Достапни линкови

Грците страхуваат од мигрантски немири


Можни немири во мигрантските кампови во Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Можни немири во мигрантските кампови во Грција

Властите на Самос, грчки остров на првата линија на миграција од Турција, предупредуваат за евентуални немири доколку итно не бидат решени, како што велат, „примитивните“ услови во пренатрупаниот камп на островот.

Во мигрантскиот камп на островот Самос, првично изграден за сместување на 650 луѓе, во моментов има над 6.000.

Илјадници од нив се во потрага по место во ридовите над градот, правејќи импровизирани домови од секаков материјал што можат да го најдат.

Георгиос Станцос, новоизбран градоначалник за источната половина на островот наведува дека тие се изложени на ризик од пожари и поплави и оти ситуацијата се влошува секојдневно.

„Ако владата не ги спроведе плановите за олабавување на островите, се плашиме од хуманитарна криза во голем обем, со санитарни импликации и безбедносни проблеми како што се можни немири и судири и сите други работи што сакаме да ги избегнеме“.

Помината црвена линија

Станцос прецизира дека градот Самос има околу 7.000 жители и скоро исто толку баратели на азил, што е највисок процент во цела Грција.

Во октомври, во кампот избувна пожар проследени со тепачки, очигледно меѓу ривалските сириски и авганистански групи.

„Ние ја поминавме црвената линија“, вели Станцос, потенцирајќи дека секој случајен настан ... може да доведе до страшни последици. „Големи групи млади немаат никаков респект спрема соверниците, а камоли спрема локалните жители“, вели тој, додавајќи:

„Вознемирени сме, се обидуваме да одржиме смиреност, но ситуацијата повеќе не може да се контролира“.

Со него се согласува и Калед од Газа:

„Ситуацијата станува се потешка од ден на ден. Многу луѓе имаат проблеми тука. Немаме ништо. Живееме тука без електрична енергија, без вода, без туш, без бања. Овој живот не е погоден за луѓето, ова е за животни“.

Четири години по бегалската криза во 2015 година, Грција повторно стана клучна точка за влез на баратели на азил во Европа - веројатно поради обновените закани од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ги „отвори портите“ за милиони бегалци ако Анкара не добие поголема помош од ЕУ.

Владата во последно време пренесе стотици баратели на азил од грчките острови на места на копното со најава дека сака да премести 20.000 до крајот на годината.

Но, бранот продолжува.

Стотици доаѓаат секојдневно, а Министерството за миграција соопшти дека 40.000 луѓе пристигнале од Турција во изминатите четири месеци.

И добрата волја носи тешкотии

Неколку градови во Грција во последните неколку недели одбиваат да земат повеќе баратели на азил од островите, вклучувајќи и од Самос.

„Повеќето европски земји ги затворија нивните граници. Сега остатокот од Грција почнува да ги затвора своите граници“, вели Станцос кој додава дека на граничната агенција на ЕУ Фронтекс треба да и се даде повеќе овластувања да соработува со турската полиција и да ги задржува чамците со мигранти да не заминуваат од турскиот брег.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG