Рускиот претседател Владимир Путин откако доби уште еден шестгодишен мандат изјави дека неговата победа отвора можности за натамошни решителни чекори во развојот на Русија.
65 годишниот Путин на собирот во центарот на Москва кој официјално беше наречен „Русија, Севастопол Крим“, посветен на четири годишнината од припојувањето на Крим кон Русија, изјави дека неговата победа била признание за она што било направено досега.
„Во ова гледам, во најмала рака, признание за она што е направено во изминатите неколку години во многу тешки услови. Во оваа смисла гледам доверба и надеж, надеж кај нашиот народ дека ќе продолжиме да работиме исто толку интензивно и одговорно, па дури и поефикасно“.
Веднаш потоа во обраќањето во неговиот изборен штаб тој прецизира дека е неопходно сите во земјата како приоритет да го имаат нејзиниот развој.
„Не е случајно тоа што го кажав претходно. Очекувам сите политички сили да не бидат управувани од нивните клановски или партиски интереси, не од нивните групни интереси, туку од националните. Ова е многу важно".
Путин исто така беше запрашан дали ќе се кандидира на некои следни избори за шеф на државата при што изјави:
„Мене ова што го зборувате ми е малку смешно. Да пресметаме. Дали ќе бидам тука до 100 години? Не“.
Сегашниот лимит од два последоватлни претседателски мандата значи дека Путин не е во можност повторно да се кандидира во 2024 година без да го менува Уставот.
Во врска со ова пак тој рече дека не размислува за такво нешто.
Путин е претседател или премиер на Русија уште од 1999 година.
Според Централната изборна комисија, на изборите скоро 55 ипол милиони граѓани гласале за Путин.
На второ место е кандидатот на Комунистичката партија Павел Грудинин со 11 проценти од гласовите, а на трето ултранационалистот Владимир Жириновски со 5,6 насто.
Одѕивот на гласачите бил над 67 проценти.