Достапни линкови

Тетовецот Надир Мурсели со 25-годишен јубилеј во планинарење и алпинизам


Надир Мурсели, алпинист
Надир Мурсели, алпинист

Алпинизмот е филозофија на живеењето на 42-годишниот тетовец Надир Мурсели. Досега има искачено десетици врвови над 4 илјади метри, а фокусот сега му е на искачувањето на карпи.

Секое успешно искачување на планински врв е триумф кон себе, зашто најмалку треба и можеш да ја победиш планината, односно природата. Со ова животно мото Надир Мурсели од Тетово, алпинист, член на планинарскиот клуб Љуботен бележи 25 години посветеност на планинарењето и алпинизмот со искачени стотици врвови и карпи, што го прави еден од најврвните во овој спорт во градот под Шара.

„Алпинизмот е филозофија на живеење, начин на живеење, мора да си постојано во тренинг, да читаш новости, да пратиш локалитети. Да речеме фудбал и сите други работи завршуваат после 90-та минута, дали нерешено или со победа. Во алпинизмот е тоа многу различно, мислам дека е единствен спорт каде кога ќе искачиш некој врв, тоа е триумф, мислам планината не можеш никогаш да ја победиш, се победуваш самиот себеси, но во тој триумф ти си на половина пат. Качувањето започнува и завршува дома“, објаснува 42-годишниот тетовец.

Највисоко Надир стигнал на Хималаите, на Ајланд Пик на 6.200 метри надморска височина, како и Мекинли и Аконкагва. Во голем дел од годината живее во Швајцарија, па редовно ги искачува многуте врвови на Алпите.

„Од јуни до август, во тие три месеци се имам искачено на пет врвови на висина од над 4.000 метри, тоа се на Алпите. Инаку на Алпите се 82 врва кои се со височина од над 4.000 метри од кои јас досега имам 13 врва искачено, но повеќето ги имам повторено, па севкупна бројка е нешто над 40 пати“, вели Надир.

Фокусот сега му се карпите каде може најмногу да се покажат познавањата и искуството во алпинизмот. Со партнерот Зоран Мајсторски бараат карпи кои никој не ги искачил, односно оформуваат насока на движење по карпата или означување на вертикална патека за искачување.

„Првите двајца што ќе ја искачат таа насока имаат право да ѝ дадат тежина, секоја насока има тежина. Оцена на тежината и име ѝ даваат на таа насока. Така што и потоа таа се забележува, се води во евиденција. За да наредни двајца коишто ќе дојдат да може да ја искачат и според таа евиденција да имаат ориентација во што точно влагаат“, вели Надир.

Едно од поинтересните патешествија на Надир Мурсели е и искачувањето на Титов врв каде ја дочекал и новата 2000-та година.

XS
SM
MD
LG