Достапни линкови

Научни истражувачи за Кокино - Дар за боговите


Втората Меѓународна научна археолошка конференција е насловена Кокино, но со поднаслов Дар за боговите, примери од вотивни дарувања, светилишта, храмови и цркви, вели Дејан Ѓорѓиевски, археолог од кумановскиот Музеј.

Мегалитската опсерваторија Кокино во истоименото село во атарот на Општината Старо Нагоричане безмалку две децении е и светска туристичка атракција, но и предмет на научни истражувања и археолошки ископувања. Како локалитет со исклучителна важност за државава, но и за светот, со проектот на Музејот од Куманово, вклучен во програмата на УНЕСКО, минатата и оваа година бројни истражувачи од Македонија и од странство расправале за научна, културна и туристичка афирмација на локалитетот.

Втората Меѓународна научна археолошка конференција е насловена Кокино, но со поднаслов Дар за боговите, примери од вотивни дарувања, светилишта, храмови и цркви, вели Дејан Ѓорѓиевски, археолог од кумановскиот Музеј.

„На тој начин го избегнавме оној период само за Кокино, туку во целата организација вклучивме и луѓе кои што се занимаваат со различни историски периоди. На конференцијата учествуваа 33 истражувачи кои на потесен или на поширок начин се врзани со проблематиката на вотивните дарувања“, вели Ѓорѓиевски.

Според Ѓорѓиевски учесниците на конференцијата биле од Македонија, Србија, Бугарија, Косово,Грција, САД, а тој се надева дека следната година конференцијата ќе биде уште подобра. По археолошката изложба на артефактите пронајдени на овој локалитет во Музејот во Куманово, ова е втор дел од проектот.

„Како круна на сето тоа би требало да следат публикации, бидејќи бадијала правиме конференции, ако не оставиме нешто пишано зад нас кое ќе биде дистрибуирано до светските библиотеки. На крајот од годината планираме да ги собереме сите ракописи, да направиме една поголема публикација. Каталогот за Кокино веќе го направивме и тоа ќе биде едно заокружување на таа научна афирмација на Кокино“, додава Ѓорѓиевски.

Филип Михајлов од Музејот во Перник, Бугарија вели дека Кокино е еден од прекрасните локалитети и од научен аспект.

„Кокино е еден од најпрекрасните објекти кои што сум ги видел. Неверојатно е и како светилиште и како објект со многу и исклучително интересни пронајдоци. Сосема е сигурно дека Кокино бил важен култен центар за реонот, но и малку пошироко“, вели Михајлов.

Тој вели дека присуството на добро организираната конференција за него, како и за останатите учесници било не само многу пријатно,туку и многу полезно.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG