Достапни линкови

Судирот на светските сили и името - теми во медиумите


Владата на премиерот Зоран Заев ја преживеа интерпелацијата во Собранието.
Владата на премиерот Зоран Заев ја преживеа интерпелацијата во Собранието.

Медиумите пишуваат за „судирот“ меѓу САД и Русија, за посетата на Коѕијас и разговорите за името и за тоа што Владата ја преживеа интерплацијата.

Дали се реални или се само претпоставки најавите дека Русија веќе ја започнала Третата светска војна, како што смета украинскиот министер за надворешни работи, Климкин, а Вечер и Слободен печат наоѓаат сензација во овие вести?

Темата на денот во Вечер гласи: „Дали воен судир меѓу Америка и Русија е неизбежен?“, па друга анализа: „Почнува Трета светска војна? Америка тргнува во напад на Сирија, Европа издаде предупредување за источниот Медитеран!?“

За разлика од Вечер кој насловите ги објавува со прашалници, Слободен печат се чини посигурен, па во насловот става извичник: „Последни подготовки за опасен воен судир на велесилите – САД и Русија пред војна во Сирија!“ Истиот весник ја објавува и изјавата на турскиот премиер Јилдирим кој ги „кара“ двете суперсили: „САД и Русија се расправаат како уличари... објавуваат твитови, се закануваат еден на друг. Едниот вели јас имам подобра ракета, другиот вели јас имам поубава ракета... “, изјавил турскиот премиер.

Вечер ја цитира РСЕ со провокативен наслов: „Името договорено, ерга омнес спорно? Ќе станеме Горномакедонци (Upper Macedonia)?!“ Весникот нагласува дека Радиото се финансира од американскиот Конгрес, иако ова се главно информации од извори на кои се повикува Независен весник.

Нова Македонија и другите електронски изданија на печатените медиуми објавија дека шефот на грчката дипломатија Коѕијас пристигна во средата попладне за нова рунда разговори за името со македонскиот колега Димитров. Истиот весник ја објавува изјавата на Димитров дека „очекува прогрес од разговорите со Коѕијас во Охрид“.

„Собранието изгласа доверба на Владата по 12-часовна расправа“, објави Нова Македонија. Вечер оди со два наслова: „Владата преживеа, Заев останува премиер“ и „Што си порачаа: Заев: Груевски ти си минато; Груевски: Ова е трчи-лажи влада“. Партијата за движење на Турците му се лути на Груевски по изјавата дека против него се воделе монтирани судски процеси што не се паметат ниту во турско... Ова го објави Вечер, со додавка од соопштението на оваа партија дека „во периодот на Османската империја, за кој зборува Груевски, судењата сигурно биле поправедни отколку во десетгодишното негово владеење“.

Фридом Хаус, американската невладина организација, во најновиот извештај за Македонија нотира ослободување на заробената држава, објавува Нова Македонија. „Најголемата шанса за демократски напредок во Европа денес се наоѓа во Македонија“, стои во Извештајот, пренесува весникот. Како земји во кои е забележано најголемо назадување во изминатата година, Фридом Хаус ги навела Полска, Унгарија и Србија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG