Достапни линкови

„Скомрахи 2019“ со повик за изместување на реалноста


Со перформансот „Живот за еден сон“ посветен на 50-от јубилеј на Факултетот за драмски уметности кој ќе биде прикажан овој петок, на 1 ноември во 20 часот, во МНТ ќе започне 28-то издание на интернационалните студентски средби „Скомрахи“ кои овојпат ќе се одвиваат под мотото „Изместија реалноста“.

Водени од идејата да ја поместат инерцијата во општото сивило на градот, студентите од Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и годинава во која се прославува половина век од нивната образовна институција гордо застанаа зад своите интернационални средби „Скомрахи“, односно зад својот, нашиот Фестивал за студентски филм, театар и културен контраст на секојдневието. А, токму 28-то по ред издание на манифестацијата која со пет театарски претстави, 30-на филма, промоции, изложба и оф-програма има намера да го анимира вниманието на домашната културна јавност во периодот од 1 до 5 ноември, во случајов ќе се одвива под мотото „Изместија реалноста“.

Оваа година се осврнуваме на врската помеѓу објективната и драмската реалност со цел да ви докажеме дека уметноста може да ја измести реалноста на подобро. Инспирирани од рубиковата коцка која најчесто симболизира симетрија, ред кој доаѓа од хаотичен и за секого различен пат кон стигнување на решението. Налик, нашиот процес на создавање претстава или филм, ќе запишат во својот проглас организаторите на „Скомрахи“.

А, во дополна на тоа ќе биде речено дека „изместувањето на реалноста ќе започне со перформансот за прославата на 50-от јубилеј на Факултетот за драмски уметности, во кој се вклучени студенти од сите претходни генерации кои се образувале на оваа високообразовна институција“.

„Насловот на претставата е животот за еден сон, а посветена е на сите тие што имаат свој сон од детството па сè до последниот миг. До крајот на животот. Посветена е на Факултетот за драмски уметности, посветена е на моите студенти, на актерите, на моите колеги...Тоа е една своевидна ревија на сè она што ние за 50 години го имаме како капацитет“, вели професорката и авторка на проектот Кренаре Невзати- Кери.

Лазе Секуловски, актуелниот декан на Факултетот за драмски уметности, истакнува дека станува збор за перформанс во кој се сублимирани сценско-изведувачки и аудио-визуелни сегменти во којшто некаде во час и половина ќе биде некаков „омаж за уметноста, за уметниците и за студентите“.

Професорката, пак, Мими Таневска-Србиновска со голема благодарност до својата колешка Невзати „за тоа што им ги разубавила овие денови бидејќи на нивната сцена никогаш не поминале и се вложиле повеќе познати актери и нивни поранешни студенти“.

„Во нејзината претстава има еден чуден спој на првата генерација од некаде 1969 година во која се денес пензионираните актери Лилјана Велјанова и Петар Арсовски, па преку следните кои потоа поминале и се до бруцошите кои оваа година ги примивме да студираат во македонската, албанската и турската класа“, појаснува таа.

Прашани за односот на државата кон уметноста и колку таа влоѓува во развојот на ФДУ како стожерна културна установа и институција од која во изминатиов половина век дејност се излезени 655 дипломирани студенти и 80 магистри и доктори на науки, професорите генерално со став дека уметноста безмалку постојано била туркана настрана од власта. Кренаре Невзати-Кери вели дека уметноста никогаш не била ценета како што заслужува, но оној кој си ја сака професијата ќе работи до крајот на животот без оглед на условите и околностите.

„Да се има зграда не ја прави уметноста уметност, но државата мора да внесе голем интерес, труд и пари ако сака да просперира во образованието, уметноста и здравството. Тоа се најважните сегменти кои ние воопшто никако не ги третираме. Но, си врвиме. Не смееме тука да застанеме туку треба да се бориме тие услови да бидат подобри. Да докажеме дека можеме и дека имаме потенцијал. Факт е дека во странство не ценат повеќе“, ќе рече Кренаре Невзати-Кери.

Секуловски, пак, и со информација дека Факултетот се соочува со проблеми, бидејќи едукацијата за овој вид уметност е скапа работа, но смета дека не се намалува значењето на ФДУ без оглед на тоа каков е односот на државата кон нив.

„Нашите поранешни студенти се носители на функции и успеси, и се надевам дека многу скоро ќе имаме тројца наши поранешни студенти кои ќе добијат Оскар“, истакнува деканот на Факултетот за драмски уметности.

Таневска-Србиновска враќајќи и се на прославата и особено на манифестацијата со дополна дека пред нив е уште едно издание на „Скомрахи“ фестивалот кој во меѓувреме стана доста популарен меѓу урбаните луѓе на Скопје.

Програмски веќе во сабота студентите од класата на професорите Јернеј Лоренци и Бранко Јордан од Академијата за театар и телевизија во Љубљана, Словенија, ќе ја прикажат својата претстава базирана според „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеску во режија на Жива Бизовичар. Наредниот ден најнапред Националната академија за театар и филмска уметност „Крсто Сарафов“ од Софија, Бугарија, ќе ја прикаже „Синиот ѕвер отаде“ од Филип Ридли, а потем студентите од класта на проф. Драган Петровиќ од Факултетот за драмски уметности во Белград, Србија, ќе ја одиграат „Еј Кармела“ од Хозе Санчиз Синистера.

Во понеделник нивните колеги од класата на проф. Ермин Браво од Академијата за сценски уметности во Сараево, Босна и Херцеговина, ќе ја прикажат “Сеќавањето на водата“ од Шила Стивенсон и конечно на 5 ноември, студентите од класта на проф. Александар Ѓинѓиќ од Факултетот во Звечан, Косово, ќе ја донесат претставата „Животот мој“.

Згора на ова ќе бидат сторени и филмските проекции на Академијата за драмски уметности од Загреб, Хрватска, Академијата за сценски уметности од Сараево, Факултетот за драмски уметности од Скопје, Факултетот за драмски уметности од Белград, Факултетот за драмски уметности од Приштина и Академијата за филм, театар и телевизија од Љубљана.

Тука се и промоцијата на книгата за Златко Славенски „ТВ БОКС – Теориски прилози и филмско сценарио“, онаа на седмиот број на списанието „Ars Academika“ и оф-програмата сочинета од диџеј настапи и алтернативна музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG