Достапни линкови

Трет прилепски „партизански“ интернационален филмски поход


Со изведбата на проектот „Звуците на филмот: Прајснер со Дуња Иванова“, овој четврток на 13 декември, во киното „Мис Стон“ во Прилеп, ќе започне третото издание на Интернационалниот фестивал на краток филм „Winter Apricots“ во чии рамки ќе бидат прикажани 40 остварувања.

На слободоумен Прилеп и посебно на љубителите на филмот од градот Непокор, од 13 до 15 декември, ќе им се случи третото издание на Интернационалниот фестивал на краток филм „Winter Apricots“. Во тие три дена наново ќе се обистини заложбата на неколкумина ентузијасти за свој Фестивал кој нема да се потпира на ронките од торбата на Државата и кој дефинитивно ќе ја размрда паланечката жабокречина. Да им подари „зимски кајсии“, филмски радости... на сите оние трагаат во културни возбуди. И, најважно, во овие времиња на немаштија и да не мораат да го ловат ситнежот во празните џебови. Наместо тоа токму тие и таквите немирници ќе треба само да скокнат до киното Мис Стон каде бесплатно ќе се случуваат проекциите и ќе се распостилаат подвижните приказни.

А, годинава „Winter Apricots“ ќе започне со патување низ музичкиот универзум на исклучителниот полски композитор на филмска музика Збигнев Прајснер преку клавирот на македонската пијанистка Дуња Иванова.

Истата вечер, значи на 13 декември, е планирано и одмотувањето на придружната програма составена од танц-филмовите од италијанскиот фестивал „Stories We Dance“ и две други натпреварувачки селекции. Тематска селекција која што за свој фокус ќе има „Патишта“ и Националната селекција каде публиката ќе има можност да го одбере Најдобриот краток македонски филм.

Во пресрет на тродневното интернационално прилепско филмско патешествие, идејниот творец и актуелен организатор на Манифестацијата, архитектот кој љуби џез и како организатор потпишува филмски фестивал - Дарко Горгиески знае да каже дека иницијалната идеја е плод на неговата средба со италијанската кинематограферка Елена Мелончели, која престојувала подолго како волонтер во Македонија. Првата мисла била да се случуваат некакви проекции во помал размер во Прилеп. Многу брзо нештата добиле поинаков замав, пораснале нивните амбиции и пројавената енергија ги довела до првото издание на Фестивалот за краток филм. Од стартот тие си поставиле високи цели како интернационално жири, гости од целата држава...при што прв на поканата несебично се одзвал филмскиот критичар Влатко Галевски.

„После тоа прво издание, после тој 15 декември 2016 година некако се отворија ширум многу врати. Остваривме многу контакти, многу луѓе се запознаа и едноставно се отвори патот за полесно второ и еве сега трето издание. Ќе потенцирам уште еднаш дека Фестивалот е ко-организиран од Елена Мелончели и благодарение на нејзиниот ангажман остваривме релации со професионалци какви што претходно можевме само да си пожелуваме“, вели Горгиески.

Сцена од филмот „Ракија“

Дарко и со појаснување дека „Winter Apricots“ го работат исклучиво со сопствени средства, „партизански“, бидејќи многу брзо увиделе дека постојните контексти и немаат слух за нивните идеи.

„Пробавме за првото издание да го провериме пулсот на институциите и на некои одговорни компании, но околностите ни дадоа до знаење дека нема да имаме лесна задача доколку сакаме да бараме помош од моменталниот контекст околу нас и нашите слободни духови многу брзо го отфрлија како концепт. Затоа строго се фокусиравме на интернет кампањи, на она што ние двајца можеме, на она што го можат некои наши пријатели...така да сме целосно „партизани““, вели Дарко.

Од таму тој не случајно забележува дека за третото издание на Фестивалот тие едноставно еволуирале, дека нудат доста кохезивна програма и дека отфрлаат работи со кои експериментирале во првите две години како на пример долгометражни филмови и други по-експериментални настани.

„Јас сум премногу задоволен од она што го нудиме како програма. Исклучиво кратки филмови, два музички настани ...Ја воведуваме и таа нова категорија Истражување на филмската музика преку делото на еден автор секоја година. Започнуваме со делото на Збигњев Прајснер, композиторот познат по соработката со режисерот Кристоф Кишловски, кого овде ќе го имаме преку изведбата на пијанистката Дуња Иванова...а за спуштањена завесата ќе ни свири составот КАЛЕВАЛА“, истакнува Горгиески.

Сцена од краткиот филм „Ќе бидеш добро“

Инаку, во трите фестивалски дена ќе бидат прикажани 40 кратки филмови во четири категории од кои дури три се натпреварувачки – Официјалната селекција, новите годинава Тематска селекција и Национална селекција со фокус на новиот краток македонски филм со цел да биде промовирано сето она што се случува кај нас во овој домен. Згора на ова, како што велат организаторите и „многу битно за нив“ е продолжувањето на соработката со италијанскиот фестивал „Stories We Dance“ на кој се прикажуваат танц-филмови што ќе можат и овојпат, по трет пат, да ги видат и прилепчани.

А, во однос на жири комисијата што ќе ги вреднува делата нивната заложба е да има еден член од Република Македонија, еден од регионот и еден од малку подалечните земји, па така таа чест и обврска овојпат им припадна на мултимедијалниот уметник Иван Ивановски, режисерката Милена Грујиќ од Србија и Доротеа Паче, филмска авторка со широк спектар на интереси и фокус на камера и светло од Италија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG