Достапни линкови

Паралелниот увоз на лекови е контроверзен


Собранието го усвои Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за лекови, со кој, според Министерството за здравство, ќе се обезбедат квалитетни лекови за граѓаните преку паралелен увоз. Здружението на пациенти со ретки болести бараат паралелниот увоз на лекови да биде целосно укинат.

Паралелниот увоз на лекови е контроверзен зашто неговите предности и мани за здравствениот систем и натаму се нејасни, велат дел од здравствените работници. До нивниот коментар доаѓа откако Собранието го усвои предлог законот за лекови со кој паралелниот увоз продолжува.

Покрај лековите кои имаат одобрување за ставање во промет преку тендерска процедура со официјалните застапници на лекот, со законот лековите може да бидат во промет и врз основа на паралелниот увоз. Некои здравствени лица сметаат дека и новите прописи оставаат можност за манипулација на подрачјето на паралелниот увоз и оти потребно е дополнително да се дефинираат критериумите за нивно ставање во промет.

Ибер Бесими, заменик претседател на Лекарската комора посочува дека за да има квалитетни лекови треба да се смени начинот на набавка и цената на лековите да не биде репер при набавката.

„Сега во законот стои дека 100 проценти цената е приоритет при набавката на лекови. Тоа веднаш доведува до впечаток за сомнителни набавки и помал квалитет. Ако има клаузула за квалитетна комисија која ќе го утврдува квалитетот на лекот веднаш би се вовел некаков ред и тоа би донело поквалитетни лекарства, а тоа би влијаело на квалитетот на здравствената услуга и со тоа би пружиле поквалитетна услуга“ вели Бесими.

Според него, исто така, дискутабилно е дали во Македонија има лаборатории кои може да го испитуваат биолошкиот квалитет на лековите.

„Реално тој начин на увоз и внесување на лекарства априори без соодветна проверка на квалитет доведува до непријатни ситуации зашто не може да го утврдиме квалитет на лекот. На прво место треба да е квалитет, треба да има протоколи за внесување на лекарства и да има проверки, клинички и фармаколошки, сите процедури кои се познати во светски рамки“ вели Бесими

Од здружението за ретки болести сметаат дека паралелниот увоз треба да се укине или увозот да се усогласи со европските регулативи.

Тие сметаат дека измените не се гаранција дека пациентите ќе добиваат безбедни лекови. Со измените во законот ќе се бара сертификат за квалитет од производителот на лекот и каде и како бил чуван лекот од дистрибутерот, како и сертификат од лабораторија за квалитетот.

Но Весна Алексовска, претседател на Здружeнието на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“ се сомнева дека и сертификатите може да бидат фалсификувани со оглед на претходните искуства со фалсификувани лекови.

„Сметаме дека најдобра идеја е законот како што се донесе пред неколку години така да се укине. Во Европа има паралелен увоз, но не од било каде, туку на пример ако Германија купила повеќе аспирин од што има потреба, Франција ќе ги преземе со парелелен увоз и на тој начин ќе се заштеди. Ако приоритет е да влеземе во Европа зошто не се носат европски закони, а не да ги менуваме како што ќе ни текне“, вели Алексовска

Собранието пред неколку денови го усвои Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински отпад, во прво читање, со кој, според ресорниот министер Венко Филипче, ќе се обезбедат квалитетни лекови за граѓаните преку паралелен увоз. За паралелниот увоз на лекови новите законски измени предвидуваат задолжително да има два сертификата за квалитет – едниот од призводителот на лекот, а вториот од земјата каде се произведува или од овластена лабораторија во нашата земја.

Во изминатиот период имаше контроверзи во врска со лековите од паралелниот увоз за пациентите кои се лекуваат на клиниките за онкологија, хематологија, дијабет како и за ретките болести. Од здруженијата на пациенти реагираа дека по старите одредби од законот лековите од дистрибутери се набавуваа без сертификати за квалитетот и безбедност.

Во јавноста сеуште нема одговори на прашањата дали, кој и како увезувал фалсификувани лекови.

„Не се даде статистика ниту дали се заштедило а имаше фалсификати и намалена акивност на лекот, имаше проблеми кај болни од дијабет и онкологија но сеуште се испитува. Ваков случај имаше и во Албанија и го укина паралелниот увоз. Ако некој фалсификува лекови, зошто не и сертификат“, вели Алексовска.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG