„Дуел со Мицкоски во секое време, но првин да се изјасни дали е за членство на Македонија во НАТО и ЕУ со прифаќање на преспанскиот Договор“ – му одговори премиерот Зоран Заев на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на неговиот предизвик да излезат на предновогодишен телевизиски дуел.
Столе Којевски ова го коментирал вака: „Сите сте исти, лапате пари по четири години, еден со друг се штитите, а ние тука очи си вадиме...“. Ова е најпристојниот пост на нашата ФБ страница, другите нема да ги цитираме зашто се напишани со јазик на омраза и непримерни зборови.
Ахмет Браимовиќ прашува: „Абе Мицко, Грујо ли ти нареди за дебата кој бегаше цело време од нив. И ти ли ќе одиш во Унгарија?“
Роки Босанац исто така го кажал своето мислење: „Мицко, ти не се прави некој патриот и дека мислиш за оваа наша Македонија. Зошто ќутеше 12 години, а сè гледаше и знаеше што се прави и како се раскрадува. Тебе ти е само за власт за да можеш да продолжиш да крадеш, Грујчо добро те научил, ама народот веќе се разбуди и џабе рипаш, ништо нема да постигнеш...“
На протестниот митинг во Велес Христијан Мицкоски се закани дека народот ќе ѝ врател на власта на претседателските избори, а се закани и на своите поранешни сопартијци дека ќе бидат испратени на темната страна на историјата.
Цобе Наумоски смета дека Мицкоски е „прв за натаму“, а Стевче Стојановски му порачува: „А тебе ќе те испратат во Идризово...“ Ацо Спасов „обелоденува“ дека „народот се организира да ги бојкотира претседателските избори, а вие со СДСМ ќе бидете избришани од политичката сцена зашто сте предавници на овој народ“.
Информацијата за изборот на Младен Чадиковски за нов претседател на Здружението на новинарите на Македонија во коментарите на ФБ страницата на РСЕ го открива мислењето за новинарите од страна на посетителите. За жал, нема ниту еден позитивен пост на наша сметка. Дејан Лазевски постирал: „Си се местите“, а Пеце Крстев: „Од труло потруло“. Горан Талевски е уште поостар: „Прво, не заслужува да биде на тоа место, второ, независно новинарство ни имало ни ќе има, трето, уште 100 години новинарите ќе се платеници на политичарите. Ај сиктер“. Илинденка Милевска смета дека новинарите треба да ја штитат јавноста од политичката злоупотреба на демократијата и да ја едуцираат, „ а вие не сте во состојба да ја испочитувате сопствената правна процедура. Останавте манипулатори во услови на непостоење на груевизмот и заробената држава“.