Достапни линкови

Избори, аболиции и цензус


Архивска фотографија - Судење за 27 април.
Архивска фотографија - Судење за 27 април.

Неделниците пишуваат за претседателската кампања, за тоа дали претседателот Иванов има право и можност да ги аболицира осудените за 27 април и за цензусот.

Фокус - Претседателот невин ќе го заврши мандатот - Зошто Заев го аболицира Иванов?

Новото издание на Фокус има интригирачки наслов, всушност прашање, на насловната страница, заедно со фотографија на претседателот на државата во заминување, Ѓорѓе Иванов: „Претседателот невин ќе го заврши мандатот - Зошто Заев го аболицира Иванов?“ Па во воведната колумна „За нештата да станат појасни“ авторот директно оди со одговор дека прашањето не е што „денес ќе направи Хорхе. Од него може сè да се очекува. Може да донесе решение да ги ослободи сите обвинети и осудени криминалци што некогаш во животот имале врска со ВМРО-ДПМНЕ. Но прашањето е“, продолжува авторот на колумната, „што ќе направат државата и владата“. И потоа, главното прашање: „Зошто сè уште од волјата на врховниот уставокршител зависи дали во Македонија ќе има правда или неправда?“ – пишува Фокус.

Глобус - Претседателските избори се како повторување на референдумот, но сега со обезбедена излезност, барем во првиот круг

За текстописецот во онлајн магазинот Глобус, „Претседателските избори се како повторување на референдумот, но сега со обезбедена излезност, барем во првиот круг. Јасно“ – пишува авторот на анализата, „и првиот круг ќе биде доволен да се тестира постојано наметнуваниот став на ВМРО-ДПМНЕ дека народот не го прифатил Преспанскиот договор. Овој пат без партискиот притисок да не се излегува на гласање како форма на притисок да падне Договорот од Преспа, а со тоа и нашето врзување за НАТО и ЕУ“. Глобус објаснува и зошто: „Таа партија сега е заинтересирана нејзината кандидатка да победи, да се продолжат политиките на нивниот досегашен претставник во врховната власт – Ѓорѓе Иванов и да имаат институционална можност да ги оспоруваат или успоруваат тие наши прозападни интеграции“. „Ама нема победа без гласови, а да потсетиме дека малата поддршка на гласачите за нивната ’програма‘ ќе значи можност за пад на лидерот Мицкоски во очите на сопартијците“ – пишува покрај другото Глобус.

Капитал - Законскиот цензус на излезност нема да биде остварен

Малку со поинаква диоптрија гледа уводничарот во Капитал кој смета дека законскиот цензус на излезност нема да биде остварен и објаснува зошто. „Македонските граѓани немаат мотив овој пат да го обезбедат законскиот цензус од 40% излезност“, пишува неделникот.

„Политичката сцена е исцедена, безидејна, има криза на политичкиот и социјалниот дух кај граѓаните измрцварени од сè што се случуваше во минатите неколку, па и повеќе години“, смета авторот, па додава дека од ваквата состојба најмалку губи ВМРО-ДПМНЕ затоа што „добиваат брутално истргувана слобода во замена за секогаш изгубена политичка иднина на оваа нивна генерација политичари. Оваа партија ја остварува својата мисија зададена краткорочно без визија, со новото лидерство, а тоа е (со помош на ДУИ како нејзин поранешен партнер во власта криминално практикувана, а добро исцртана во ’бомбите‘) да се неутрализира СЈО, да се извади најдоброто можно решение од судските процеси, да се спасат криминалците и да чекаат како паразити при евентуален пад на рејтингот на Заев (рејтингот на Заев е многу поголем од оној на СДСМ) да се дојде на власт“ – ја кажува поентата Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG