Достапни линкови

Модерен систем за следење на противпожарните и амбулантните олдтајмери


Со систем од 21 век ќе се следат амбулантните и противпожарните возила од минатиот век, стари и по неколку децении.

Центарот за управување со кризи ќе добие нова современа технологија со која ќе може во секој момент да знае каде е противпожарната едница, каде е колата на Брзата помош, каде е полицијата. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека возниот парк на Брзата помош и на амбулантите, како и на противпожарните единици e застарен, а ниту приближно не се задоволени светските препораки за тоа колку противпожарни или амбулантни возила треба да има по глава на жител.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, запрашан за коментар за тоа дека и покрај современиот систем на комуникација, институциите кои се справуваат со кризи имаат застарена опрема и возила и катастрофални услови за работа, вели дека тие како Центар немаат свои луѓе кои интервенираат на терен, туку само управуваат со акциите.

Нов систем за стари амбулантни возила
Нов систем за стари амбулантни возила

„Ние сме земја во транзиција со многу проблеми и мали ресурси. Но, мислам дека во иднина, како што добиваме помош од НАТО, дека таа помош ќе биде и поконкретна, во материјална смисла, а исто така помош и од ЕУ и мислам дека работите ќе се подобрат. Ако ме прашате директно и јас не сум задоволен од ситуацијата, но ние сме земја со ограничени ресурси и со мое инсистирање и во разговор со премиерот пред малку, мислам дека малку повеќе треба да се дискутира во Владата за поголема материјална и финансиска поддршка за Центарот за управување со кризи и за другите чинители на системот“, вели Буџаку.

Тој вели дека досега се обучени 552 луѓе низ Македонија да го применуваат системот.

Според дата-базата на Центарот за граѓански комуникации, во земјава има вкупно 183 амбулантни возила, со нив располагаат 47 здравствени институции. Половина од здравствените установи немаат амбулантни возила. Просечната старост на овие возила е 11 години и дури повеќе од половина се добиени како донација или на користење од друга здравствена институција. Двете најстари возила се од 1988 година, односно се стари 31 година, а најупотребуваното има поминато дури 1 милион и 360 илјади километри.

Пред извесно време недостигот на возила во Брзата помош се решаваше со пренамена од возила од Министерство за земјоделство, а беа набавени и 12 нови возила.

Инаку, според препораките на Светската здравствена организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на Брза помош. Неодамна беа набавени нови возила за Брза помош, но од тоа граѓаните сè уште не почувствуваа поголеми подобрувања затоа што недостига персонал. Препораките на СЗО се да има барем еден тим на 50 илјади граѓани, но во Скопје еден тим опслужува тројно повеќе пациенти од тоа, оти во главниот град засега има шест екипи кои работат на терен и примаат покани од ургентна природа. Од Здравствен дом Скопје велат дека на првиот конкурс веќе се примени тројца лекари, а на вториот кој е во тек се очекува да се вработат уште 20.

Претходната дата-база на Центарот за граѓански комуникации за пожарникарските возила покажа дека седум противпожарни возила во земјава се постари од половина век. Во олдтајмери рекордери се Валандово и Струмица со противпожарни возила произведени во 1966 година. По нив следуваат Демир Хисар, Крива Паланка и Битола кои поседуваат противпожарни возила произведени во 1967 година. А Битола и Берово поседуваат и возила произведени 1968 година. Во земјава има 30 противпожарни единици кои можат да гасат пожар со само 220 возила чија што просечна старост изнесува 27 години од кои три четвртини се произведени минатиот век.

Тетовските пожарникари за РСЕ пред неколку дена се пожалија дека кубурат со кадар, носат чизми стари и по 15- 20 години, а возилата и опремата им се стари и неисправни.

„Има случаи некогаш, камионот не може да ја вклучи пумпата. Има силен притисок на млазницата за да гасиш. Најновиот камион што ни е, што е донација од Дирекција за заштита и спасување, пред една година на пожар ни се запали инсталацијата. Значи најновиот. Другиот навален камион што ние е, вратата ни се затвора со резе, зашто на кривина може вратата да се отвори и да падне пожарникарот. Ни носеле порано црева шведски, и сега спојките од цревата шведски не се исти со нашите. Па ќе комбинираш, ќе правиш за да завршиш работа, зашто не можеш да му речеш кога ќе ти пријави пожар, сообраќајка, не можеш да му речеш ќе дојдам утре да ги наместам цревата“, вели пожарникарот Игор Симовски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG