Освен во Ирска, Британија, Холандија, Летонија, Словачка и Малта, другите членки на Европската унија излегуваат на гласање на 26 мај. 427 милиони луѓе на возраст од 18 години можат да гласаат.
Во Австрија и Малта старосната граница на гласање изнесува 16, во Грција 17 години.
Се избираат 751 пратеник на петгодишен мандат.
Секоја земја избира различен број пратеници, приближно во согласност со нејзиното население.
Така Германија избира 96 пратници, Франција 74, Ирска 11, а Летонија 8 пратеници.
На претходните избори во 2014 година одѕивот беше 40 насто, односно гласаа над 168 милиони луѓе.
Овие избори се поголеми од претседателските во САД, но не и колку изборите во Индија.
Изборите се спроведуваат со различни гласачки системи, но сите се обединуваат благодарение на некои договорени заеднички принципи - и подготвеноста на земјите-членки да ги прилагодат нивните национални изборни правила.
И за некои, гласањето е задолжително, така што нема бегање од изборите во: Белгија, Бугарија, Кипар, Грција и Луксембург.
Пребројувањето на гласовите исто така се врши во секоја земја посебно, но резултатите се чуваат во тајност сè додека не заврши гласањето во сите земји.
Значи, резултатите се очекуваат в недела во 23 часот.
Повеќето земји ги избираат своите европарламентарци во една изборна единица, но Белгија, Ирска, Италија, Полска и Британија имаат повеќе изборни единици.
Меѓутоа, најважното правило е дека земјите мора да користат пропорционален систем.
Некои земји имаат изборен праг - каде што една партија или кандидат треба да добие одреден процент од гласовите за да се квалификува за пратеник.
Идејата е да се спречат многу мали или екстремистички партии да освојуваат места без да имаат минимално ниво на поддршка.
На пример, Франција е единствена изборна единица со 74 места така што ако нема изборен праг некому ќе му биде неопходно само 1,4 насто од гласовите за да освои место во европраламентот.
Но, Франција постави минимален праг од 5 насто.
Земјите каде што се применуваат прагови од 5 проценти за изборите се и Литванија, Полска, Словачка, Чешка, Романија, Хрватска, Летонија и Унгарија.
Четири насто имаат во Австрија, Италија и Шведска, 3 насто во Грција и 1,8 насто на Кипар.
Десетина земји не применуваат изборен праг.