Достапни линкови

Неделници - Владина брачна кавга, чадорот на НАТО и бизнис реформи


Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи и Радмила Шекеринска
Зоран Заев, Али Ахмети, Бујар Османи и Радмила Шекеринска

Неделникот Фокус пишува за несогласувањата меѓу ДУИ и СДСМ, Глобус за безбедносната ситуација на Балканот, а Капитал ги анализира бизнис реформите.

Фокус - Брачна кавга меѓу Заев и Ахмети

Фокус уште на насловната ја најавува темата на која ѝ е посветен и уводникот: „Брачна кавга меѓу Заев и Ахмети – Или дојди на свадба или врати ја бурмата“ – пишува на насловната со фотографија на првите луѓе на коалиционите владини партнери, Зоран Заев и Али Ахмети.

А насловот на уводникот е инспириран од терминологијата и јазикот на нашите повозрасни трговци, често позајмуван од северниот сосед: „Оглас на Бихаќка: Прецедник, комада један!“ Авторот на колумната смета дека „СДСМ е во очајна политичка дефанзива пред претседателските избори. Наместо, вели, „кандидатот за претседател да беше познат дента по уставните измени, Заев ќе калкулира со одлуката до 3 март. Премиерот можеби си вели, ма не е важно што кандидатот на опозицијата се знае пред нашиот. Кога ќе забревта нашата машина, никој не може да ја сопре“. Веднаш потоа, Фокус прашува: „Да не се струполи само во провалија?“

Глобус - Дали чадорот на НАТО ни ги оттргнува грижите?​

Онлајн неделникот Глобус, пак, прашува дали нашето членство во НАТО ќе биде „Утеха по последниот извештај на ЦИА!?“ Според тој најнов извештај на американски безбедносни служби насловен како „Проценка на заканите низ светот“ Балканот се спомнувал само со две страници, со напомена на авторот на текстот дека извештајот бил правен во време кога пред себе ја имавме неизвесноста на референдумот, гласањето во Парламентот, кои практично беа полни со песимистички прогнози. Особено затоа што Балканот во тоа време и навистина не беше привлечно место со некои случувања во нашето поблиско и подалечно опкружување.

Глобус потоа ја цитира оценката во тој извештај за регионов: „Западниот Балкан во 2019 година ќе остане речиси сигурно во состојба на одреден ризик од насилство на ниско ниво и возможно, од отворен воен судир. Русија“ – продолжува цитатот - „ќе настојува да ги искористи етничките тензии и корупцијата на високо ниво со што би ја спречила способноста на државите од тој регион да продолжат да се приближуваат кон ЕУ и НАТО“. Авторот на текстот во неделникот потоа наведува пооптимистички елементи во таа слика за Западен Балкан и особено за Македонија. „И покрај опозициските мрморења од двете страни на границата, Грција и Македонија донесоа олабавување во регионот“, вели, „но во Извештајот на ЦИА не е наведена основната опасност на Балканот – концептот на чисти етнички територии наместо градењето мултикултурализам“.

Поентата во текстот во Глобус гласи: „Македонското искуство на тој план е премногу изолирано, па и неговото напаѓање, како исклучок во балканските практики, е нов ветар што ги расипува ’националните фризури‘. Дали чадорот на НАТО ни ги оттргнува грижите?“ – прашува Глобус и одговара: „Тешко е да се одговори децидно, ама без тој чадор ситуацијата би била повеќе од загрижувачка“.

Капитал - Бизнис реформи

„Купување недвижности и вложување во хартии од вредност во странство, отворање сметки во странство се меѓу најважните промени што ќе ги почувствуваат македонските граѓани и фирми со влезот на Македонија во втората фаза од Спогодбата за асоцијација и стабилизација што се отвори со потпишувањето на претпристапниот договор за членство во НАТО и решението на проблемот со Грција, и што требаше да настапи уште во 2009 година“ – пишува Капитал, анализирајќи некои од поважните членови на Спогодбата. „Ова политичко и институционално одмрзнување на евроинтеграцискиот процес ќе ја врати политичката и бизнис елита во Македонија на реформски колосек“ тврди неделникот. Капитал го наведува и мислењето во Народната банка на Македонија: „Со ова се овозможуваат не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG