Достапни линкови

Поради компјутерска грешка ги снемува податоците за воздухот во Тетово


Мерната станица за загадувањето на воздухот во Тетово
Мерната станица за загадувањето на воздухот во Тетово

Податоците за загадувањето на воздухот по часови во Тетово ги има, но понекогаш ги снемува среднодневните податоци. Надлежните велат дека има компјутерска грешка која се трудат да ја отстранат.

Често пати се случува да нема податоци на посебната интернет страница на Министерството за животна средина и просторно планирање за квалитетот на воздухот. Вработените во Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух, под чија надлежност се мерните станици, објаснуваат дека анализата на воздухот се одвива компјутерски. Најчесто техничка грешка во компјутерскиот системот, таканаречениот баг, е една од причините да ги нема пред сè информациите за среднодневните концентрации на разните параметри, вели Љупчо Гроздановски, советник за калибрација на опремата на автоматските мониторинг станици.

„Во самиот веб портал ги имате како часовни податоци, но ги нема како среднодневни. Има некој баг, сè уште сме во фаза на решавање на тој проблем. Тоа треба ние да го отклониме заедно со луѓето што ја инсталираа таа нова опрема која почна да функционира некаде од август месец за станицата во Тетово. Се променети сите инструменти, се постави нова опрема таму“, објаснува Гроздановски.

Постојат и субјективни причини за немањето податоци. Од Мониторинг системот потенцираат дека само на нивната страница се релевантни информациите.

„Ако ги земате од апликацијата за мобилен, мора да знаете дека таа апликација Министерството не ја развива и тоа е некој дечко којшто ги презема нашите податоци. Значи таму може да има проблем со апликацијата, проблем со влечење на податоци од кај нас. Втора работа, податоци може да нема во случај кога снемало струја, па самиот дата логер да не се „подигнал“ добро сè додека не отидеме на лице место да го отклониме дефектот“, вели советникот.

За анализирање на воздухот во самите мониторинг станици има специјални инструменти. По преработката на примероците воздух, инструментот создава мерливи и преносливи податоци. Се испраќаат преку ГПРС системот за безжично пренесување податоци во сервер на Министерството за животна средина.

„Додека самите инструменти прават мерења на две секунди, на пет секунди зависно од кој инструмент. Нас нè интересираат часовните. Тие се релевантни податоци како часовни и средните. Од целиот час којшто поминал се прави усреднување на сите вредности и после тие податоци се испраќаат кон нашиот сервер, а понатаму кон веб порталот airquality.moepp.gov.mk“, потенцира службеникот.

Тетовската мерна станица е една од 17 мерни места во Македонија. 24 часа на ден се следи состојбата со разните параметри на воздухот како сулфур диоксид, азотни оксиди, јаглерод моноксид, суспендирани честички со големина до 10 микрометри, суспендирани честички со големина до 2,5 микрометри, озон, бензен, толуен, етил-бензен, орто и пара ксилен.

XS
SM
MD
LG