Пиле–копче е новоизбраниот сувенир на годината на Општината Куманово, чиј автор е дизајнерот Јелена Спасовски од Куманово, која се занимава и со филиграни.
Сувенирот е избрaн од комисија по конкурсот на Општината, во рамките на програмата за општа туристичка пропаганда.
Според дизајнерката, таа својата инспирација ја добила по посетата на Музејот во Куманово, каде што ги разгледала музејските експонати, главно тесно поврзани со традиционални народни носии. При тоа се одлучила да го изработи овој мал, но значаен украсен дел на носиите на жените, првенствено на невестите во почетокот на минатиот век.
„Пиле-копче е женски накит, женски брош што во текот на 20-от век го носеле исклучиво невестите. Се изработува со срмен конец проткаен со кристали, а за да се финишира брошот ми требаа пет до шест денови. Немав некоја посебна идеја, во Музејот во Куманово го погледнав накитот, ми се допадна овој брош и се одлучив да го изработам.“
Победничката на конкурсот која од Општината ќе добие парична награда (од 30 илјади денари), има обврска да изработи уште десетина примероци кои во текот на годината ќе бидат подарувани на одредени делегации или при посета на одредени градови.
Градоначалникот Максим Димитриевски, изјави дека ова е втора година како Куманово избира сувенир на Општината.
„Најголем дел од апликациите беа со мотиви кои доаѓаат од културата и елементи од народните носии. Навистина она што беше избрано од комисијата е едно сериозно дело, а верувам дека и на јавноста ќе и се допадне“, рече градоначланикот.
Димитриевски рече дека пријавените на конкурсот со свои ракотворби покажале дека овој град има многу креативни луѓе.
Сувенирот пиле-копче ќе биде користен за туристичка промоција на градот и Општината Куманово секаде каде што ќе има потреба за покажување на спецификите со кои се одликува овој дел од земјава.