттикне дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците, да се презентираат наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје“, се вели во соопштението.

Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во СУГС Гимназија „Никола Карев“- Скопје во своето излагање посочила дека последните три години сѐ повеќе средношколци прашуваат и бараат помош, сакаат да се грижат за нивното ментално здравје.

„Уште сме на почеток на пронаоѓање во темава, училиштето е неподготвено да одговори на проблеми неповрзани директно со образовниот систем, како што е менталното здравје и дијаметрално различната перцепција на децата, возрасните и установите во врска со психолозите“, истакна Блажевска Спиридонова.

Од Здружението на граѓани „Младите можат“ информираат дека изработен е Прирачник за врсничка едукација за ментално здравје, кој е достапен во електронска форма, за сега само на македонски јазик.

Истражувањето „Перцепции за менталното здравје меѓу средношколците во Скопје“, како и програмата за врсничка едукација за ментално здравје се дел од едногодишниот проект „You(th) can do it better!“ кој „Младите можат“ го имплементира во 2019 година со поддршка од најголемата германска младинска фондација „Schuler Helfen Leben“. Панел дискусијата е завршен настан на проектот, но менталното здравје на младите останува во фокус во работата на „Младите можат“ и наредната година.

XS
SM
MD
LG