Образованието и младите ќе бидат во фокусот на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на толеранција, 16 ноември. По тој повод ќе се одржи Марш за толеранција на различностите во образованието кое ќе започне од Музејот на град Скопје.
„Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти. Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство. Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование“, тврдат организаторите.
Како организатори на маршот се наведени Хелсиншки комитет за човекови права, МОФ, ХЕРА, Коалиција Маргини, Национален Ромски центар, Реактор, Национален совет за родова рамноправност (СОЖМ). Тие истакнуваат дека на 16-ти ноември ќе побараат „вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование.
„Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“, информираа организаторите.