Студија за валоризација на природните вредности како дел од процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк беше предизвик и на претходната, но останува и на сегашната политичка власт во Македонија. И пред четири години, и сега, процесот е заглавен во изработка на студијата. Од Министерството за животна средина велат дека во изминатата една година работење на новата Влада нема направено нови чекори. Портпаролката Беса Татеши изјави дека тоа би можело конечно да се случи во наредните шест месеци.
„Согласно постапката за прогласување на кое било подрачје за национален парк во нашата држава и пропишано согласно законот за природа, во тек е изработка на студија на валоризација на природните вредности на Шар Планина. Студијата се планира да се доработува до крајот на оваа година, односно 2018. Паралелно со изработка на студијата за валоризација, исто така се изработува социо-економската студија за Шар Планина која исто така се планира да се доврши односно доработи до крајот на оваа година“, изјави портпаролката.
Платформата на невладини организации „Пријатели на Шара“ изработи студија насловена „Визија за Шар Планина“ по 20 години. Велат дека ќе ја достават до државните институции зашто содржи многу податоци поврзани со потребата од заштита на Шара истакнати од луѓето што живеат во општините кои гравитираат кон планината. Фросина Пандурска Драмиќанин од платформата смета дека таквата соработка и координација на државните институции со другите засегнати страни, меѓу кои и локалното население и невладиниот сектор, ќе резултира со побрзо прогласување на заштитено планинско подрачје.
„Се надеваме дека процесот кој го води државата во однос на подготовка на документите во следните две години ќе финализира, ние ќе имаме заштитено подрачје односно национален парк бидејќи Шар Планина тоа го заслужува. И на тој начин ќе дојдеме конечно до една поволна позиција, бидејќи има едно заштитено подрачје во Косово, национален парк и заштитено подрачје во Албанија, парк на природата Кораб и ќе можеме веќе да зборуваме за она што наназад веќе десет години го работиме - тоа е прекугранична соработка на ниво на заштитени подрачја“, рече таа.
Од Министерството потенцираат дека во рамки на проектот за прогласување на Шар Планина за национален парк, се изработува и „црвена листа на загрозени видови“, кои понатаму ќе имаат приоритетно место во креирање на мерките и политиките за заштита. По изработката на студија за валоризација, процесот за прогласување на Шара за национален парк предвидува 10-тина чекори меѓу кои јавна презентација на студиските податоци, јавни расправи и предлог закон.