Рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
„Би сакал да истакнам дека Русија и Турција ја сметаат одлуката на САД за признавање на Ерусалим како главен град на Израел и за пренесување на американската амбасада во тој град не помага за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток. Напротив, ја дестабилизира ситуацијата и онака сложената ситуацијаво регионот. Таа може во суштина да гинамали перспективите на израелско-палестинскиот мировен процес“.
Според Путин, статусот на Ерусалим треба да биде договорен во директни преговори меѓу Израел и Палестинците.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека Анкара и Москва се на иста страна во врска со американскиот потег за Ерусалим и најави силен одговор од утрешната седница на Организацијата на исламската конференција.
„Како актуелен претседател на Организацијата за исламска соработка ги поканив лидерите на вонреден самит во Истанбул и ќе се состанеме во Истанбул. Се надевам дека ќе дадеме силна порака. Гледам дека имаме сличен став со Путин околу Ерусалим“.
Ердоган, исто така, рече дека турски и руски официјални претставници ќе се состанат во наредната недела за да го финализираат договорот за ракетниот систем „Ес-400".
Турција преговара со Русија за купување на системот повеќе од една година.
Вашингтон и некои од нејзините сојузници во НАТО се противат со образложение дека тоа оружје не може да се интегрира во одбраната на Алијансата.
Ердоган додаде дека на едночасовната средба со Путин станало збор и за начините за решавање на конфликтот во Сирија и дека се договориле одново да се сретнат во Сочи што е можно поскоро за да разговараат на оваа тема.
Претходно, Пентагон воздржано реагира на објавата на Путин, кој пред Турција ненајвено престојуваше во Сирија, за повлекување на значителен дел на руските сили од таа земја.
Москва во минатата недела објави целосно ослободување на Сирија од Исламската држава.