Достапни линкови

Белград и Приштина го осудија убиството на Ивановиќ


Архива: Лидерот на иницијативата „Слобода, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ.
Архива: Лидерот на иницијативата „Слобода, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ.

Лидерот на иницијативата „Слобода, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ денеска е убиен во Северна Митровица, откако пред неговата канцеларија непознат напаѓач го застрелал најмалку пет пати.

Косовското обвинителство соопшти дека врз Ивановиќ било пукано од автомобил во движење, по што напаѓачот побегнал и дека по него се трага.

65-годишниот Ивановиќ им подлегнал на повредите по нападот кој се случил во 8 и 15 часот пред неговата канцеларија во Северна Митровица, истакна неговиот адвокат Небојша Влајиќ, а информациите ги потврди и главниот обвинител во Митровица.

Тој имал најмалку пет прострелни рани во пределот на горниот дел на градниот кош, изјави директорот на болницата во Митровица.

Косовските власти го осудија нападот

Претседателот на Косово Хашим Тачи остро го осуди убиството на лидерот на Ивановиќ, повикувајќи ги надлежните што поскоро да ги расветлат околностите за убиството и сторителите да ги изведат пред лицето на правдата.

Остра осуда пристигна и од Владата на Косово која истакна дека насилство е неприфатливо без оглед од кого доаѓа и против кого е насочено.

„Владата на Косово смета дека чинот на убиството на Оливер Ивановиќ го доведува во предизвик владеењето на законите и воспоставувањето ред на целата територија на Косово.“

Косовската Влада исто така ги повикува граѓаните да соработуваат со надлежните органи во расветлувањето на случајот, а од безбедносните органи сторителите на злосторството да ги изведат пред правдата.

Могерини повика на смиреност

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини телефонски разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот претседател Хашим Тачи за настанатата ситуација по денешното убиство на Оливер Ивановиќ.

Могерини остро го осудила убиството на Ивановиќ и изразила сочувство на семејството и пријателите. Таа ја истакнала важноста релевантните институции за владеењето на правото на Косово да ги пронајдат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата.

Таа истакнала дека ЕУЛЕКС ќе ги поддржи косовските власти согласно нивниот мандат и ги повика сите страни да покажат смиреност и воздржаност за да го овозможат правосудството да се занимава со прашањето.

Вучиќ: Убиството е терористички акт

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека убиството на Ивановиќ е терористички акт и оти е упатено писмо до ЕУЛЕКС и УМНИК со барање државните органи на Србија да учествуваат во спроведувањето на истрагата на Косово и Метохија, пренесува БЕТА.

Тој истакна дека очекува Обвинителството за организиран криминал денеска да покрене со истражна постапка. Вучиќ изрази сочувство до семејството на Ивановиќ.

Во меѓувреме и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска во Подгорица изјави дека убиството на Ивановиќ е терористички акт кој ја загрозува стабилноста, не само на северот на Косово, туку на целиот регион.

„Бараме полицијата да реагира и да ги уапси сторителите на ова насилство на овој гнасен терористички акт. Најважно е да се сочува мирот на Косово“, рече Дачиќ.

Лидерот на иницијативата „Слобода, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ во 1999 година беше избран за претседател на Извршниот одбор на Српскиот национален совет за северно Косово, по што во 2001 година е именуван за шеф на Службата за економси развој при српскиот владин Координативен центар за Косово и Метохија.

Од 2008 до 2012 година беше државен секретар во српското Министерство за Косово и Метохија, по што ја формира партијата СДП.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG