Тој, како што се јавува, рекол дека не се чувствува виновен. Судот, кој може да изрекува казни до 12 месеци ќе одлучи како ќе го казни основачот на Викиликс кој на втори мај ќе има сослушување преку видео врска.
Претходно, британската полиција соопшти дека денеска го уапсила основачот на Викиликс. Тој бил уапсен од зградата на eквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години за да ја одбегне екстрадицијата во Шведска поради случај поврзан со сексуален напад, кој во меѓувреме беше отфрлен.
Скотланд јард соопшти дека полицајците само го спровеле налогот за апсење на 47-годишниот Асанж кој беше однесен во притвор. Тие додадоа дека тој е уапсен поради непојавувањето на суд и по барањето за екстрадиција од Соединетите Американски Држави. Американскиот оддел за правда подоцна објави дека издале барање за екстрадиција поврзано со федерално обвинение за заговор за вршење компјутерски упад за согласување да се пробие лозинката на доверлив компјутер на американската влада.
Агенцијата Ројтерс јавува дека Еквадор му го суспендирал азилот на Асанж, обвинувајќи го него и членовите на Викиликс за соработка во обидите да се дестабилизира владата во нивната земја. Еквадорскиот министер за надворешни работи Хозе Валенсиа денеска рече дека азилот му го укинале вчера. Со ова се отвора можноста Асанж да биде екстрадиран во САД.
Организација „Репортери без граници” смета дека апсењето Асанж, претставува опасен преседан за новинарите, напиша на Твитер генералниот секретар на организацијата, Кристоф Делоар.
„Тагетирањето на Асанж поради информациите од јавен интерес што „Викиликс“ им ги доставуваше на новинарите ќе биде казнена мерка и ќе претставува опасен преседан за новинарите или за нивните извори што САД можеби ќе посакаат да ги следат во иднина”, напиша Делоар.
Од Викиликс соопштија дека „Асанж бил мета на софистицирани шпионски операции во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што живее од 2012-та година“.
„Викиликс откри обемна шпионска операција против Џулијан Асанж во еквадорската амбасада. Неговото исфрлање од амбасадата може да се случи во секој момент“, соопшти синоќа главната и одговорна уредничка на Викиликс, Кристин Храфсон.