Достапни линкови

Заев ослободен за „Поткуп“


Премиерот Зоран Заев пред Основен суд Скопје 1, на судење за случајот „Поткуп“
Премиерот Зоран Заев пред Основен суд Скопје 1, на судење за случајот „Поткуп“

Кривичниот суд во Скопје го ослободи од обвинение премиерот Зоран Заев за случајот „Поткуп“. Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев. Според пресудата, обвинителството не успеало да докаже дека Заев го сторил делото.

Премиерот Зоран Заев денеска беше ослободен од обвинението за случајот „Поткуп“. Судијата Дарко Тодоровски, при изрекувањето на пресудата во Кривичниот суд, рече дека јавниот обвинител не докажал оти Заев го сторил кривично дело за кое се товареше.

На претходните рочишта јавниот обвинител побара делото да биде преквалификувано од примање во барање поткуп, по што судијата ги отфрли доказите во случајот прибавени преку посебните истражни мерки, односно видео-снимките и телефонските разговори. За делото барање поткуп, согласно законот, Тодоровски порача дека не може да бидат спроведени посебни истражни мерки.

Заев рече дека очекувал ослободителна пресуда.

„Веројатно како за секој граѓанин при изрекување на пресуда, така и за мене трауматичен е моментот. Но, сум среќен поради тоа што добив ослободителна пресуда. Среќен сум поради тоа што конечно ја докажав мојата невиност и дочекав правда. Му го посакувам тоа на секој граѓанин на Република Македонија при независно судство и транспарентни постапки како што беше оваа мојата за предметот „Поткуп“, поради тоа што само така Република Македонија може да биде нормална земја“, рече Заев.

Заев во „Поткуп“ беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште. На едно од рочиштата кое беше затворено за јавноста беше презентирана и целата снимка на која Заев разговара со Сачевалиев, а чиј дел претходно беше објавен на Јутјуб.

Заев рече дека тој не ја поседува снимката и би сакал целата да биде објавена во јавноста.

„Само некако да ја добијам. Апелирам институциите што ја имаат да ја објават. Јас ја немам. Со самата објава на снимката ќе можев до крај да го обелам мојот образ“, порача Заев.

Заев тврдеше дека бил наместен од тогашните власти со цел да се спречи објавувањето на таканаречените бомби од прислушуваните разговори. Доколку беше прогласен за виновен Заев се соочуваше со казна затвор од 1 до 5 години.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG